Достапни линкови

Нов предизвик за пратеничките брзи прсти


Седница на собраниската Комисија за уставни прашања
Седница на собраниската Комисија за уставни прашања

Блокади, одолговлекување, бојкот и други деловнички механизми, наместо суштинска дебата, беа на репертоарот на пратениците досега кога во Собранието се дискутираше за важни работи. Сега се исправени пред нов предизвик - да го сменат Уставот или да се самораспуштат.

Пратениците се пред дилемата дали ќе обезбедат двотретинско мнозинство за да се промени Уставот или ќе се распишат нови избори и ќе се распушти Парламентот. Работата на Собранието од самото формирање на новиот состав наидуваше на одолговлекување на носење на важни закони, „искористување“ на Деловникот да се блокира Парламентот, Законодавниот дом често функционира на работ на кворум, опозицијата со месеци бојкотираше.

Во изминатиот период Парламентот не успеа да се претвори во место каде што ќе се креираат политиките врз основа на ефикасна расправа, а во исто време да не се претвори во кочница за спроведување на политиките, велат аналитичарите.

Поранешниот пратеник Насер Зибери вели дека овој пратенички состав не се разликува многу од претходните и дека пратениците не можеле да се сложат да донесат одлуки дури и за, како што вели, помали работи.

Лично сум скептик дека овој пратенички состав може да биде на ниво на одговорноста и задачата пред која е исправен во овој момент“, вели Зибери.

Професор Никола Дујовски, пак, вели дека уставните измени се неопходност и тоа ќе се случи, порано или подоцна. Но, како што вели, нема сериозен аналитичар кој со сигурност ќе кажа како ќе се одвиваат работите.

„Има контакти меѓу владејачката партија и најголемата опозициска партија. Има некои најави дека може да се обезбеди разумна поддршка од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но не се знае што ќе донесе наредниот ден“, вели тој.

Крвави настани, притоворени пратеници, бојкот

На пратениците од овој парламентарен состав на самиот крај на 2016 им беа верификувани мандатите, но неколку месеци не се знаеше кој е од власта, а кој од опозицијата, оти се чекаше претседателот на државата Ѓорге Иванов да му го додели мандатот на Зоран Заев, откако Никола Груевски не успеа да состави Влада. На првите седници се зборуваше за сè и сешто, освен за тоа што требаше – да се избере претседател на Собранието. На крајот на април 2017, сегашното мнозинство го изгласа Талат Џафери за парламентарен спикер, но во необични услови, проследено со нереди, упад во Собрание од протестирачи, тепани пратеници и новинари. Сето тоа резултираше со обвинение за крвавите собраниски настани, против десетици луѓе, меѓу кои и шест пратеници, кои останаа и без пратеничкиот имунитет. Потоа опозицијата го бојкотираше Собранието, а на работа се вратија, откако пратениците беа пуштени од притвор.

Според Зибери, пропорционалниот изборен модел ги „дисциплинира“ пратениците.

Нивната судбина зависи од партиската врхушка и најчесто од лидерот. А мнозинскиот изборен модел или евентуално пропорционалниот со отворени листи, типува на личности, на авторитети со интегритет, кои не секогаш и по секоја цена мораат да бидат партиски послушници и по секоја цена да го застапуваат партискиот став во Собранието и во расправата и при гласањето“, вели Зибери.

Во овој пратенички состав има неколку осудени и луѓе кои биле во затвор, а на таа листа неодамна ѝ се приклучи и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е осуден на две години казна затвор во случајот Тенк на СЈО. Против неколку пратеници во тек се судења во случаите на СЈО.

Потоа еден од механизмите кои лани ги искористи опозициската ВМРО-ДПМНЕ е формирањето на десет пратенички групи со десет координатори, со цел, како што велеа, поголемо учество во дискусијата во Собранието. Тоа го искористуваа кога во Собранието требаше да се разреши тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски. Седницата за негово разрешување и избор на нов обвинител траеше со месеци. Одолговлекување на работата на Собранието имаше и со ребалансот на буџетот. Опозицијата на почетокот од работата на новата влада поднесе и интерпелации за неколку министри, а откако се вратија во Собранието, поднесоа и интерпелација на целата Влада. Се одолговлекуваше и носењето на законите од реформскиот план за ЕУ.

Антикорупциска и реформи

Овој парламентарен состав го ратификува Договорот за добрососедство со Бугарија, потоа и Договорот со Грција, но претседателот Ѓорге Иванов не го потиша. Во долга и тензична дебата, проследена и со протести пред Собранието, го изгласа и Законот за употреба на јазиците, но законот сè уште не е стапен на сила. За Законот за јазици опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 35 илјади амандмани, со што се блокираше работата на Собранието.

Во Собранието се чека изборот на нови членови на Антикорупциската комисија, која со месеци не функционира, оти членовите си поднесоа оставки по обелоденување на афера со злоупотреба на државни пари, а чекаат и други закони, со кои ќе се направат реформи во судството, медиумите, во администрацијата, закон со кој ќе се решат проблемите со рудниците.

Пратениците главни предлагачи

Од јануари, заклучно со јуни годинава, според публикацијата „Мојот пратеник“, во Собранието се донесени вкупно 178 закони, 83 од економската област, 52 од политички систем и 43 закони од областа на јавните дејности. Пет седници биле посветени на пратенички прашања. Од донесените 132 закони, 13 се сосема нови, а 113 се измени на постоечките, додека 6 се ратификации.

„Во овој период пратениците се главни предлагачи на закони со 65,1 отсто од донесените закони, за разлика од претходниот период кога 71,4 отсто од донесените закони беа предложени од Владата“, пишува во публикацијата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG