Социјалните мрежи се полни со мислења за Карпалак, бранителите и за улогата на политичарите во нивно одбележување, потоа за „неизбежната“ улогата нa ДУИ во новата влада, за потегот на министерот за внатрешни кој на ФБ се пофали дека потпишал акт за двојазични полициските униформи, па потоа МВР го дообјаснуваше.
Аналитичарот Сефер Селими од Демокраси лаб вели дека на Балканот не може да се одбегне појава на национализам, барем одвреме - навреме.
„Дали ова оди во прилог на тоа да се зајакнат или да се ослабнат преговарачките позиции на некоја од партиите, може да се каже, меѓутоа не може да се потврди со сигурност, поради тоа што луѓето кои го подгреваат национализмот секако дека ова го прават во континуитет. Тоа секако е поосетливо во време кога се наоѓаме во некои општествени кризи или во овој случај во преговарачки процес. И досега сме забележале дека во тек на политички кампањи не може да се одбегнуваат вакви теми и тие се појавуваат за да им одат во прилог на различни политички чинители“, вели Селими.
За формирањето на парламентарното мнозинство од СДСМ велат дека разговараат исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или каков било национализам.
ДУИ на изборите настапи со идејата за Албанец премиер, а од тоа не се откажува и бара поддршка и од другите партии на Албанците во земјава.
Во меѓувреме, поранешни команданти на УЧК и поранешни пратеници испратија порака преку социјалните мрежи при формирањето влада да не се нарушува политичката волја на Албанците искажана на изборите на 15 јули. Во своите пораки тие пишуваат дека се уште го имаат мирисот на барутот на своите раце. И поранешниот пратеник од ДУИ, Назми Бекири во колумна за „Лајм“ им се обраќа на дел професори Албанци кои се противеа на идејата за премиер Албанец. Тој го цитира и професорот и дипломат Башким Рама, кој вели - влегувањето во НАТО не ја запира војната, затоа мора да се внимава.
Што доколку партиите не договорат владино мнозинство
На одбележувањето на годишнината од загинувањето на македонските бранители кај месноста Карпалак во 2001, лично не присуствуваше министерката за одбрана Радмил Шекеринска, што наиде на осуди, а еден од новоизбраните пратеници Димитар Апасиев на Фејсбук напиша „Се моли Шекеринска да иде у п..... матер. Од Карпалак, па лево! #МинистеркаЗаОдбранаНаУЧК“, напиша Апасиев на Фејсбук. По што следуваа реакции на постот на Апасиев од функционери на СДСМ.
Во понеделникот министерот за внатрешни работи Агим Нухиу на својот Фејсбук профил напиша дека потпишале акти за амблем на полициските униформи и на албански јазик. Потоа од МВР преку соопштение го дообјаснуваа министерот, наведувајќи дека владата е таа која треба да донесе уредба со која се уредува изгледот и ознаките на полицијата, а министерот само потпишал пропратно писмо со кое предлог-текстовите на Уредбата и на Правилникот ги пратил на мислење во Секретаријатот за законодавство на Владата. Евентуалното усвојување на Уредбата од Владата е чин што треба да се случи во иднина.
Формирањето влада ќе ги стивне меѓуетничките тензии
Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција вели дека национализмот како појава во земјава е надминат, а изблиците на национализам пред избори и постизборно служи за потенцирање на силата на политичките партии.
„После избори спласна неколку дена, па до формирање на влада повторно се разгорува еве сега двојазничните униформи во полицијата, па одговорни места во министерството за одбрана, и во други министерства, тоа се е за да ја добијат поддршката од своите гласачи, односно да не ги изневерат нивните гласачи, но мислам дека со составувањето на владата изборот на владата сето тоа ќе замре до некои наредни избори“, вели Димовски.
На 13 август е годишнина од потпишувањето на Охридскиот Рамковниот договор со кој се стави крај на воениот конфликт во 2001. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги покани лидерите на другите парламентарни партии на Албанците во земјава, на заедничка средба. Тој ги покани лидерите на Алтернатива Африм Гаши, Билал Касами на Беса, Зијадин Села – Алијансата за Албанците и Мендух Тачи – ДПА. По ваквиот повик, претседателот на СДСМ, Зоран Заев рече дека ова е притисок врз него и врз коалицијата која ја предводи. Потоа Ахмети и Заев се сретнаа да разговараат за формирање на влада, по што Ахмети рече дека тема на средбата на 13 август не е Рамковниот договор, туку повиците на албанските партии да се седнело на маса и да се разговарало. Ахмети запрашан за тоа дали Македонец- премиер е прифатливо решение за ДУИ, одговори дека не треба да се има предрасуди. Заев на ова прашање не одговори за да не им наштетел на преговорите.
Според испитувањето на јавното мислење спроведено од американскиот Национален демократски институт (НДИ) објавено минатиот месец, граѓаните меѓуетничките односи ги ставаат на незначително место како проблем со кој се соочува земја. На прашањето кој е првиот најголем проблем со кој се соочува земјата денес 33 отсто од граѓаните одговориле економски проблеми, 22 отсто ковид-19 и 31 отсто системски проблеми. Во делот системски проблеми спаѓаат и меѓуетничките односи, но во тој оддел прв проблем е криминалот и корупцијата со 24 отсто, а последен меѓуетничките односи со еден отсто.