Господине Ѓоргиев последниот состанок на Комисијата го одржавте практично во исто време кога се отвораше клубот Никола Вапцаров во Благоевград. Како отворањето на овој културен клуб, но и на бугарските културни клубови во Македонија се одразува на Комисијата?
Ние состанокот го одржавме во четврток и петок, минатата недела, два дена пред отворањето на клубот во Благоевград. Постоеја веќе извесни тензии, јавноста беше заинтересирана за тоа, медиумите пишуваа, меѓутоа морам да кажам дека ние воопшто не дискутираме за тоа, ниту дискутиравме на таа средба. Многу пати сме кажале, работиме ние во еден политички контекст, и сите настани во Бугарија или во Македонија кои се поврзани со историјата, со таа меморија на сеќавање, со односите кои допираат со минатото, влијаат на работата на Комисијата, така што таа атмосфера што се создава со отворањето на клубовите, посебно со овие во Македонија, создава една атмосфера која е присутна, меѓутоа сепак не влијае премногу на работата на Комисијата.
Кој е Вашиот став за работата на овие клубови? Се отвори дебата за историски личности меѓу граѓаните, дури и се манипулира со чувствата на граѓаните. Кој е Вашиот став?
Отворање на клубови и друштва ако тие навистина се наменети да бидат мост преку кој ќе се пласира културата и идеи за соработка меѓу двата народи, тогаш тоа не е спорно. Меѓутоа кога се отвораат клубови кои носат имиња на личности кои немаат ниту допирна точка со културата на таа заедница која го отвора или на заедницата каде што се отвора тој клуб, тогаш тие навистина стануваат јаболко на раздорот и причина за уште поголема тензија меѓу Македонците и Бугарите, во конкретниот случај. Несомнено е дека отворањето на тие клубови во Македонија со тие имиња имаат поинаква позадина, имаат друга цел, и сето тоа веќе е толку јасно и на јавноста и во Македонија, па и во Бугарија, така што верувам дека, јас верувам, мислам дека ќе се прекине со таквата пракса и доколку двете држави сакаат тие клубови да придонесат за релаксирање на односите меѓу двете држави, тогаш треба политичките елити на двете држави да седнат и да размислат добро на кој начин ќе се менаџираат тие клубови, затоа што очигледно е дека отворањето на тие клубови, посебно на бугарските клубови во Македонија, имаат друга цел, односно да ги нарушат уште повеќе односите меѓу Македонците и Бугарите, и тоа очигледно станува збор за некоја смислена политика, која можеби се води во некои други центри надвор и од двете држави.
Отворањето пак на клубот Никола Вапцаров во Благоевград, во Бугарија беше наречен провокација, во Македонија некои го оценија дека е историски настан.
Јас морам да кажам дека постои историска разлика меѓу тие клубови кои се отворени овде и македонскиот клуб што е отворен во Благоевград, затоа што за назив на тој клуб таму е избрана личност која не е контроверзна, која е прифатена и во бугарското општество, кој важи за бугарски поет, кој пишувал на бугарски јазик, и од тој аспект апсолутно немаш никаква задршка, не би требало да постои во бугарското општество за називот на тој клуб, како што постои една револтираност во македонската јавност за називите на бугарските клубови.
Како врз работата на комисија влијае политичката ситуација во Бугарија која е нестабилна, со речиси постојани избори и привремени влади?
Моето чувство е дека има такво влијание, тој политички контекст несомнено влијае врз работата на комисијата и моето чувство е дека членовите на Комисијата од бугарска страна на извесен начин ја забавуваат работата на Комисијата. Очигледно таа некаква нејасна политичка ситуација во Бугарија влијае на нив некои работи да одат побавно сè додека не се избистри ситуацијата во Бугарија за тоа кој ќе ја води политичката влада таму. Сè додека не се формира стабилна политичка ситуација тоа ќе биде присутно во работата на Комисијата.
Што разговаравте на последниот состанок на Комисијата во Софија?
Веќе неколку состаноци наназад на дневен ред се нивните забелешки за нашите учебници и за усогласување на евентуален текст за чествување на Гоце Делчев.
Се договоривте ли околу заедничката прослава на Гоце Делчев. И минатата година подготвувавте и се договаравте, па премиерите тогаш излегоа настрана од вашите разговори и заеднички го одбележа празникот.
Не, се уште немаме усогласено таков текст како што излегоа препораките за тие пет личности од Среден век, се уште не успеаваме да усогласиме таков текст за Гоце Делчев. Една од причините е поради пристапот на колегите од Бугарија, кои помалку инсистираат на спомнувањето на идентитетот на Гоце Делчев. Кога ние кажуваме дека во моментот тој е национален херој и за македонскиот народ, се слави овде и за бугарскиот народ, тие се повлекуваат од идејата да се спомне формулацијата современ македонски народ, современ бугарски народ. Настојуваат да се напише двете општества, наследниците на Гоце Делчев итн., и тука некаде доаѓа до тие недоразбирања, односно не исти идеи за тоа како треба да се претстави, да се усогласи тој текст. Мислам дека околу Гоце Делчев ќе имаме уште многу дискусии и во однос на славењето, догодина е 120 години од смртта на Гоце Делчев, политиките, власите, државите можат да направат заедничко положување на цвеќиња, меѓутоа од Комисијата се уште нема усогласен текст, како што има за другите личности.