Ден пред средбата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања на политичко ниво се отвори дебата за евентуален нов договор со Бугарија, кој според опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ќе бара и уставни измени. Тој го повика македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи да каже дали со неговата колешка Екатерина Захариева во Софија разговарале за нов договор со кој со уставни измени ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму. Премиерот Зоран Заев денеска не коментираше конкретно за ваквата изјава на Мицкоски.
„Тоа што го спомна господинот Мицкоски, не знам на што точно мисли, но ние имаме разговори, мора да ги дадеш формулациите со кои се разговара, јас не би ги коментирал. Одговорни сме, сакаме договори, земјата да ни оди напред и ги даваме сите максимални напори и посветеност, позитивни апсирации, внимание, пријателство, дух, за да ги постигнеме договорите. Секако, она што е најважно за нас е да ги заштитиме максимално нашите интереси, но водејќи грижа и за интересите на бугарската страна“, рече Заев, повторувајќи дека ако Бугарија остане на истите ставови јавноста треба да се подготви дека меѓувладината конференција со ЕУ нема да се одржи во декември.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, попрецизно наведе дека нема нов договор.
„Околу односите со Бугарија, и мојата посета, сакам да истакнам: нема нов Договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа. Притоа отворено разговараме за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство; ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на Комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од договорот“, наведува Османи.
Инаку, по речиси една година пауза на директните контакти и подгреана политичка атмосфера, заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања се среќава во Скопје. Официјално, како што соопштуваат од комисијата, на дводневната средба, која е десетта по ред ќе бидат разгледувани прашања и теми во контекст на надминување на историографските спорови кои претставуваат пречка во градењето на добрите односи и пријателство помеѓу двата народи и двете држави.
„Покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележување на историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи“, велат од македонскиот тим на Комисијата.
Од комисијата нема појаснување кои се прашањата, кои како што пишуваат, се пречка или причина за политизирање на нивната работа, но конкретно тие досега запнаа околу револуционерот Гоце Делчев. Членовите на комисијата од бугарскиот тим инсистираат дека Делчев е Бугарин, а членовите на македонскиот тим дека не треба комисијата да кажува што бил револуционерот, а дека прашањето може да се реши со „мултиперспективноста“, односно двете гледишта да постојат паралелно. Досега комисијата им предложи на владите заедничко чествување на пет личности од заедничката историја: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил. Паузата во работата првично беше иницирана од македонскиот тим, поради предвремените избори во земјава за да се одбегне можноста нивната работа да биде дел од изборната реторика, а потоа и поради кризата со Ковид19.
Но, во меѓувреме, надвор од работата на комисијата, односите Скопје- Софија се оптоварија со други историски теми кои ги наведе Бугарија во таканаречениот објаснувачки меморандум кој го испрати до земјите членки на ЕУ. Со него бугарската влада бара поддршка од земјите членки за својата позиција за македонскиот напредок кон ЕУ, а во него пишува дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и е норма на бугарскиот, дека помеѓу 1944 и 1946 година во тогашна Социјалистичка Република Македонија била извршена егзекуција на повеќе од 20 000 луѓе кои се идентификувале како Бугари, а повеќе од 100 000 биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови.
Минатата недела, на првата тет-а-тет средба на македонски политичар со бугарски по јавното избувнување на несогласувањата, бугарската министерка за надворешни работи Захариева рече дека „сега е неопходно Република Северна Македонија да ги признае историските реалности поврзани со процесот на создавање на новиот национален идентитет“.
И додека во Софија нејзиниот гостин, македонскиот министер Османи беше воздржан во оцените, премиерот Заев неколку дена подоцна од Скопје откри дека разговорите меѓу двајцата не биле добри. Османи, пак, денеска наведува дека посетата на Бугарија била позитивна, затоа што се отвориле сите прашања, се засилила меѓусебната комуникација, но најважно, се реафирмирала заедничката желба, и заедничкиот интерес за европската перспектива на Република Северна Македонија.
Инаку Скопје, според досегашните очекувања требаше да ја одржи првата Меѓувладина конференција со Европската унија во декември, за време на германското претседателство со унијата. Тоа се се уште очекувањата и во земјава и во официјален Берлин, но се остава и простор за неуспех, ако Софија остане на своите барања за кои дел од нив се неприфатливи за Скопје.