Достапни линкови

Без вакцини нема колективен имунитет


Вакцинирање против Ковид 19
Вакцинирање против Ковид 19

Здравствениот систем полека почна да се поготвува за вакцинација на населението против ковид-19, иако првите вакцини од најавените 400 илјади ќе пристигнат во земјава следниот месец, а вакцинирањето ќе треба да почне надојцна до март, според најавите од Министерството за здравство.

Директорите на здравствените домови на средби со министерот за здравство утврдуваат насоки како и кога ќе почне имунизацијата на населението. Интересот за вакцините кај граѓаните е голем поради желбата да се стави крај на вирусот што го запре светот, но и стравот од неа е присутен. Граѓаните кои ги анкетиравме во скопскиот Клинички центар велат дека сакаат да стекнат имунитет на ковид-19, некои и би се пријавиле први, а некои и би почекале да видат како ќе реагираат другите што ќе ја примат во првата фаза.

„Би се пријавил за да ја примам, зошто да не“, вели анкетиран граѓанин.

„Не знам дали ќе ја примиме, ќе почекаме“, велат сопружници кои ги сретнавме во Клиничкиот центар.

„Ако има вакцина и ако е сигурна, би се вакцинирал одма“, вели анкетиран граѓанин.

Откако првата регистрација на вакцината на „Бионтек“ и „Фејзер “ помина во Британија на социјалните мрежи тивко се активира таканаречените „антиваксери“ кои споделуваат непроверени информации од сомнителни извори за светски заговори кои се поврзани со „игра со гените“ и „богатење на Бил Гејст со непроверени вакцини“ со што дополнително се создава сомнеж кај граѓаните за ефикасноста на вакцината.

Во меѓувреме, бројките на новозаразени од коронавирусот во земјава па и во светот никако да стивнат. Само во изминатиов месец во Македонија со ковид-19 се заразиле над 30 илјади граѓани, што е еднакво на бројот на заразени во претходните седум месеци. Само во ноември во Македонија, како починати од ковид-19, се евидентирани 769 пациенти, што е речиси половина од вкупниот број на починати заклучно со ноември.

Професорката Александра Грозданова од Фармацевскиот факултет во Скопје која е и претседателката на Националниот комитет за имунизација во целост ја отфрла идејата дека со ова темпо на заразување, додека да се вакцинира населението во земјава, ќе се стекне колективен имунитет.

„Оваа идеја за постигнување на колективен имунитет преку неконтролирано ширење на вирусот се покажа како неиздржана. За жал и шведските научници излегоа со официјални податоци дека на пример во самиот Стокхолм само 7,3 проценти од жителите имаат одредено ниво на антитела од коронавирусот што е далеку од оние 70 проценти кои се потребни за колективен имунитет“, вели Грозданова.

Македонските власти застаа во ред со другите европски земји во очекување на вакцини од неколку компании чии истражувања се во завршни фази или веќе поднеле апликации во европската и американската агенција за регулација на лекови. Преку Ковакс механизмот објавија дека засега се обезбедени 833 вакцини кои ќе бидат наменети за 400 илјади граѓани. Во однос на останатите дополнителни количини државата стапила во контакт со компаниите „Бионтек“ и „Фејзер“ во обид да набават дополнителни вакцини, изјави неодамна министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи демка помош им било понудено и од земјите членки на Унијата надвор од Ковакс системот.

„Беа договорени 400 милиони дози за граѓаните на ЕУ, а од кои 100 милиони за земјите кои не се членки на Унијата. Иницијална понуда добивме од Полска и од Грција. Освен тоа аплициравме за 800 илјади дополнителни дози“, изјави министерот.

Филипче: Вакцинацијата против ковид-19 за ризичните групи е приоритет

Грозданова вели дека вакцинирањето ќе оди етапно, и дека во првата фаза се прават проценки на човечките капацитети односно персоналот со цел да се утврди дали ќе има потреба од вклучување на дополнителни лекари во целиот процес, како и на физичкиот капацитет за складирање на вакцините.

Како приоритет ќе се вакцинираат сите здравствени работници кои работат во ковид центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни. Натаму, здравствени работници кои работат со земањето на брисеви, граѓаните над 65 години, пациентите со хронични болести во делот на хронично белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот „Мој Термин“, како и вработените во критичната инфраструктура и транспорт. Вакцината ќе ја примаат во две дози. Првите резултати се очекуваат на 21 ден по примената втора доза кога вакцинираниот ќе треба да се стекне со имунитет.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG