Достапни линкови

Млади Македонци и Грци заеднички ги уриваат бариерите


Прошетка на учесниците на настанот „Градење Европа дома“
Прошетка на учесниците на настанот „Градење Европа дома“

Настанот „Градење Европа дома“, кој се случи во Лерин (Флорина), Грција, спои млади од македонската општина Карпош и грчката општина Аминтио за да се поврзат и заеднички да побараат решенија на проблемите.

Младите од општина Карпош со оние од грчката општина Аминтио во Лерин (Флорина), Грција, седнаа на иста маса, на грчка територија, за да се здружат и да сфатат дека сакаат слични работи и имаат слични проблеми. Настанот „Градење Европа дома“, кој се случи изминатиов петок, ја истакна потребата од поврзување на младите за да се поттикне соработката меѓу граѓаните и релевантните чинители од двете општини.

„Земајќи предвид дека младите луѓе ја перцепираат локалната власт како најблиска до нив, дојдовме до идеја за поврзување и соработка помеѓу општина Карпош и општина Аминтио која ќе обезбеди можности за дијалог помеѓу општините за потенцијалот на билатералната соработка за културен и економски развој на двете општини. Општините треба да инвестираат во креирање иновативни решенија за соработка со нивните граѓани“, изјави за РСЕ, Анелија Митрова, проектен координатор во Младински Сојуз - Крушево

Дружбата отвори шанса за споделување на добри практики и знаења за демократско и граѓанско учество.

„Наместо за проблеми се говореше за заеднички решенија за сите предизвици со кои двете општини се сочуваат. Навидум се работеше за две различни општини, едната рурална, другата урбана, но сепак предизвиците особено кај младите, се исти: висока стапка на младинска невработеност (која достигнува дури до 70% во општина Aминтио), младинска миграција и образовно системски предизвици“, вели Митрова

Дел од атмосферата за време на средбата во Флорина, Грција
Дел од атмосферата за време на средбата во Флорина, Грција

„Имаме куп сличности со младите Грци“

Волонтерот во „Црвен крст“ Кристијан Поповски вели дека се вклучил во приказната за да помогне во заедничко решавање на исти предизвици, но и затоа што сака да се надминат меѓудржавните несогласувања и да се изградат добрососедски односи.

„Беше едно доживување кое навистина ќе се памети. Не затоа што се „прошетавме“ или затоа што престојувавме во убав хотел, туку затоа што имав можност преку дружба и разговор да разберам колку можеме да бидеме слични со нашите соседи и дека има голем број на општествени проблеми кои подеднакво се застапени и нè засегаат“, вели Кристијан Поповски за РСЕ.

Освен тоа што се млади, со екипата од Лерин (Флорина) вели дека ги врзуваат многу други нешта.

„Забележав дека ги цениме истите работи, ја слушаме истата музика, сакаме да ги правиме истите активности, ја јадеме истата храна, се бориме за решавање на истите предизвици... Единствено нешто што нè дели се политичките ставови, историјата за која двете држави се негираат, предрасуди кои самите ги создаваме. Овие несогласувања можеме да ги надминеме само ние младите, а тоа ќе го направиме кога ќе разбереме дека нема поента во несогласувања и негирања, туку во дружба, пријателство, соработка и заеднички развој“, истакна 18 годишниот Поповски

Дел од учесниците на настанот „Градење Европа дома“
Дел од учесниците на настанот „Градење Европа дома“

Бојана Васков, студентка на Универзитетот Јорк во Солун, Грција и психолог во центарот за невропсихологија, психотерапија и за психологија „Когниција“, го гледа настанот како супер шанса за нови познанства, а предизвик повеќе и е тоа што се едуцира во Грција.

„Успеав да запознаам голем број амбициозни млади, за кои верувам дека ќе бидат идни двигатели, секој во својата сфера. Соработките од овој тип овозможуваат градење на мрежа од контакти, која во иднина претставува основа за било која форма на напредување“, вели Васков за РСЕ.

Чувството на еднаквост и обединетост со дечките од другата страна на границата е инспиративно за Васков.

Можност за уривање на бариери

Осумнаесетгодишниот волонтер Поповски верува дека младите може да бидат мост помеѓу двете страни.

„Ние како млади полека ги уриваме бариерите кои возрасните ги поставуваат. Немаме толкава огорченост кога станува збор за соработка, сакаме да се дружиме, сакаме да имаме добри односи и тоа навистина се гледа на вакви активности. Доколку возрасните не успеваат да ги променат односите, ние сме тие кои тоа ќе го направат, меѓутоа потребно е време, ресурси и активности од ваков билатерален карактер на кои разменуваме контакти и градиме познанства за да бидеме мостот помеѓу двете страни, двете култури, двата народи“, изјави Поповски

Од Младински сојуз порачуваат дека општините треба да ги вклучат младите граѓани за да им дадат проактивна улога во обликувањето на иднината на нивниот град, регион и Европа. Според нив, така би се намалил и скептицизмот на локално ниво, за односите меѓу двете соседни земји.

Од проектот ќе произлезе брошура со клучни достигнувања и сет препораки за идна соработка на соседните општини. Планот е предлозите да стигнат до носителите на одлуки.

Средбата е дел од проектот „Градење на Европа Дома“, поддржан од програмата “Европа за граѓаните” на Европска Комисија, кој е резултат на соработката помеѓу “Младински сојуз” и “Асоцијација на активни млади во Лерин (Флорина)”.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG