Собранието повторно е под закана од блокада. Причината е најавата за нова иницијатива за референдум, откако претседателот на Собранието Талат Џафери ја отфрли претходната поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Договорот со Бугарија.
Новата инцијатива ја најави партијата Левица, која има двајца пратеници во Парламентот, без да прецизира како ќе гласи референдумското прашање.
Но, од партијата се заканија дека целосно ќе го парализираат Собранието ако Џафери ја одбие и оваа иницијатива и дека за тоа се договориле со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаме договор со ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе доведеме до целосна парализа на Законодавниот дом. Тоа значи блокирање на сите комисии и на сите пленарни седници“, изјави пратеникот на Левица Борислав Крмов.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави поддршка на иницијативата на Левица за референдум.
„Секоја иницијатива, којашто е во насока на тоа што ние го бараме, ќе ја поддржиме“, изјави денеска Мицкоски, но не даде јасен одговор на прашањето дали нивната партија целосно ќе го блокира Парламентот.
Владејачката СДСМ на новата иницијатива гледа како повторен обид на ВМРО-ДПМНЕ и Левица за „неуставно да ги сопрат евроинтеграциите.“
„Северна Македонија го почна преговорите со ЕУ и наша обврска како сериозна државотворна партија е на брза лента да се движиме напред“, велат од СДСМ.
Од друга страна, претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека не е можно целосна блокада на законодавниот дом. Опозицијата може да не ги разгледува точките на комисиите кои ги води, но точките на останатите комисии ќе одат на пленарни седници, вели тој.
Недостатокот на политички дијалог и долгогодишниот конфликтот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, меѓу другото, често резултира со нефункционалност на Собранието.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, сепак, не се согласува со перцепцијата за Собранието како нефункционална институција.
Според него, за тој впечаток во јавноста виновна е владејачката коалиција во Собранието и начинот на нејзиното функционирање минатите пет години.
„Партиите од власта обично се поставуваат подредено на Владата и на барањата на Владата, на раководствата на владејачките партии кои одредени процеси и законски решенија ги поминуваат во Собранието, без да ги почитуваат правилата и процедурите“, вели Мицевски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Опозицијата минатата недела ја поднесе иницијативата за референдумско изјаснување во врска со договорот кој Македонија во 2017 година го потпиша со Бугарија.
Но, Мицевски е скептичен дека може да помине нова иницијатива за референдум во Собранието, бидејќи смета дека и таа ќе биде отфрлена од страна на претседателот на Собранието Џафери.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ претходно одлучи на референдумското прашање да ги праша граѓаните: „Дали сте за Напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.“
За владејачките партии оваа иницијатива не е само поништување на договорот со Бугарија, туку на неа гледаат како напуштање на интеграцијата на Македонија во ЕУ.
„Договорот со Република Бугарија е еден од столбовите на евро-атлантска Република Северна Македонија, заедно со Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешен брифинг со новинарите.
За најавената нова иницијатива за референдум, Османи вели дека меѓународните договори не може да бидат поништени со еднострани одлуки, но оценува и дека станува збор за еднонационални референдуми за стратешки прашања кои можат да бидат опасен преседан за државата.
Поради препукувањата за меѓународните договори, десетици други закони и натаму се блокирани во Собранието, некои од нив заглавени и по две години. Дел од нив се блокирани во собраниските комисии, други на пленарните седници.
Опозицијата од мај годинава започна со активна блокада на Парламентот која ја продолжи откако Франција во јули го даде предлогот за откочување на евроинтеграциите на Македонија со ЕУ. Активната блокада според ВМРО-ДПМНЕ значи да поддржи усвојување само на закони кои се важни за граѓаните.
Евроинтеграциите беа закочени и покрај тоа што Владите на Македонија и Бугарија во 2017 година го потпишаа Договорот за добрососедство со Бугарија, кој во 2018 година беше ратификуван во македонското Собрание на седница која ја бојкотираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Кога се очекуваше Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, Бугарија стави вето со тврдење дека земјава не го почитува Договорот, но и дека македонската нација е измислена и македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
Со францускиот предлог дел од бугарските барања влегоа во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, но предизвика и протести во Скопје. Скринигот како прва фаза од преговарачкиот процес со ЕУ Северна Македонија го почна вчера во Брисел, а пристапните преговори по поглавја ќе започнат откако ќе се усвојат измени на Уставот со вклучување на Бугарите во Преамбулата.