Достапни линкови

Нема доволно луѓе, ниту инструменти за адекватен мониторинг на водите


Преспанското Езеро. Истражувањата покажуваат дека УХМР немаат доволно човечки капацитети за вршење на мониторинг на природните езера и дека за Преспанско Езеро во функција се само две мерни станици.
Преспанското Езеро. Истражувањата покажуваат дека УХМР немаат доволно човечки капацитети за вршење на мониторинг на природните езера и дека за Преспанско Езеро во функција се само две мерни станици.

Мониторингот на водите е важен за квалитетот и количините со кои располага државата. Но, надлежните институции немаат соодветен број луѓе за набљудување на езерата и реките, ниту доволно инструменти и пари за ефикасно спороведување на процесот, според истражување на Центарот за економски анализи.

Државата нема основни мерни инструменти за хидролошки мониторинг на реките, природните езера и вештачките акумулации во Македонија. Податоците од истажувњата на дел невладини организации покажуваат дека институциите надлежни за мерењата, освен што немаат доволно алат, се соочуваат и со недостаток на квалификувани луѓе и ниски буџети.

„Според тоа, се доведува во прашање колку е адекватна законската регулатива за управување со водните ресурси, колку таа се спроведува во пракса, колку се ефикасни самите јавни политики и дали соодветно се распределуваат јавните средства за заштита на водните ресурси“, вели Ана Марија Петровска – еконмски истражувач од Центарот за економски анализи (ЦЕА).

Оваа организација неодамна направи истражување врз неколку надлежни институции за водите, како Управата за хидрометеролошки работи (УХМР), Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“, Хидросистемот Злетовица и Електрани на Северна Македонија во рамки на кампањата „РазбистриСе.“

Резултатите покажуваат дека УХМР и Хидросистемот Злетовица немаат доволно човечки капацитети за вршење на мониторинг на трите природни езера: Охридското, Преспанското и Дојранското, како и на акумулацијата Кнежево, а дека бројот на вработени во Секторот за хидрологија на УХМР во континуитет се намалува.

„Ако на почетокот на формирањето на УХМР имало 35 вработени, денес има само 12. Исто така, бројот на набљудувачи се намалува во континуитет, па така од стотина набљудувачи за површински води, во моментот работат само 60, додека од вкупно 115 набљудувачи за подземни води, тековно работат само 40“, се вели во истражувањето.

Охридско Езеро. Од четири мерни станици на Охридското Езеро работи само една.
Охридско Езеро. Од четири мерни станици на Охридското Езеро работи само една.

Петровска за Радио Слободна Европа вели дека нискиот надоменст е една од главните причини за слабиот човечки капацитет во овие институции, поради што не е можно да се најдат нови луѓе кои секојдневно ќе вршат мерења на терен.

„Главната причина за ваквиот мал број на набљудувачи и неможноста да се пронајдат нови, е поради малиот надомест кој конкретно чини околу 2.000 денари на месечна основа за набљудувачите коишто вршат мониторинг на езерата, а секако знаме дека тие носат и голема одговорност за веродостојноста во читањето на податоците“, вели Петровска.

Освен човечките ресусрси, недостасуваат и основни хидролошки мерни инструменти, утврдиле истражувачите. Истражувачите на ЦЕА утврдиле дека во минатото имало 110 хидролошки станици за површински води, а дека во моментов се оперативни и обезбедени со набљудувачи само 66. Воспоставени се 31 автоматска станица, од кои оперативни се само 12, се вели во истражувањето.

„Од четири мерни станици на Охридското Езеро работи само една. За Дојранско Езеро од две мерни станици, исто така оперативна е само една и тоа со стари инструменти. За Преспанско Езеро, од три мерни станици, две се во функција“, според податоците на ЦЕА.

Исто така, според истражувањето, ограничениот буџет со кој располага УХМР целосно го отежнува процесот на хидролошкиот мониторинг врз природните езера. Автоматските станици најчесто биле набавени со донации, па така подобрувањето на хидролошкиот мониторинг на површинските води зависи од донаторски средства, со што е загрозена одржливоста, велат од ЦЕА од каде посочуваат дека хидролошките податоци за природните езера и реки не се јавно достапни до граѓаните, а дека УХМР за нив наплаќа врз основа на Законот за хидрометеролошка вредност.

„Во извештајот се препорачува до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање да обезбедат поголем и редовен буџет за УХМР и останатите институции во хидролошката дејност за да набават нова модерна опрема и да ги зголемат човечките капацитети, а граѓаните да имаат слободен пристап до податоците за водостојот и квалитетот на водите во езерата и реките“, велат од Центарот за економски анализи (ЦЕА).

Крајбрежје на Дојранското Езеро.
Крајбрежје на Дојранското Езеро.

Побаравме одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање од каде велат дека институцијата иако е најголем корисник на услугите на УХМР, институцијата хиерархиски не е одговорна за работата на УХМР.

И покрај тоа, од Министерството за животна средина велат дека за ова прашање во март минатата година доставиле информација до Владата за запознавање на состојбата и за предизвиците во работата на УХМР и биле побарани средства за унапредување на состојбата со опремата и кадровската екипираност.

Од МЖСПП велат дека преку различни проекти соработуваат со УХМР за подобрувањето на мониторингот на водите.

„Така, како дел од ИПА проектот „Набавка на ИТ и друга специфична опренма за информативен систем за мониторинг на вода“ во вредност од 700.000 евра, алоцирани се средства за поддржување и подобрување на состојбата со опремата во Управата за хидрометеролошки работи“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Петровска посочува дека во законската регултива многу мал акцент е ставен на хидролошкиот мониторинг, за разлика од мониторингот за квалитет на води, но вели дека за квалитетот на водата да биде добар, потребен е добро воспоставен и ефикасен хидролошки мониторинг со цел да се знае точно колкави се количините на водите во езерата и можностите за нивно испуштање, а испитувањето на квалитетот да овозможи да имаме добар квалитет на вода за пиење.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG