Достапни линкови

Малку рестрикции, малку „моменти на среќа“ за помасовна вакцинација


Кампањата „За моментите на среќа – Вакцинирај се!“
Кампањата „За моментите на среќа – Вакцинирај се!“

Со кампања од речиси 300 илјади евра властите ќе ги мотивираат граѓаните да се вакцинираат против ковид-19. Опозицијата забележува дека кампањата е скапа, аналитичарите дека е задоцнета, а граѓаните почнаа помасовно да се вакцинираат откако власта воведе рестрикции за невакцинирани. Во светот луѓето се мотивираат да се вакцинираат со пари, лотарија, бесплатна храна и пијалаци, но и со крави.

Три и пол месеци откако во земјата почна масовната вакцинација, властите во понеделникот (23 август) ја промовираа кампањата „За моментите на среќа – вакцинирај се“, за која ќе потрошат близу 300 илјади евра.

Во регионот, а и во светот властите на некои држави се инвентивни во начинот како да мотивираат што повеќе луѓе да се вакцинираат. Во соседна Србија се печеше вол за гостите што чекаат да се вакцинираат во близина. Во Косово кафулиња нудат бесплатно пиво, во Берлин колбаси, Грција даваше ваучери за вакцинирани млади, Црна Гора нудеше туристички попусти. Во Хонгконг вакцинираните може да учествуваат во наградна игра во која премијата е стан, во Охајо да освојат милион долари. Со кеш се мотивираат и државјаните на Канада, Полска, Летонија, а во Тајланд тие што се вакцинираат може да добијат жива крава.

Вакцинација во кафеана
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:27 0:00

Македонија на почетокот на август прво се одлучи да воведе рестрикции за невакцинираните, по што во изминативе две недели беа аплицирани скоро 200 илјади дози од вакцината. Потоа власта најави почеток на кампањата која повикува на вакцинација, за, како што се наведува луѓето да не бидат разделени, децата да одат на училиште, за авантури и патувања, за семејни прослави, за сигурни работни места.

Кампањата „За моментите на среќа – Вакцинирај се!“
Кампањата „За моментите на среќа – Вакцинирај се!“

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека за да се постигне колективен имунитет потребно е да биде вакцинирано околу 80 проценти од населението. Според официјалните податоците, пак, околу една третина од населението во земјава е вакцинирано против ковид-19.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека кампањата е скапа

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека кампањата е скапа и дека тие 300 илјади евра можеле да бидат искористени да се набават повеќе вакцини, за кислород во болниците или пак за изградба на модуларни болници.

Аналитичарот Владимир Божиновски за РСЕ вели дека како и мерките, така и кампањата за вакцинација против ковид-19 е задоцнета.

„Наместо со кампања да се започне таму кога пристигнаа првите поголеми количини, крај на мај, почеток на јуни, се започнува сега и едноставно се губи целата поента на таа кампања. Јас не знам кој ефект ќе го има, освен нели да се потрошат парите. Тие што сакаа да се извакцинираат, се извакцинираа“, вели Божиновски.

Властите, пак, велат дека не е доцна за кампања, оти битката со ковид трае.

Во земјава, над половина милион луѓе се вакцинирани со две дози, а уште скоро 200 илјади ја примиле првата доза од вакцината. Но, во оваа статистика не влегуваат сите македонските граѓани кои се вакцинираа во Србија и во Бугарија.

Најголем дел од вакцинираните во земјава се вакцинирани со кинеска вакцина – Синофарм или Синовак, значителен дел примиле Фајзер, а помалку АстраЗенека и Спутник Ве.
Вакциналниот ковид пас, барем за патувања во ЕУ, важи само доколку вакцините се признаени од Европската агенција за лекови(ЕМА). ЕМА од вакцините што се користат во земјава ги признава само оние на Фајзер и на АстраЗенека, а во земјава АстраЗенека се дава само на возрасни луѓе над 60 години. Останатите вакцинирани, доколку сакаат да патуваат, ќе мора да си прават ПЦР тестови или да бараат „авантура“ во земјите од регионот, во кои сè уште може да се влезе слободно.

Владата планира оваа учебна година наставата да биде со физичко присуство, но вакцинацијата на наставниот кадар не е задолжителна, ниту ќе им бараат сертификати. Според податоците на здравствените власти, околу 65 отсто од кадарот во училиштата е вакциниран. Условот за вакцинација не важи ниту за попишувачите кои треба да ги посетуваат домовите на граѓаните за време на пописот кој треба да се одржи во септември.

Кампањата „За моментите на среќа – Вакцинирај се!“
Кампањата „За моментите на среќа – Вакцинирај се!“

Според податоците на Центарот за јавно здравје, најголем опфат на вакцинација има во Неготино, Кавадарци, Гевгелија, Охрид, Ресен и Битола, каде од 50 до 60 отсто во возрасното население е вакцинирано барем со една доза на вакцина. Најмал опфат има во Гостивар, Тетово, Дебар, Куманово, Радовиш, Гостивар и Струмица, каде процентот на имунизација е околу 30 проценти.

Експертот за односи со јавност и нови медиуми Бојан Кордалов вели дека кампањата треба да биде јасна и да ги посочи придобивките од вакцинацијата, а треба да се стори сè и таа да е достапна до сите граѓани на земјава, вели тој.

„Мораме да направиме натчовечки напори за аргументите да покажат дека имунизацијата постои за да се заштити. Не можеме да ги разубедиме и да ги убедиме сите, меѓутоа институции, политичари, јавни личности мора да се борат и да ја менуваат свеста, до недоглед, до изнемоштување, тоа им е работата и затоа се платени од страна на граѓаните“, вели тој.

Немаше кампања, оти немаше вакцини

Во земјава на почетокот немаше потреба од кампања, оти немаше ни вакцини. Со вакцини од донации во втората половина од февруари првин започна имунизацијата на лекарите, а потоа и на армијата, полицијата, и другите професии од таканаречната критична инфраструктура. Масовната вакцинација во земјата започна во мај кога пристигна поголема пратка на кинеската вакцина Синофарм. На крајот на јули излезе видео спот со познати личности кои повикуваа луѓето да се вакцинираат, но зад оваа кампања стоеше канцеларијата на ЕУ во Скопје, Стопанската комора и невладината организација за комуникации ОХО.

РСЕ направи споредба со кампањите за вакцинација во регионот.

Србија – Вакцинарај се и ти!

Во неколку земји во светот процесот на имунизација започна со почетокот на годината. Меѓу нив беше и соседна Србија, која и сега нуди поширок избор на вакцини, а им овозможи и на граѓаните од соседните земји да се вакцинираат. Масовна вакцинација таму стартуваше на 19 јануари, а на 10 март стартуваше кампањата за вакцинација во медиуми и на билборди. Познати личности, академици, црковни претставници, во кои луѓето традиционално имаат доверба, добија задача да ги убедуваат неопределените и тие што имаат сомнежи да се вакцинираат. Пораката на тамошната кампања гласи – Вакцинирај се и ти! Потоа за да го поттикне вакцинирањето државата даваше и пари за тие што ќе се вакцинираат, кафеани, продавници и кафулиња нудеа попуст за вакцинираните, а во јули започна кампања за вакцинација и на јазиците на малцинствата, за пораката за вакцинација да стигне до сите на нивниот мајчин јазик.

Во Србија која има нешто помалку од седум милиони жители досега барем една доза од вакцината примиле над 42 отсто од граѓаните. Во земјата почна да се дава и трета доза од вакцината за критичните групи, која досега ја примило под еден отсто од населението.

Во БиХ на државно ниво за кампања не е одвоена ниту една марка

Што се однесува пак до Босна и Херцеговина(БиХ) на државно ниво за кампања не е издвоена нити една марка, затоа што здравството е во надлежност на ентитетите, кантоните и дистриктите. Од Министерството за цивили на БиХ соопштуваат дека во февруари во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) биле испечатени плакати со основни податоци за вакцинацијата. Во април пак во соработка со УНИЦЕФ е направен плакат, кој исто така е објавен на интернет.

Владата на Република Српска на 23 август дополнително распиша тендер во вредност од 25 илјади евра за креирање и реализација на кампања за промоција на вакцинацијата против ковид19 на Фејсбук и на Гугл.

Бугарија на дното во ЕУ

Соседна Бугарија се наоѓа на дното по вакцинација од земјите членки на ЕУ со вакцинирани околу 16 проценти од населението. Во промовирање на процесот на вакцинација се вклучени и познати личности, новинари, цркавата, оти политичарите тоа не го можат сами, сметаат бугарските здравствени власти.

Кафеани во Косово даваат пиво за вакцинирани

Вакцинацијата во Косово почна во март. Таму вакцинацијата се врши со Фајзер и АстраЗенека. До 23 август, вакцинирани се околу една петина од 1,7 милиони жители. Угостителски објекти во Приштина ги мотивираа луѓето да се вакцинираат со тоа што нудат бесплатен пијалак за тие што ќе приложат сертификат за вакцинација.

Во Албанија кампањата започна на 11 јануари под слоганот „Албанија се насмевнува“.

Други пак земји се одлучија за построги рестрикции за тие што не се вакцинирани.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG