Десетина имиња се споменале на досегашните одделни средби на премиерот Зоран Заев со помалите коалициски партнери за можен иден премиер. Заев, кој ја најави својата оставка по поразот на локалните избори што се одржаа во неделата, деновиве интензивно комуницирал на одделни средби со сите партии за да се утврди кандидатот за мандатар ,кој потоа би станал и премиер, откако ќе го поддржи мнозинство од 62 пратеници кое се тврди дека е сигурно.
Министерот за здравство Венко Филипче и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, велат извори на Радио Слободна Европа биле најчесто споменуваните имиња на средбите како можни идни премиери и истовремено лидери на СДСМ. Ова го потврдија од три помали коалициони партнери кои биле на одделни состаноци.
Извори од СДСМ не сакаат да коментираат наведувајќи дека се уште е рано за конкретното име кое ќе го замени Заев на двете позиции, премиерска и лидерска во партијата.
Но, од помалите коалициони партнери велат дека на средбите биле споменати и поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, министерот за правда Бојан Маричиќ и македонскиот амбасадор во НАТО Дане Талески.
Министерот Маричиќ денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека тоа е шпекулација.
„Ниту сум разговарал, ниту некој ме прашал, ова освен да го означам како шпекулација ништо друго не можам да кажам“, рече Маричиќ.
Од две партии покрај Маричиќ велат дека биле споменати и некои од постарите сега политички неактивни членови на СДСМ како Гордан Георгиев и Игор Ивановски. Георгиев, поранешен потпретседател на СДСМ кога со партијата раководеше Бранко Црвенковски, веќе негираше на социјалната мрежа Фејсбук дека има такви амбиции.
„Мислев ќе стивне, како што стивнувало и претходно, но сега веќе имам должност да ги затворам сите шпекулации, инсинуации, евентуални желби и потреби кои доаѓаат од разни агли на општеството во врска со мој претпоставен ангажман (или желба) за вклучување во активна политика или на некакво раководно место во СДСМ“, напиша Георгиев на Фејсбук наведувајќи дека откако СДСМ е на власт нема никакво учество, активитет или улога во партијата.
Едно од имињата кое се споменуваше во јавноста откако за него како кандидат за премиер пишуваа германските медиуми, вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров, според еден од изворите на РСЕ, оценето било дека тешко ќе помине во органите на СДСМ бидејќи не е партиско лице. Сепак, двајца од коалиционите партнери велат дека не мислат оти можноста Димитров да биде премиер, а друго лице да раководи со партијата е сосема исклучена. Ваквиот став го засилуваат и со тоа што Заев го испрати вицепремиерот Димитров како негов заменик на средбата на иницијата Отворен Балкан што се одржа неделава во Белград.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски идниот премиер зависи од која стратегија ќе ја избере Заев и за наредните партиски случувања во СДСМ, а вели постојат две опции во моментов.
„Првата стратегиска опција е да го одвои премиерското место од катарзата и реформите кои следат во СДСМ по неговата оставка и тогаш профилот треба да се бара кај некој што не е директно во моментов во раководството на СДСМ. Втората стратегија е ако сака истиот да биде претседател во СДСМ и премиер тогаш ќе стави некого од сегашното раководство и тој однапред ќе биде фаворит за наредните избори за претседател на СДСМ“, вели Арсовски.
На некои од средбите, пак, била спомената и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа беше претседател на СДСМ од 2006 до 2008 година, односно по изборниот пораз на тогашните парламентарни избори кои партијата и владата раководена од Владо Бучковски ги загуби од тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Шекеринска првпат во партиските органи доби позиција во 1993 година кога беше избрана за за член на Централниот одбор.
Од партиските позиции отстапи во мај годинава, откако на изборниот конгрес реши да не се кандидира за позицијата заменик претседател која беше создадена во 2013 година кога Заев беше првпат избран за партиски претседател по заминувањето на Бранко Црвенковски од партиското раководно место.
Заев беше премиер од 2017 година, а лидер на партијата осум години. Оставката ја најави во неделата откако партијата претрпе загуба на локалните избори. Додека владејачката коалиција сега инсистира дека мнозинството е стабилно и дека нема потреба од предвремени парламентарни избори, опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инсистира на таков развој на настаните.
Откако ќе се договори името на идниот мандатар постапката предвидува дека претседателот Стево Пендаровски треба да му го врачи мандатот и дека тој потоа има 20 дена предлогот за состав на новата влада да го достави во Собранието на гласање.