Додека училиштата треба да бидат најбезбедното место за учениците, каде на децата ќе им биде обезбедена максимална заштита, посведочивме на незапаметен масакар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, каде навидум еден обичен училишен ден заврши погубно за 9 семејства. Но, трагедијата не завршува тука, црн облак и вчера надвисна над Србија кога 21 годишно момче во вечерните часови во училишен двор во Младеновац почнал да пука со автоматска пушка, па продолжил уште на две локации при што уби осум лица, а рани 14.
Вооружени напади во училишта се честа појава во САД, но Балканот не памети вакви трагедии. Иако не може да се спореди со се почестите напади на американското тло, сепак и во Европа низ годините се случија грозоморни убиства на деца во училишта и градинки.
Јануари 2009 година, Белгија: Убиство во јасли
20-годишниот Белгиец од Синај, Ким де Гелдер, во Јануари 2009 година влезе во јасли во градинка во градот Дендермонд во која имаше вкупно 18 доенчиња, и избоде до смрт две бебиња и нивната негувателка, а рани уште 10. Тој по нападот ја напуштил градинката со неговиот велосипед. Полицијата успеа брзо да го пронајде и е осуден на доживотен затвор.
Според кажувањата на неговите пријатели и колеги, тој бил тивко и повлечено момче. Де Гелдер му се доверил на својот адвокат дека како тинејџер страдал од депресија и во еден момент слушнал гласови во неговата глава. Но сепак, по прегледот што го извршил психијатар заклучил дека тој не треба да биде испратен во ментална институција и е осуден на доживотен затвор.
Според тамошните медиумски извештаи, Де Гелдер наводно го гледал филмот “The Dark Knight” невообичаено голем број пати („филмска опсесија“), и се чини дека го имитирал ликот Харви Дент на почетокот на нападот и ги извршил нападите на годишнината од смртта на Хит Леџер (кој го глуми ликот на Џокер). И полициските истражители и адвокатот на Де Гелдер ги отфрлија овие изјави како релевантни за мотивот на неговиот напад.
Март 1996 година, Шкотска: Масакар на час по физичко
Најголемиот училишен масакар кој го памети Обединетото Кралство, се случи во 1996 година кога Томас Хамилтон, кој живеел во градот Данблан во Шкотска, на 13 Март оваа година упадна во основното училиште во Данблан и застрела 16 деца кои починаа, како и нивниот професор по физичко образование. Тој пред да влезе во училиштето во 9 часот утрината ги пресекол телефонските кабли, па влегол внатре носејќи со себе четири пиштоли и 743 куршуми.
Нападот се случил во салата за физичко, а тој успеал за помалку од 5 минути да убие 16 деца и нивниот професор и да рани уште неколкумина. По пукањето тој си го одзема животот.
Причината за вооружениот напад и по речиси 30 години останува непозната. Хамилтон во неговите 20-ти бил асистент на лидерот на извидниците, но се најде под сомнеж за неговото однесување кон момчињата вклучувајќи и фотографирање на полуголи момчиња без знаење на нивните родители. Од него се побарало да ги напушти извидниците, а тој во текот на годините преку сите правни органи бараше да му се врати дозволата, но безуспешно.
Како последница на масакрот, жителите на Данблан иницираа кампања за да побараат промени во британските закони за оружје. Петицијата на кампањата собра околу 750.000 потписи. Во февруари 1997 година, Парламентот одговори со усвојување закон со кој се забранува приватна сопственост на пиштоли над 0,22 калибар, а во ноември 1997 година забраната беше проширена на сите пиштоли. По усвојувањето на тие закони, убиствата со оружје во значително се намалија.
Јуни 1964 година, Германија: „Огнениот ѓавол на Волховен“
Масакрот во училиштето во Келн беше масовно убиство што се случи во католичкото основно училиште во Келн, на 11 јуни 1964 година. Сторителот, Валтер Зајферт, исто така познат како „Огнениот ѓавол на Волховен“, ги нападнал децата во училиштето со домашно изработен пламен фрлач и копје, при што убил осум ученици и две наставнички, а ранил уште дваесет и двајца.
Тој ги палел просториите на училиштето каде имало ученици, а двајцата наставници кои пробале да ги заштитат децата ги прободел до смрт. Нападот траел околу петнаесет минути. Заедно со уште двајца ранети наставници, дваесет и осум ученици беа однесени во болници, некои од нив со изгореници на 90% од телото.
Зајферт побегнал од училишниот комплекс и се обидел да се самоубие голтајќи отровен инсектицид, но бидејќи супстанцата била разредена, тој не умрел веднаш. Бил уапсен и пренесен во болница, каде што бил испрашуван неколку пати, пред да умре истата вечер.
Десет години пред да го изврши масакрот, неколку специјалисти утврдиле дека Зајферт бил ментално нестабилен, со чудно однесување и расеани мисли, но не го хоспитализирале бидејќи не покажувал никакво насилно однесување.
Април 2002 година, Германија: Масакрот во Ерфурт
Училишното пукање што се случи на 26 април 2002 година во гимназијата „Гутенберг“ во Ерфурт, Германија станало познато како Масакрот во Ерфурт. Сторител бил Роберт Штајнхаусер, 19-годишен ученик кој бил избркан од училиштето. Тој застрелал и убил 16 луѓе, од кои 13 вработени, двајца ученици и еден полицаец, пред да си го одземе животот. Според учениците во ова училиште, целта на Штајнхаусер биле наставниците, но и двајца ученици го изгубија животот во престрелката. Нападот траел околу дваесетина минути, пред тој да си го одземе живот.
По овој напад на околу 700 ученици им било дијагностицирано посттрауматско растројство, а дел од нив и низ текот на годините продолжиле да одат на психолошка терапија. Најчестите симптоми кај нив биле нарушување и празнини во меморијата како и избегнување на социјални настани.
Тој бил ученик во Гимназијата Гутенберг до почетокот на октомври 2001 година. На крајот на септември 2001 година, тој поминал неколку дена надвор од училиште, за што доставил задолжително лекарско уверение кое брзо било идентификувано како фалсификат. Поради овој фалсификат, Штајнхаузер бил избркан од директорот.
Јануари 1989 година, Финкса: Првото пукање во училиште
Пукање во училиштето „Рауманмери“ во Раума, Финска се случило на 25 јануари 1989 година. Тоа било првото такво пукање во Финска. Во тоа време, 14-годишен ученик од ова средно училиште убил двајца негови соученици со пиштол што му припаѓал на неговиот татко. Напаѓачот тврдел дека е жртва на насилство од врсници. Бидејќи сторителот бил помлад од 15 години, никогаш не бил казнет за ова злосторство.