Достапни линкови

Од едногодишен фестивал во неформално културно движење


„Млади за Скопје“ настан - Концерт на The Local Blue и изложба на Тања Вукобрат во Стара скопска чаршија
„Млади за Скопје“ настан - Концерт на The Local Blue и изложба на Тања Вукобрат во Стара скопска чаршија

Тројца млади момци организирајќи едногодишен фестивал започнале мисија за создавање автентична македонска култура, на која се приклучиле и голем број други млади. „Со ваква состојба на (не)култура не може да се очекува дека ќе се случи било каков општествен прогрес“, сметаат момците од „Млади за Скопје“.

„Млади за Скопје“ е карактеристичен пример на младинската волја за општествени промени. Членовите, 26 годишниот Димитар Тодороски, 23 годишниот Огнен Стојаноски и 19 годишниот Петар Стојаноски, го објаснуваат „Млади за Скопје“ како серијал на настани и емисии во кои главната улога ја имаат млади македонски артисти.

Идејата се појавила во 2016 година.

„Претходно нашата екипа направи три изданија на фестивалот „Алтернативно Скопје“ (2014-2016) и решивме дека еднаш годишно ни е малку да организираме настани, па сакавме секој месец да правиме по еден настан. Но, „Млади за Скопје“ излезе многу повеќе од само организација на настани, поради бројот на млади што се вклучи во идејата/иницијативата станавме неформално културно движење“, велат од „Млади за Скопје“.

Членовите од „Млади за Скопје“ - од лево Димитар Тодороски, Огнен Стојаноски, Петар Стојаноски
Членовите од „Млади за Скопје“ - од лево Димитар Тодороски, Огнен Стојаноски, Петар Стојаноски

РСЕ: Која ви е целта?

„Млади за Скопје“: Најтешко нешто е да се смени менталитетот на народот, а мнозинството од нашиот народ нема никаков културен код освен кодот на турбофолкот со кој е индоктриниран од 80-тите па наваму, се со цел одделни соседни држави да остваруваат културно влијание во Македонија. Ние сакаме да создадеме автентична македонска култура, која ќе биде карактеристична за нас како народ, која пред сè ќе почива на западни вредности – затоа почетоците беа прилично тешки, но полека почнуваат нашите идеи да продираат до сè повеќе млади луѓе.

РСЕ: Во однос на културните настани кои ги организирате, како ви течат подготовките? Како и дали собирате средства за организирањето, за исплаќање на бендови...? Со какви потешкотии се соочувате?

„Млади за Скопје“: Имаме повеќе годишно искуство со организирање на настани, со сите артисти сме познаници и пријатели и затоа организацијата на настаните е многу полесна од тоа што треба да биде. Годинава најголем предизвик беше да се испочитуваат мерките и протоколите за заштита од КОВИД-19. Со самото тоа што полицијата и обезбедувањето се присутни на нашите настани, тоа е најголемата гаранција дека настаните што сме ги организирале поминале најсигурно и најбезбедно што може.

„Млади за Скопје“
„Млади за Скопје“

Поради најновите новогодишни мерки за первенција од вирусот, моравме да го откажеме нашиот најнов настан и да го презакажеме кон крајот на јануари 2021 година. Настанот кој беше планиран за оваа недела е посветен на Тамара Тодороска, која го загуби животот во сообраќајна несреќа во 2017 година. Таа беше еден од членовите на „Млади за Скопје“, а вчера (23-ти декември) ќе славеше роденден. Таа беше интегрален дел од „Млади за Скопје“, и ни фали премногу.

Со потенцијалното смирување и средување на светската пандемија, најверојатно сите ќе доживееме нов бран на возбуда и радост, а тогаш и на нас како организатори ќе ни биде многу полесно да ги правиме настаните.

РСЕ: Колку сте задоволни од посетеноста на настаните?

„Млади за Скопје“: Интересно е што и во услови на оваа тешка пандемија, капацитетите на настаните на двата настани беа исполнети дури и 30 минути до 1 час пред самите настани да почнат. Тоа е доказ дека младината тежнее по култура, но е и доказ дека сме се нашле со публиката на половина пат т.е. дека она што ние го создаваме како емисии/настани – тие сакаат да го консумираат.

„Млади за Скопје“ настан - Концерт на Алембик во Стара скопска чаршија на 22 ноември 2020 година
„Млади за Скопје“ настан - Концерт на Алембик во Стара скопска чаршија на 22 ноември 2020 година

„Млади за Скопје“ настан - Концерт на The Local Blue и изложба на Тања Вукобрат во Стара скопска чаршија на 18 октомври 2020 годин
„Млади за Скопје“ настан - Концерт на The Local Blue и изложба на Тања Вукобрат во Стара скопска чаршија на 18 октомври 2020 годин

РСЕ: Подготвувате и видео интервјуа со уметници. Како започна тоа и што е идејата?

„Млади за Скопје“: Тоа започна поради искуството на дел од нашиот тим што го имаше во телевизија Телма. Таму научивме многу работи во врска со продукција на тв проекти. Поради желбата да се остави некаков документ или сведоштво за тоа што го правиме, но како и да се чујат прекрасните и прогресивни ставови на нашите артисти кои ги промовираме, се решивме да почнеме еднаш месечно да правиме по една епизода. До сега feedback-от што го добивме за емисиите е позитивен и тоа не прави радосни, горди и ни дава сила и мотивација да продолжиме и понатаму да создаваме нови содржини.

РСЕ: Кој е вашиот став за моменталната ситуација со културата и понудата на културни настани во Скопје? Како би ја карактеризирале?

„Млади за Скопје“
„Млади за Скопје“

„Млади за Скопје“: Се додека не се смени менталитет на луѓето, ние ќе продолжиме со културна и секаква декаденција. Со ваква состојба на (не)култура не може да се очекува дека ќе се случи било каков општествен прогрес. Затоа, ако се создаде критична маса од 80 до 100 илјади млади луѓе која знае што сака, огромен број на работи во нашето општество ќе се сменат набрзо во блиска иднина, но и во далечна иднина, затоа што тие млади ќе станат возрасни интелектуалци кои многу ќе можат да придонесат во сите полиња од нашето општество. Доколку младите се сплотат и се согласат кон определени идеи или културни вредности и цврсто ќе застанат позади тие позиции – тогаш, политичарите многу посериозно ќе се впуштат во исполнување на нивните аспирации.

XS
SM
MD
LG