Поречкиот крај се наоѓа на 50 километри од Скопје, но, иако е толку блиску понекогаш патувањето може да трае и три часа, бидејќи со децении движењето до живописниот предел околу езерото Козјак е ограничено. Проблемот е што единствениот пократок пат води преку заштитеното подрачје Јасен, кој е дом на балканскиот рис и на други диви животни.
Портите на ловниот парк Јасен се отвораат само во три термини за време на летниот период и два пати за време на зимскиот период. Дека патот првично не бил направен за сообраќај говори и фактот дека е широк само 2 и пол метри и функционира во еден правец. Доколу жителите на поречкиот крај го пропуштат терминот, рампата при влезот и излезот на Јасен е затворена, а тие ќе треба да кружат и да возат 200 километри до Скопје преку Македонски брод и Кичево.
Близанско е првото село кое се наоѓа на неколку километри од Јасен. Но, убавините на природата и на езерото Козјак не се докрај искористени, а причината, според неговите жители, е недостигот на функционален пат.
Патот не е потребен само за жителите, туку за сите општини од земјата, бидејќи регионот се користи за рибарење, лов, планинарење и тоа може да придонесе за развој на туризмот, вели Бочваров Зоран од истото село. И покрај волјата на Бочваров да придонесе за развој на туризмот, тоа вели е невозможно.
„Почнавме со мојата фамилија тука да правиме малку поголема зграда и предвидување издавање на соби. Меѓутоа со патот е многу проблематично бидејќи ниту ќе дојде гостин, а додека сме во изградба не сакаат да дојдат и мајстори. Зошто. Затоа што нема пат. Нема добра комуникација“, вели Бочваров.
Близанско спаѓа под општината Македонски брод, која е сиромашна општина и за да се развие основното е да има пат, вода и струја, додава Бочваров.
„Не дај боже некој да се разболи до постариве луѓе што се селава овде. Како ќе отидат ако некогаш е итно. Ги молат во Јасен да ги пуштат. Не е тоа начин. Начинот е само нов пат да се обезбеди. Со тој пат ќе се решат сите проблеми“, смета Бочваров.
Серафиле Гечески е 79 годишен жител на селото, кој вели тешко е без пат, особено кога се наоѓате во неприлика и треба за најкус рок да стигнете до Скопје. Тој бил принуден да бара од директорот на Јасен да му се дозволи и надвор од термин да го користи патот.
„Јас лично имав неприлика пред 5 - 6 дена. Се обратив на еден тука да ургира кај директорот. Фала му. Греота да речам, нечовечки е. Се работи вака и вака. Нема проблем преминот да заврши одма тргајте“, вели Гечески.
Директорот на Јасен, Новица Зечевиќ вели дека се случуваат такви барања и тие секогаш им излагаат во пресрет на жителите.
„Секако дека да. Значи граѓаните имаат потреба. Досега секогаш им е излезено во пресрет. Доколку има некој болен. Доколку имаат одредена потреба вработените во Јавното претпријатие секогаш излегуваат во пресрет на таквите нивни барања“.
Засегнати од проблемот се 54 села од поречкиот крај, вели претседателот на координативното тело Горан Ѓуроски.
„Од друга страна државата продава плацеви. Продадени се околу 500 плаца за викенд населби за кои општината зема 35 евра комуналии. Почнаа луѓето да ги продаваат плацевите, дека не се задоволни до ова што се случува“, посочува тој.
При крајот на јуни жителите излегоа на протест и блокираа патишта кои водат до Скопје. Тие бараат да се направи друг пат, а опцијата за која разговарале со Владата, според Ѓуроски, е тој да поминува низ Јасен. Според него, се работи за пат долг 15 километри и за кој имало изработен проект во времето на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Директорот на Државни патишта, Ејуп Рустеми, според Ѓуроски, им рекол дека тој проект е застарен и мора да се направи нов проект.
„Оние информации што ги имаме ние до ден, денеска е дека се префрлени 10 милиони денари за изведба на проектот (патот) и од тогаш немаме никакви контакти“, вели Ѓуроски.
И за директорот на Јасен, Зечевиќ очигледна е потребата на жителите од нов пат. Според него, проектите за нов пат се прават и тој ќе оди преку Јасен или преку Козјак.
„Патниот правец низ Јасен е многу тесен. Тој е 2,5 метри. Имаме доста одрони од камења. Секојдневно вработените на Јасен го чистат тој патен правец. Многу пати доаѓа и до несакани последици. На одредени возачи може да им се дупне гума со самото тоа нема простор за разминување на патниот правец. Мора да интервенираат вработените. Доаѓа до застој на патниот правец. Едноставно е невозможно разминување на две возила на патниот правец“, истакнува Зечевиќ.
Според Ѓуроски, од 100 илјади жители општината Македонски брод заедно со сите села сега има 5000 до 6000 жители и патот е единствено решение за враќање на населението.
„Решението е само пат. Ништо друго. Развој на крај само со пат, со инфраструктура. Враќање на селата. Враќање на населението назад. Стално Владите велат има приоритетни работи. Јас мислам дека и ова е еден од приоритетите на Владата кој треба навистина да седне и да го реши овој проблем, зошто ова децениски проблем. 70, 80 години некој да чека пат. Мислам дека луѓето заслужуваат пат. Имаме цврсти ветувања“, додава тој.
Доколку Владата не им излезе во пресрет, Ѓуроски вели дека жителите на поречкиот крај повторно ќе излезат на протести и ќе блокираат патишта.