Бугарија почна да добива природен гас преку интерконекторот со Грција, што има за цел да ја прекине зависноста на земјата од испораките од Русија. Приклучокот за гас беше пуштен во употреба изутрината кога во Софија се одржа церемонијата за неговото комерцијалното пуштање во употреба, со учество на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Бугарија Румен Радев, премиерот на Грција Киријакос Мицотакис и лидерите на други земјите од регионот меѓу кои и македонскиот претседател Стево Пендаровски.
Интерконекторот со Грција профункционира 13 години откако за првпат се појави идејата за него. Ова се случи во зимата 2009 година, кога Русија еднострано го прекина транзитот низ Украина и една недела го остави регионот без снабдување со природен гас. Гасното поврзување пак, доаѓа пет месеци откако Русија еднострано престана да и испорачува гас за Бугарија, во ек на европските санкции наметнати како одговор на руската воена инвазија врз Украина.
Интерконекторот и овозможува на Бугарија да ги добива целосните количини природен гас од Азербејџан и тоа по цена според долгорочен договор, а не по пазарни цени како досега. Тоа ќе овозможи снабдување со гас од терминалот за ЛНГ во Александруполис, кој е пред комплетирање.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на церемонијата истакна дека интерконекторот ќе помогне да се ограничи способноста на Москва да врши притисок врз членките на Европската унија и другите земји.
„Денес започнува нова ера за Бугарија и Југоисточна Европа. Овој проект значи слобода, слобода од зависноста од рускиот гас. Во Бугарија и низ цела Европа луѓето ги чувствуваат последиците од руската војна, но благодарение на ваквите проекти, Европа ќе има доволно гас за зимата“, рече таа.
Бугарскиот претседател, Румен Радев пак истакна дека интерконекторот одлучно ја менува енергетската карта на Европа, што според него е многу важно откако „руската војна во Украина сериозно и многу брзо го промени нашиот начин на размислување“.
„Интерконекторот меѓу Бугарија и Грција драстично ја менува енергетската карта на Европа и конечно имаме вистински проток на гас од Азербејџан“, изјави домаќинот на настанот, бугарскиот претседател Румен Радев во своето обраќање на церемонијата.
Тој нагласи дека оваа гасна врска е можност не само за Бугарија, туку и за Романија, Србија, Северна Македонија и многу други земји од Централна и Југоисточна Европа. Радев се обрати и кон грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој исто така присуствуваше на церемонијата, истакнувајќи дека Бугарија очекува пуштање во употреба и на гасниот центар во Александрополи, со што, според него, ќе се постигне вистинска диверзификација на снабдувањето со гас.
Грчкиот премиер Мицотакис кој повика на силна европска позиција против „руската гасна уцена“, се осврна на регионалните проекти и важноста на терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александрополи.
„Знаете дека важниот проектот во Александрополи со терминалот и складирањето ќе ни помогне да обезбедиме енергетска безбедност не само за Грција, туку и за други земји од Југоисточна Европа, но не само за нив туку дури и за земјите од централна Европа“, порача грчкиот премиер.
Во однос на новиот интерконектор, рече дека испораките на природен гас од Азербејџан за Бугарија ќе значат и прекин на „силниот притисок на рускиот гас во регионот“.
Македонскиот претседател Пендаровски пак истакна дека пуштањето на интерконекторот отвора се случува во клучен момент, кога регионот се соочуваат со изгледите за тешка зима, зголемена инфлација и преголема невработеност. Тој му упати честитки на Азербејџан за конструктивната улога во текот на целиот потфат и ги поздрави Грција и Бугарија, што се подготвени да ја прошират енергетската инфраструктура во нашиот регион.
„ Јасно е, колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид. За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, Северна Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока“, потенцираше Пендаровски.
На церемонијата чиј домаќин беше претседателот Румен Радев, присуствуваа и претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, претседателот на Србија Александар Вучиќ, како и премиерот на Романија Николае Чука.
Гасната врска со Грција е со капацитет од 3 милијарди кубни метри годишно, што е приближно целата годишна потрошувачка на Бугарија. До 2024 година нејзиниот капацитет треба да се зголеми на 5 милијарди кубни метри годишно со изградба на компресорска станица во Комотини.
Гасниот интерконектор ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора. Овој интерконектор за Македонија има и дополнително значење, бидејќи ќе овозможи пристап до складиштето за природен гас во Чилен во Бугарија, преку кој може да се набавуваме течен гас од терминалот во грчкиот град Александрополи, а во текот на летото кога е поевтин и да се складира во Бугарија.
Гасното поврзување со Грција Европската комисија го најави како проект од заеднички интерес на Европската унија. Кофинансиран е со 250 милиони евра од европскиот буџет.