Достапни линкови

Финскиот предлог за преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија засега без успех


Македонско знаме и знамиња на ЕУ
Македонско знаме и знамиња на ЕУ

Обидот на финското претседателство за отворање преговори со Северна Македонија пред самитот на лидерите на ЕУ не успеа. Премиерот Зоран Заев е оптимист дека ќе биде донесена позитивна одлука. Франција, вели тој, не е против преговорите, туку само се залага за нова методологија на преговорите.

Предлогот на финското претседателство со ЕУ за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, а во меѓувреме да се усвои и новата методологија за преговори, на која инсистира Франција не беше прифатен на вечерашниот состанок на амбасадорите на Унијата во Луксембург. Франција останува на својата позиција дека е потребно повеќе време за реформа на преговарачкиот процес за земјите-кандидати и дополнителни докази за борбата против корупцијата и независноста на судството во двете земји.

Франција во во дискусиите со европските партнери, како што изјавиле дипломатски извори за МИА, на маса постојано го враќала и решавањето на статусот на СЈО и предметите на ова обвинителство.

Франција е единствената земја членка на ЕУ, која се противи на отпочнувањето преговори, но не се исклучува веројатноста Холандија, според дипломатски извори во Брисел, да се солидаризира со неа.
Париз официјално е и против одвојувањето на Северна Македонија и Албанија. Но, според дипломати, кај некои земји членки има надеж дека Франција полесно би попуштила доколку одлуката се однесува само на Северна Македонија.

„Доколку има договор, веројатно нешто ќе се додаде, нема тоа да биде дополнителен услов, но може да се спомене СЈО кое Франција редовно го става на маса“, вели дипломат од земја-членка за МИА.

Премиерот Зоран Заев претходно изјави дека е оптимист, бидејќи земјата ги има сите аргументи за отпочнување на преговори со ЕУ.

„Значи не сакам ни да размислувам дали ќе има датум или не. Чекаме 15 години. Донесовме крупни одлуки. Реформите се сами по себе многу значајни, потврдени 100 проценти со извештајот. Со договорите навистина се премиер за целиот регион и рековме дека ЕУ не смее да си дозволи да го казни најдобриот пример на европскиот континент, заради тоа што тоа е важно за ЕУ, за регионот и за следните мотивирања на лидери кои треба да наоѓаат решенија и да ги реформираат своите општества“, рече Заев.


Во новата методологија која ќе се однесува за сите земји кандидати за ЕУ, според Заев, се предвидува реверзибилен процес, односно доколку земјата назадува во преговорите повторно да се врати на поглавјето во кое не е забележан очекуваниот напредок.

„Франција не е против нас. Франција има многу легитимна намера за да вгради нова методологија која што навистина ќе даде можност за сите капацитети да се движат уште посериозно и посилно со реверзибилна метода“, додаде Заев.

Според него, недонесувањето на Законот за јавно обвинителство нема да влијае на одлуката за почеток на преговори. Министрите за надворешни работи на Чешка, Полска, Словачка и Унгарија преку заедничко писмо бараат ЕУ да ги почне преговорите со Северна Македонија и Албанија, кои како што пишуваат, ги исполниле клучните критериуми што ги постави ЕУ спроведувајќи комплексни домашни реформи.

Министрите во писмото наведуваат дека одлуката за преговори се носи во време кога ЕУ се соочува со бројни предизвици како што се Брегзит, миграцијата, стапувањето на должност на новата Европска комисија, но овие прашања, како што нагласуваат, не смеат „да ја оддалечуваат ЕУ од она што успеа да го постигнат на Западниот Балкан и таа мора да остане посветена на обврските што ги презема кон регионот“.

Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ се очекува утре да разговараат за отворање на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија. Конечната одлука ќе биде донесена на самитот на лидерите на ЕУ кој ќе се одржи на 17 и 18 октомври во Брисел.


  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG