Откако Македонија не доби датум поради француското „не“, во медиумскиот фокус се појави Преспанскиот договор. Електронското издание на Нова Македонија го објавува предупредувањето на премиерот Зоран Заев искажано во грчкото издание на Јуроњуз дека „Блокадата за ЕУ го доведува во ризик договорот за името бидејќи двата процеса се меѓусебно поврзани. Одредени поглавја ќе бидат замрзнати затоа што не можат да се спроведат“. Заев нагласува дека спорните поглавја главно се однесуваат на домашната употреба на новото име на земјата.
Нова Македонија објавува и свое видување на работите, па во еден авторски осврт со наслов: „Преспанскиот договор под мраз или на тенок лед“, пишува: „Нервозата и конфузијата што завладеаја на македонската политичка сцена, предизвикани од категоричното француско ’не‘ за датум за претпристапни преговори за членство во ЕУ... како да придонесе драстично да се намали неговата политичка пазарна вредност... па со примената на политичкиот опортунизам, неговата адутска вредност сега се преиначува и менува со пласирање тези за негово повлекување или барем ’замрзнување‘“.
Нова Македонија го објавува и одговорот на премиерот на новинарско прашање во Владата, кој како да е одговор на ваквите тези: „Преспанскиот договор е имотен лист за нашата земја, ќе го спроведеме до крај, успешно ги завршуваме забелешките кои стигнаа од грчка страна, а и сами ги забележавме. Очекуваме и грчката страна да направи конкретни чекори, како промена на таблите“. Договорот од Преспа е во фокусот на вниманието и на грчките медиуми. Катимерини пишувал дека Атина планира одблиску да го надгледува спроведувањето на Договорот, а портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич порачала дека е уверена оти Скопје и Атина ќе продолжат да го почитуваат, објавува исто така порталот на Нова Македонија.
Онлајн магазинот Глобус ги следи најновите реакции на францускиот печат, кој продолжува да го напаѓа претседателот Макрон. „Под влијание на Париз, Европа предаде дел од себе на штетното влијание на Кина, Русија и Турција. Во момент кога САД на Доналд Трамп ги предаваат Курдите во Сирија, Франција го пушта Балкан низ вода“, се некои од мислењата на францускиот печат.
Домашните медиуми веќе се фокусирани и на вонредните парламентарни избори во април. Фокус пишува за „резонирањето на владината пропаганда“: „Ако разочараните од Заев одбијат да го поддржат СДСМ на изборите, тие ќе го врателе ВМРО-ДПМНЕ на власт. Значи, граѓаните ќе бидат виновни, а не Заев и СДСМ со своите недела, сомнителни тајни договори со криминалците за амнестија, бизнис гешефти на браќата и братучедите, рекет скандали и корупциски афери!?“ – се исчудува Фокус. Вечер објавува дел од мислењето на новинарот Горан Момировски во една емисија на Канал 5 ТВ дека „според анкетите и трендовите, ВМРО-ДПМНЕ сигурно победува на наредните избори...“
Слободен печат ја објавува пораката на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, од Вевчани: „Ветувањата на власта дека ќе ги вратат младите со ’планот за живот‘ не се остварени. Вечер го цитира реплицирањето на премиерот Заев на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот на предупредувањето од пратеникот Антонијо Милошоски дека е непринципиелно пред избори и евентуално доаѓање на нова влада да се именуваат амбасадори: „Нова влада ќе нема ни во април, ни во мај, ни во јуни. Што побрзо го сфатите тоа ќе биде подобро за вас“.