Достапни линкови

„100 метрономи“ - звук на ракета во Филхармонија


Плакатот за концертот на Филхармонија
Плакатот за концертот на Филхармонија

„100 метрономи“ е насловен претстојниот концерт што ќе се одржи овој четврток, на 16 декември во 20 часот, во Филхармонија. Со оркестарот ќе диригира маестро Габриел Бебешелеа, а солист ќе биде врвниот руски пијанист Андреj Коробејников. На програмата се дела на класиците Хајд, Бетовен и Лигети.

Вториот став од Симфонијата бр. 101 „Часовник“ од големиот австриски композитор Јозеф Хајдн, Концертот за пијано и оркестар бр. 5 и Симфонијата бр.8 од германскиот феномен Лудвиг ван Бетовен и Симфониска поема „100 метрономи“ од унгарскиот уметник Герг Лигети, се делата кои се на програмата на претстојниот редовен концерт на Филхармонија што ќе се одржи овој четврток, на 16 декември во Салонот на оваа наша национална институција. Со оркестарот ќе диригира неговиот шеф-диригент маестро Габриел Бебешелеа од Романија, а како солист ќе настапи пијанистот Андреj Коробејников од Русија.

И, по оваа основна информација неколку реда за понудата што несомнено и во оваа пригода ќе ја разбуди љубопитноста на скопската, односно македонската публика.

Симфонијата бр.101, Хајдн ја напишал околу 1793/94 година, за време на неговото патување во Лондон, Велика Британија. Има и специфичен наслов „Часовник“ што доаѓа токму од пулсирачкиот ритам во вториот став, кој го продуцираат фаготите и гудачите. Тој интензивен ритмички пулс има музички контекст на круг кој се движи по иста траекторија и повторно се враќа назад.

Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во Ес-дур, Бетовен го компонирал во 1809 година, а премиерно бил изведен на 28 ноември 1811 година во Лајпциг. Делото е напишано во духот на хероизмот, и музичката симболика го следи овој примарен контекст. Музиколозите го нарекуваат „апотеоза на милитарниот концепт“, брат на „Ероика“, поради блискоста на колоритот и емоциите што ги предизвикува.

Од друга страна, летото 1812 година, кога славниот германски композитор опсесивно ја работел Осмата симфонија, го напишал најозлогласеното писмо во својот живот, адресирано до неговата мистериозна „Бесмртна сакана“. Колку и да звучи апсурдно, но сентименталноста на тоа писмо, неговата болка и срцепарателната содржина, на никаков начин не се рефлектирале во структурата на Осмата симфонија. Тоа е само едно, од низата „чудни“ и нетипични нешта што ја креираат аурата на ова музичко ремек-дело чиј автор е феноменот Бетовен.

Унгарскиот композитор Герг Лигети, делото „100 метрономи“ го напишал во 1962 година. Изведувачи на делото се 100 метрономи, за кои Лигети напишал партитура и инструкции како треба да „свират“. Делото го изведуваат десет музичари кои имаат по 10 метрономи што ги местат на знак на диригентот според инструкциите кои ги запишал токму авторот, а композицијата, како што велат музиколозите, звучи како вистинска „ракета од какофонични звуци“.

Андреј Коробејников

И, така полека доаѓаме до носителите на оваа концертна вечер.

Најнапред треба да се знае дека критиката рускиот пијанист Андреј Коробејников го нарекува „атипичен уметник кој прави совршени рецитални програми во кои поезијата и литературата се спојуваат со музиката“. И, по ваквата констатација неколку значајни факти од неговата биографија. Коробејников музичката кариера ја започнал на осумгодишна возраст кога во Баку се претставил со својот прв рецитал. Оттогаш до денес одржал бројни концерти ширум светот (свирел во Бразил, Канада, Кина, САД, Русија, Колумбија, Чешка, Данска, Германија, Латвија, Јужна Африка, Турција, Австрија, Белгија, Монако итн.) при што соработувал со познати диригенти, како што се: Јуриј Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович и други.

Иако често настапува како солист, тој свири и во камерни состави со музичари како Вадим Репин, Дмитриј Махтин, Алина Ибрагимова, Александар Књажев, Јоханес Мозер, Татјана Василева, Борис Березовски, Александар Палеј, Икујо Накамичи и така со ред.

Во своите настапи, Коробејников бил придружуван од повеќе оркестри, како: Лондонскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Франција, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Чешкиот филхармониски оркестар, Токискиот филхармониски оркестар ... Згора на тоа тој учествувал и на повеќе престижни фестивали, како што се: „La Roque d'Anthéron“, „Festival de Radio France et Monpelier“, „Klarafestival“, „Young Euro Classic“, „White Nights“ и „Northern Flowers“. Инаку, во 2000 година бил избран за доживотен член на Одделот за уметност при Интернационалната академија на науките во Сан Марино, а добитник е на првата награда на Третиот меѓународен натпревар за пијано „Александар Скрјабин“ во Москва и на втората награда на Вториот меѓународен натпревар за пијано „Сергеј Рахманинов“ во Лос Анџелес.

Габриел Бебешелеа

Маестро Габриел Бебешелеа, пак, веќе цели две сезони е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и на публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио,тој сними албум со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала-фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа e славен како „еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија“. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на прва награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамбершкиот симфонискиот оркестар (2016).

Многу рано бил забележан и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Својата репутација како диригент на опери ќе ја зацврсти со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба која ќе добие високо позитивни критики.

Кон ова и уште неколку занимливости за маестро Бабешелеа. Една од неговите големи пасии е да работи со млади музички уметници. Веќе цела една декада тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар.

Дипломирал оркестарско диригирање во 2010 година со оценка „КумЛауде“на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрирал на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторирал на истиот универзитет. Моментално живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии наУниверзитетот за музика и изведувачки уметности.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG