Достапни линкови

Нема октопод, функционерите принудени да јадат ребра и бифтеци


Илустрација
Илустрација

Премиерот забранил јадење морски плодови и апетисани во државните ресторани и бифеа. Не спомена ништо за свинско и телешко. Граѓаните на социјалните мрежи „плачат“ за горката судбина на функционерите, кои сега ќе мора да јадат ребра и бифтеци за мали пари, па може да им се качи холестеролот.

Премиерот Димитар Ковачевски забранил да се набавува и да се користи морска храна, бадеми и лешници во рестораните и бифеата на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). Тука спаѓаат рестораните и бифеата во Владата, министерствата, кај претседателот на државата, секретаријати и други стручни служби и во Уставниот суд.

Одговарајќи на новинарско прашање на синоќешната прес-конференција во Владата, Ковачевски рече дека парите, предвидени за морска храна и апетисани, ќе бидат насочени за финансиска поддршка на најранливите категории граѓани со ниски примања.

Па имаш ли душа премиере, иронично прашуваат граѓаните на социјалните мрежи. Функционерите мора здраво да се хранат, вака може да им се качи холестеролот.

Други се загрижени што ќе прават функционерите кога ќе почнат постите.

Граѓаните се жалат дека додека владата ги повикува да се тушираат со тенок млаз, функционерите се гоштеваат.

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова на Фејсбук се пожали дека министрите се гоштеваат со октопод, а за пратениците има само замрзнат ослич.

Телевизијата Алсат-М пред десетина дена објави дека Владата склучила три договори во вкупна вредност од 20 илјади евра со фирма од Скопје за набавка на риба, октопод и морски плодови.

Други, пак, иронично коментираат дека премиерот Ковачевски ја спречува борбата против прекумерната тежина на функционерите. Кога влегуваат во влада имаат по 60 кила, кога излегуваат имаат по над 100.

Од Владата соопштија дека се работи за редовно годишно снабдување и дека се работи за рамковна набавка, односно ќе се плати само тоа што ќе се потроши, а најверојатно нема да чини толку.

Цените во владините ресторани со месеци се тема на разговор во јавноста поради екстремно ниските цени. Поевтино е во владиното, отколку во студентството бифе.

Пред нова година, Владата набави луксузни чинии и прибор за јадење во вредност од 37 илјади евра. Во Владата тогаш рекоа дека се работи за редовна набавка на потрошен материјал и оти ексклузивни чинии кои се користат при посета на високи странски гости последен пат биле купени во 1996 година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG