Достапни линкови

Какви маски штитат од коронавирусот?


Луѓе со заштитни маски, Скопје, март 2020 година
Луѓе со заштитни маски, Скопје, март 2020 година

Заштитни маски како дел од превенцијата од коронавирусот и поради недостигот во аптеките се продаваат и на социјалните мрежи. Но, дали алтернативните маски се ефикасни и правилно се употребуваат?

Пет маски за возрасни за 590 денари. Четири маски за деца за 290 денари. Ова се дел до рекламите на социјалните мрежи за продажба на заштитни маски, кои според огласувачите, се памучни, се перат и чистат во машина за перење алишта. Маските, како што се наведува, имаат специјален материјал создаден од нуклеарна пора и имаат функција да ги заштитат вашите респираторни канали од бактерии, вируси , полен и прашина.

Во недостиг на хируршките маски и маските Н95 во аптеките, се нудат алтернативни маски за заштита од ширењето на коронавирусот, а се објавуваат и низа видеа за тоа како граѓаните може сами да си направат маски.

Поради потребите на општеството, прилепска конфекција започнала рачно да изработува импровизирани заштитни маски. Но, според директорката на конфекцијата, Ирена Јакимоска тие не се согласно стандардите, бидејќи самиот репороматеријал мора дa биде специфициран и стандаризиран за производство на маските.

„Имено која е разликата? Во овој момент маските кои ние ги произведуваме не ги ни стерилизираме. Немаме начин како, а тоа не е соодветно, маската вие ја ставате на уста. Против мојата желба е. Меѓутоа со оглед на тоа дека имавме голем притисок и од болницата и од населението во Прилеп одлучивме, не само ние, туку и други компании во текстил да произведуваме рачно.“, вели Јакимоска.

Таквите маски не се соодветни, посочува директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери.

„Моето лично мислење е против. Не може платно кое се користи за облека да биде заштитна маска. Напротив тие маски може да бидат и извор на инфекција и луѓето да се разболат беспотребно“, вели Зибери.

Во меѓувреме, како што наведува Јакимоска, конфекцијата нарачала соодветен репроматеријал и машина за изработка на заштитни маски.

„Она што треба како технологија, тоа е материјал којшто не пушта воздух доволно за да може да влезе бактеријата. Второ она што е многу битно е машината овозможува при самиот процес на работа стерилизирање на тој материјал“, додава таа.

Зибери смета дека најважно е да се почитуваат и препораките на СЗО и мерките на Владата.

„Попримарно и побитно е да се држи растојанието меѓу луѓето, да се почитуваат мерките на Владата, отколку да трчаат луѓето по заштитни маски. Се знае заштитните маски ги користи медицинскиот персонал кој работи и директно е изложен со пациенти. Тоа е неопходно, ама луѓето да шетаат по улици со маски мислам дека е непотребно“, додава Зибери.

СЗО со 5 совети за заштитните маски
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:52 0:00

Светската здравствена организација препорачува заштитни маски да користат само лица кои кашлаат и киваат или се сомневаат дека се заразени со Ковид-19, или во случај да се грижат за лица за кои постои сомнеж или се заразени со болеста.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG