Достапни линкови

Македонија се сопнува од секој камен фрлен кон бугарските клубови


Протести против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Македонија, 7 октомври, 2022.
Протести против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Македонија, 7 октомври, 2022.

За последниот напад на клубот во Охрид со огнено оружје е известена и ЕУ. Еврокомесарот Вархеји очекува истрага, но и да се најдат сторителите. За македонското МНР станува збор за вандалски чин, за бугарското, тоа е сериозно кривично дело.

Три напади врз бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ за само месец и половина откако е отворен. За последниот напад, со огнено оружје, врз клубот во Охрид бугарските дипломати ги известиле и челниците на Европската комисија (ЕК).

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји очекува македонските власти брзо да реагираат.

„Се надевам дека Владата ќе го направи истото како и во претходните случаи. Тоа значи да започне истрага, но и да ги најде извршителите“, изјавил еврокомесарот за бугарското радио „Бугарија ОН-Еир“.

Бугарија ќе ги искористи ваквите настани да прикаже дека во Македонија се загрозени правата на бугарската заедница, вели професор Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции.

„Ќе го искористи и истовремено тоа да се поврзе со нашиот пат кон полноправното членство, односно да се оправдаат евентуални чекори на блокирање на почетокот на преговорите, а понатаму и за поглавјата“, вели Наумовски.

Затоа, македонските власти, треба да бидат подготвени да ги објаснат сите детали за овие случувања, но и да работат со јавноста и да кажат дека сè што е поврзано со оштетување на бугарските клубови може да и наштети на евроинтеграцијата на Македонија.

Отворањето на бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ во Македонија, кои носат имиња на личности од историјата, поврзани со нацистите во 20 век, предизвикаа незадоволство и кај јавноста и кај политичарите во земјава.

Нивното отворање стави сенка на пробивот што го направија Македонија и Бугарија во меѓусебните односи со помош на Францускиот предлог, со кој беше надминато двегодишното бугарско вето на македонските евроинтеграции.

Бугарија, која е членка на ЕУ и Македонија, која сака да биде, имаат несогласувања околу нивните длабоко испреплетени култури, идентитети и јазици.

Европските институции нема да ги поздрават случувањата, како инцидентот со клубот во Охрид, но тие треба да ги имаат и претходните информации за отворањето на здруженијата и клубовите, па евентуалните спорови да се решаваат во духот на европските вредности и согласно меѓународните конвенции за човекови права, додава Наумовски.

Од три напади, еден расчистен, сторителот сам се пријавил

Охридската полиција се уште трага по сторителот кој вечерта на 23 ноември со огнено оружје ја оштетил надворешната врата и излогот на клубот, кој се наоѓа во трговскиот центар „Амам“ во центарот на Охрид.

Бугарската новинска агенција Бгнес јавува дека осум чаури биле пронајдени во просторијата на клубот. Според агенцијата има снимка на која јасно се гледа автомобилот од кој е пукало и нема да им биде проблем, доколку има вистинска истрага, да се пронајдат напаѓачите.

Се уште не е пронајден ниту сторителот кој во понеделникот на 21 ноември со камен го оштети излогот на клубот и дел од светлечката реклама. Клубот беше цел на напад и пет дена по отворањето во октомври. Но виновникот за тоа дело, 47 годишен охриѓанец, сам се пријавил во полиција.


Вандалски чин или сериозно кривично дело

Последниот напад го осудија и македонското и бугарското министерство за надворешни работи. Македонското МНР вели дека станува збор за вандалски чин и се загрижени што овие вандалски активности се повторуваат.

„Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава“, се наведува во реакцијата од македонското МНР.

За бугарското МНР, пак, инцидентот во Охрид е сериозното кривично дело во кое е употребено огнено оружје, а не вандалски чин, како што го нарекува македонското МНР.

За инцидентот во бугарското МНР е повикана и амбасадорката на Северна Македонија во Софија, Агнеса Руси-Поповска, за да и биде врачен остар демарш.

На кого му одговараат вакви инциденти?

Инцидентот во Охрид, не му носи добро на никого реагираа бугарските историчари кои во Скопје одржуваат состанок со своите македонски колеги во рамките на Заедничката комисија за историски и образовни прашања. Инцидентите влијаат на билатералните односи, но не и на работата на комисијата, рече Ангел Димитров, копретседавач со Комисијата.

„Мислам дека тоа не треба да биде коментирано. Тоа е еден брутален чин на омраза, додаде Димитров, во одговор на новинарско прашање пред почетокот на дводневниот состанок во Скопје.

Во регионот секога ќе има елементи на кои не им одговара целосна интеграција на земјите во Европската унија, додава Наумовски.

„Тоа се центри кои ќе се обидат да поттикнуваат и билатерални спорови, но и судири внатре во општествата насочени кон попречување на европеизацијата“, вели Наумовски. Тој додава дека единствено решение за тоа е отпочнување на преговори за членство во ЕУ и тие да се одвиваат брзо.

Нова искра за стари препукувања

Нападот на клубот во Охрид е апсолутно неприфатлив чин на агресија, рече бугарскиот претседател Румен Радев. „Агресијата со децении се гаи во Северна Македонија против Бугарија и против Бугарите“, вели Радев.

Тој ги потсетува македонските власти дека патот на Северна Македонија кон ЕУ минува низ признавањето и почитувањето на правата на македонските Бугари, на бугарското културно и историско наследство.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски потсетува дека уште при отворањето на клубовите со такви имиња посочил дека тие може да претставуваат само провокација. Тој потсетува и дека апелирал до граѓаните да бидат достоинствени да се однесуваат во согласност со европските манири. Ковачевски вели дека регионот треба да покаже дека има заедничка иднина во Европа.

„А таа се базира на добрососедски односи кои секогаш зависат од сите соседи“, рече премиерот.

Македонскиот пат кон ЕУ беше одблокиран со компромисниот договор со посредство на Франција, за возврат Бугарите треба да бидат внесени во Уставот на Македонија. Договорот беше одобрен од бугарскиот и македонскиот парламент во јули.

Отчукува часовникот за бугарските здруженија и клубови

За здруженијата и клубови со спорни имиња „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид отчукува часовникот да ги прилагодат своите имиња според Законот за здруженија и фондации изгласан на 2 ноември. Тие имаат три месеци да ги сменат имињата или ќе бидат избришани од Централен регистар.

Освен клубот во Охрид, претходно и клубот во Битола беше цел на напад. Популарниот пејач Ламбе Алабаковски, ја запали вратата на клубот за што доби условна затворска казна.

Ванчо Михајлов се смета за соработник на фашистите во Втората светска војна, кој тврдел дека Македонците се Бугари.

Цар Борис Трети владеел во Бугарија од 1918 до 1943 година, а во негово време во 1941 година Бугарија станува сојузник на нацистичка Германија, со што за возврат добива територии, вклучително и голем дел од денешна Македонија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG