Достапни линкови

Македонија доби дел од енергетскиот пакет од ЕУ


илустрација
илустрација

Неповратен грант од 80 милиони евра од ветениот енергетски пакет на Европската Комисија ќе легнат на буџетската сметка на државата. Овие пари ќе се користат за субвенции за сметките за струја, за поддршка на малите и средни претпријатија, како и за инвестиции во енергетската транзиција. Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека парите не се само апстрактна бројка, туку директна помош за најранливите категории.

Македонскиот буџет од денеска е „потежок“ за 80 милиони евра кои Европската Комисија ги додели како поддршка за полесно справување со енергетската криза.

Парите се дел од финансискиот пакет кој пред пет месеци го најави претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен. Покрај овие 80 милиони евра, таа тогаш најави и 500 милиони евра во грантови за целиот регион, кои ќе се однесуваат на инвестиции во енергетските конекции со Европа, за поголема енергетска ефикасност и за обновлива енергија.

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир изјави дека помошта е гест на солидарност на ЕУ и додаде дека таа ќе се зголемува на патот на Македонија кон Европската Унија.

„За многу корисници на оваа поддршка оваа бројка не е апстрактна. Таа е финансиска поддршка што ќе направи разлика во справувањето со кризата. Нашите придонеси ги вклучуваат најранливите категории, околу 172 илјади луѓе, пензионери, самохрани родители, невработени кои имаат потреба од социјална заштита, 47 илјади домаќинства, 470 училишта, 67 јавни претпријатија кои обезбедуваат вода како и пречистителните станици, прехранбени компании и здравствени институции. Ова не се само бројки, туку луѓе кои заслужуваат помош, компании и институции на коишто сите се потпираме“, изјави амбасадорот Гир.

На новинарско прашање дали Брисел е запознат за лица поврзани со висока корупција, откако американската амбасадорка Анџела Агелер соопшти дека едно до две лица ќе бидат на црната листа на САД, Гир рече дека нема увид во поединци кои би можеле да бидат цел на санкции, но ја потенцираше важноста за на прашањето за борбата против корупцијата на патот кон ЕУ.

„Тука не се работи за идентификување поединци туку за промена на системот за институциите да можат да се борат, да се справат со корупцијата и сите да знаат дека не постои толеранција за корупцијата. Тоа е долгорочен процес во кој сме вклучени и таму имаме важна улога. Владата ја има водечката улога, но има и други, како граѓанското општеството, бизнисите, како и политичките партии“, рече евроамбасадорот Гир.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека грантот е дел од вкупно 225 милиони евра што Владата ги планира за мерки за справување со енергетската криза во 2023 година. Овие средства се поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка за малите и средните претрпијатија за одржување на нивниот бизнис, како и за инвестиции на државата во енергетската транзиција, во обновливите извори и во енергетската ефикасност.

„Овие средства се веќе достапни и ќе се користат како дел од пакетот антикризни мерки. А мерките веќе даваат резултати. Денес има и струја и парно, а рестрикции нема. Владата во соработка со сите инстутуции и ЕУ спречи ценовен шок, овозможи стабилно снабдување со електрична енергија, го зголеми домашното производство на струја, обезбеди стабилна цена и стабилизација на инфлацијата која три месеци по ред паѓа,“ рече Ковачевски.

Од Владата истакнуваат дека енергетската независност останува приоритет. Податоците покажале пораст на инвестиции од обновливи извори на енергија, а резултатите се 182 мегавата инсталиран капацитет од 1 јануари 2022 до 28 февруари 2023. Ковачевски вели дека со овие капацитети од обновливи извори на енергија може да се задоволат потребите на домаќинства од осум градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Свети Николе, Ресен и Дојран.

„Во првите два месеца од годинава во државата има нови 88 фотонапонски електроцентрали со моќност од 29 мегавати за производство на струја кои се стекнале со лиценци за работа. Сите овие трендови водат кон зголемување на енергетската независност на земјата, стабилност во снабдувањето со електрична енергија. Сето ова немаше да го постигнеме доколку не беа со нас и нашите партнери“, рече премиерот.

Инаку сумата од 80 милиони евра е дел од поширок пакет вреден 1 милјарда евра наменет за целиот Балкан, кој лани прв го најави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Тој вети финансиски пакет за регионот за ублажување на ефектите од енергетската криза. Помошта е за надминување на тековните проблеми во однос на снабдувањето со енергија и вискоите цени за ндустријата и домаќинствата.

Ова не е прв пат Европската Унија финансиски да ја помага државата во услови на криза. И во текот на 2020 година ЕУ додели грант од 40 милиони евра за справување со ковид-кризата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG