Младите се иселуваат поради исполитизираност, недостиг на правна држава, разочараност, недостиг на мотивација, лош систем, катастрофално образование... Според податоците од меѓународни институции и граѓанскиот сектор, околу 74 проценти од младите си заминуваат за да најдат работа, над 36 отсто заминуваат за подобар живот. Исто толкав процент заминуваат поради континуираната нестабилност во политичката ситуација. За да образува еден млад човек државата ја чини приближно 29.000 евра, за да тој потоа на 23 години ја напушта земјата и инвестира во друго место. Секој млад човек што заминува од земјава, државата годишно ја чини околу 15.000 евра.
Ова беа заклучоците на панел дискусијата „Како да се вратиме дома“, организирана од Асоцијацијата за едукација Младиинфо интернационал. Дискусијата се одржа вчера во просторите на ЕУ Инфо центарот „Europe house“.
„Многу се зборува за невработеноста, а малку за невработливоста, се зборува за мозоци но не за умови“, напишаа организаторите на својата Фејсбук страна по завршувањето на дискусијата.
Претседателот Стево Пендаровски кој говореше на панелот, истакна дека проблемот со иселувањето на младите е актуелен години наназад, не е само од сега и треба да престанеме да се обвинуваме во чие време повеќе млади заминале, бидејќи на тоа прашање никој нема да добие поени во меѓупартиските препукувања.
Тој оцени дека на младите луѓе треба да им се даде шанса да успеваат овде, со тоа што прво нема да им се бара партиска книшка за вработување, и ако, како што рече, некој партиски апаратчик на кое било ниво има шанса пред вас да се вработи, тогаш алтернативата е – или да влезете во партија да се вработите или да се отселите. Посочи бројки од едно истражување од 2004 година, според кое 338.000 полнолетни граѓани биле дел од политичка партија, што, како што истакна, е највисок процент по глава на жител за членство во партија во Европа.
Во однос на плановите на Кабинетот на претседателот насочени кон младите, Пендаровски ги издвои проектите „МКД 2030“ и „Лице в лице со претседателот“. Во првиот, според него, се вклучени околу 40 луѓе од кои половина се млади. МКД 2030 е еден предлог како треба да се развива нашата земја, Северна Македонија треба да фати чекор со развиените економии, бидејќи како што рече Пендаровски, еден од начините како да ги задржиме младите дома е преку зголемување на платите.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека во последно време посетил многу средни училишта во земјава и зборувал со околу 500 млади лица во последниот месец и секаде ја добил истата порака.
„Младите сметаат дека никој не ги слуша, дека на владите не им е грижа за нив. Имаше едно истражување на Фридрих Ерберт и на Младински образовен форум, кои покажуваат дека 60 проценти од испитаниците сметаа оти немаат пристап до властите и дека на политичарите не им е грижа за нив“, рече Жбогар.
Евроамбасадорот најави за следната година проект вреден девет милиони евра што ќе биде насочен кон млади луѓе, кои сакаат да основаат свое претпријатие или старт ап и овие средства ќе дадат поддршка, како за основање на стар ап, така и менторирање и обука на компаниите.
Отто Граф, заменик-амбасадор на Германија во Северна Македонија, рече дека колку и да сме среќни што многу млади луѓе од Северна Македонија сакаат да заминат во Германија, мора да признаеме дека имаме интерес во тоа Северна Македонија добро да се развива.
„Тука имаме многу германски инвеститори кои отвораат добро платени работни места и се обидуваме да го промовираме стручното образование. Сметам дека е многу важно младите луѓе да имаат професија со која ќе имаат каде да работат. Младите луѓе што добиваат стручни обуки имаат избор да останат во Северна Македонија и да напредуваат во компанијата во која што работат или пак да заминат на извесен период во Германија“, рече тој.
Граф оцени дека за Северна Македонија е важно да нема повеќе луѓе што заминуваат од земјата, отколку луѓе што се враќаат, и тоа е прашањето со кое треба да се справиме.
„Има области во кои можат да се развиваат добри работни места во Северна Македонија, на пример дигиталната економија, затоа што во оваа област работните места не зависат од местото во кое живеете. Може да работите во својата земја, добро да заработувате, и да бидете опкружени со семејството и пријателите. Тоа е многу привлечен концепт“, подвлече Граф.