Достапни линкови

Објавена првата Антологија на македонската слем-поезија


Насловната страница на Антологија на македонската слем поезија автор Владимир Лукаш
Насловната страница на Антологија на македонската слем поезија автор Владимир Лукаш

Деновиве, како издание на Театарска работилница Прилеп, од печат излезе првата и единствена Антологија на македонската слем-поезија. Во ова пионерско двојазично издание на македонски и англиски јазик е поместен изборот на слем песни од десеттина домашни творци.

Цветанка Колева, Перо Сарџоски, Марија Грубор, Лиле Јовановска, Исток Улчар, Игор Трпчески – Трпче, Елена Пренџова, Горазд Китановски – Кени, Афродита Николова и Аница Блажевска се десетте македонски слем поетеси и слем поети, чии одбрани песни се најдоа во првата и досега единствена Антологија на македонската слем-поезија, што како издание на Театарска работилница Прилеп излезе деновиве.

Станува збор за автори творци чие присуство е бележито во земјава и странство во последнава декада. Така актерот и поет Игор Трпчески Трпче е главниот организатор на Националниот слем-натпревар што секоја година се одржува на 10. или 11. октомври во Прилеп и неколкукратен национален претставник на Европското слем-првенство. Колева и Сарџоски се дел од Поетри слем-тимот од самите почетоци на слемот во Македонија. Грубор е нациналната претставничка на Европското слем-првенство за 2018 година, а Пренџова за 2016 година, но и соорганизаторка и слем-едукаторка. Горазд Кени е националниот победник за оваа 2021година, Николова е активна на европската слем-сцена и научно го истражува слемот, а Јовановска, Улчар и Блажевска беа високо позиционирани на раните слем-настани во Македонија.

Антологијата на македонската слем поезија е двојазична, на македонски и на англиски јазик. Препевите на англиски се на Сандра Авросиевска, Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, Сарџоски и Пренџова, а дизајнот на корицата е на Владимир Лукаш.

Антологија на македонската слем-поезија е потврда дека слемот е веќе мапиран на македонската литературна сцена. Антологијата долги години стоеше во ракопис чекајќи го вистинското време на публикување и излезе точно 11 години по првиот одржан слем во Македонија, а во истата година кога, на пример, и соседна Србија ја издаде својата прва слем-антологија. Во однос со светот, тековно Македонија е членка на Светската слем-организација во која членуваат сите земји со активна слем-сцена од сите континенти, вели Елена Пренџова, инаку уредничка на оваа објава.

Елена Пренџова на слем натпреварот во Естонија

Таа и со дополна дека македонските слемерки и слемери повеќе од половина декада се присутни на интернационалната сцена.

Веќе 5–6 години по ред ние го/ја испраќаме националниот/националната претставник/претставничка на Европското слем-првенство. Оваа година, поради рестрикциите за патување поради пандемијата, македонскиот репрезентативец е овогодишниот второпласиран Никола Дукоски, а овогодишната третопласирана Валерија Дамчевска ќе биде нашето национално жири. Десетте најдобри на Европското, автоматски се пласираат на Светското првенство. Ова мапирање на македонскиот слем на светската слем-сцена е благодарение на посветеноста и, пред сè, квалитетот на македонските слемер(к)и, појаснува Пренџова.

А, Игор Трпчески од Театарската работилница Прилеп, потписниците на овој пионерски проект, истакнува дека нему му е посебно драго појавувањето на ова двојазично издание и дека со него тие успешно ја заокружуваат оваа пандемиска година.

По дуо-драмата „Мендо и Мајло“ од Мирјанка Ристеска Селчанец и реализацијата на литературната манифестација„ 11 години Поетски Слем Македонија 2021“, „Антологија на македонската слем поезија“ е трет и последен проект на Театарска Работилница Прилеп поддржан од Министерство за култура за оваа година. Ние овде не запираме. Театарска Работилница Прилеп верува дека има уште многу автори кои треба да бидат издадени, преведени и претставени пред домашната и светска јавност, ќе рече Трпчески.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG