Достапни линкови

Неоправдани отсуства на функционерите на собраниските седници


Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

Изборот на партиски директори и немањето деловнички механизми да се санкционира нивното несериозно однесување кон Собранието, се главните причини за отсуството на повеќето претставници на државните институции на надзорните расправи или сослушувања во законодавниот дом

Собраниски седници во полупразна сала, неуспешни обиди да се обезбеди кворум за работа, а уште потешко за гласање на законите се сликите кои во последно време ги гледаме во законодавниот дом. Обезбедување кворум е проблем околку кој се надмудруваат пратениците од мнозинството и опозицијата, но во последно време забележливо е и отсуството на претставниците на повеќе институции чии годишни извештаи или програми се на дневен ред.

Претседателот на Собранието Талат Џафери неколкупати досега укажа дека ваквотото однесување треба сериозно да биде разгледано и да се размисли за нивната иднина и постапки поради фактот што поголем дел од нив се избрани токму од Собранието.

Таков е примерот со 32 седница на која на дневен ред се Предлог на одлука за одобрување на Годишната програма за работата на Агенцијата за пошти за 2021 година, Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2021, Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењето на осигурителниот пазар во Македонија во 2019 година, Годишниот извештај за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2019 година, Годишен извештаја на Агенцијата за електронски комуникации за 2019 година, Извештај за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2019 година и други.

Политичките аналитичари велат дека постојат две причини поради ваквиот однос на директорите, јавните функционери и владини претставници. Првата е тоа што избраните луѓе во најголем дел се резултат на политички клиентелизам, отколку на избор базиран на стручност и заслуга и како такви, не чувствуваат одговорност кон институциите што прават на надзор на нивната работа.

Тоа што Собранието нема деловнички механизми за санкционирање на таквото однесување според Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, е уште една причина за ваквото неодговорно однесување на носителите на тие функции.

„Ние неколку пати предлагавме деловнички да се внесат одредени формулации коишто би ги санкционирале на некој начин институциите чиишто претставници не доаѓаат на свикани сослушувања или надзорни расправи, во насока на евентуална нивна смена (после две или три отсуства на сослушувања) или пак неприфаќање на нивните годишни извештаи и слично, но политичка волја се уште за тоа нема“, вели Трошановски.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири истакнува дека секој избран функционер од страна на Собранието е должен да даде отчет за својата работа пред народните пратеници.

„Недоличниот однос на одредени функционери кон Собранието говори за нивната демократска култура кон една значајна институција како што е законодавниот дом. Од друга страна мислам дека Собранието треба да се постави кон нив „поцврсто“, односно да примени некоја санкција кон нив, како на пример отстранување од функцијата која ја вршат, доколку не ја почитуваат функцијата со сите нејзини права и обврски“, вели Незири.

И опозицијата реагираше на отсуството на министри и заменици-министри на собраниската седница, кога на дневен ред беа повеќе закони од различни области. На една од седниците која деновиве беше прекината, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески Мицевски го замоли претседателот Џафери да се обезбеди присуство министри и заменици министри и да им укаже на важноста и почитта кон овој законодавен дом.

„Немам намера да молам никого. Тие што се присутни, ќе се разгледуваат точките од дневниот ред. Тие што не се присутни, тогаш ќе го молат Собранието за точките кои ќе бидат на дневен ред.Владата може да го замоли Собранието, Собранието нема да ја моли Владата, изјави Џафери на една од седниците.

Инаку именувањата на извршните директори во органите на државната управа и во состав на министерствата, во јавните претпријатија, здравствените установи и акционерските друштва во државна сопственост се бираат на јавен оглас и во најголемиот број случаи со „амин“ на политичките партии. Институтот за демократија неколкупати укажа дека именувањето според партиски и коалициски договори ќе влијае негативно на следните оценки од граѓанското општество, Европската комисија, Сигма и други меѓународни организации. Оттаму велат дека само со натпревар може да им се пружи шанса на лица кои не се членови на политичка партија да раководат со институција и да и помогнат на државата со своето знаење и стручност.

Од друга страна, Предлог-законот за висока раководна служба кој би требало да го промени начинот на избор на директори и други раководни позиции се уште не е донесен, иако на владина седница помина пред повеќе од една година. Истиот предвидува процесот да го води посебен државен орган избран од Собранието , односно Комисија за висока раководна служба. Таа ќе распишува конкурси, ќе ги оценува кандидатите и најдобрите тројца ќе ги праќа како предлог до министерот или Владата.

Во меѓувреме, Собранието и собраниските комисии тешко обезбедуваат и кворум за работа, па така по завршување на расправата, гласањето за законите најчесто се одложува за друг ден. Нашите соговорници велат дека Собранието мора да ја подобри својата надзорна улога, а како клучно решение го предлагаат промената на изборниот модел, односно воведувањето отворени листи кои би ни донеле пратеници одговорни пред граѓаните, а не пред партиите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG