Достапни линкови

Нема вакцина за спорот со Бугарија


Архивска фотографија: Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов
Архивска фотографија: Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов

Најавената вакцинација против коронавирус по нова година предизвикува реакции во јавноста. Едни едвај чекаат животот да почне да се враќа од нормала, но се засилува и антивакцерското движење. Реакции предизвикуваат и бугарските условувања за јазикот и нацијата.

Како мало освежување меѓу вестите за пандемијата и недоразбирањата со Бугарија, ја издвојуваме информацијата дека македонски тим средношколци е победник на годинашниот младински предизвик „Џенерејшн Анлимитед“, или Генерација без граници, во категоријата под 18 години.

Тимот е составен од средношколците Орхан Багашов, Борис Ноцески, Анамариа Илиева и Тео Китановски, заедно со својот ментор, професорот д-р Иван Чорбев. Тимот eBionics ја реализира идејата за 3Д печатена бионичка рака, VenusArm, наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет. Ова е втора година како македонски тим победува на глобалниот натпревар. Лани победи тимот Andrometa со апликацијата SpeakOut, наменета за помош на жртви на врсничко насилство.

Покрај десетината постови со „Браво“ и со честитки, Никола Петрушевски и тука вмешал политика, па коментирал: „Македонска ЛЕПЛИВА РАКА подобро би нѐ претставувала на меѓународни натпревари. Можеби и Владата ќе фрлела некој денар од Фондот за иновации“.

Инаку, коментарите за короната и најавената вакцина повторно ги активирала таканаречените антивакцери, па ИгорВики Магероски прашува „Кој ќе се вакцинира“, а Петар Јовчески му одговара: „Има будали“.

Посетата на министерот Венко Филипче на постојните вакцинални пунктови во здравствените установи во земјава е причина и за коментарот на Ештреф Имишти: „Со сила сака да ги вакцинира луѓето за некоја голема игра, само и само да дојде до пари“, па продолжува со неумесни зборови што нема да ги цитираме.

И по изјавата на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов има голем број коментари со говор на омраза и лични навреди, што ,исто така, нема да ги цитираме. Санде Трпезановски малку е поумерен, па му порачува: „Вакво помагање како досега немојте, не се трудете“, а Ебрар Реџеп смета дека веќе „не се интересни“.

Непријателски однос има и за разговорот помеѓу лидерот на ДУИ Али Ахмети и владиниот пратеник, еден вид олеснувач со бугарската страна, Владо Бучковски. Редовната Слободанка Камчева порачува: „Ова не е приватна своина, транспарентно во Парламент“. Денис Дени прашува „што праиш ти кај Али Ахмети, тоа е ваш проблем, имате моја чиста и искрена поддршка за овој проблем со Бугарија, ама вие треба да одите кај претседателот Стево Пендаровски, кај лидерон на опозицијата Мицкоски, и иако нема моја поддршка, тоа е реално...“ Никола Петрушевски прашува: „Ова ли е лидерската средба што ја бараше Мицкоски?“, а исто така редовниот Карим Цановски му одговара со лични навреди на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ што заради професионални причини нема да ги цитираме, па вели: „Мицкоски е... гладно за власт, ете, не се продаде идентитетот, јазикот, историјата и затоа ни ставија вето. Е, сега, Мицко... бара оставка од Заев. Одма можеш да видиш за што... се работи гладно за власт“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG