Мрежната светска организација Линија за помош на деца (Child Helpline International), по повод Меѓународниот ден на линии за помош на деца, го објави извештајот „Гласови за време на пандемија КОВИД-19 – влијанието врз децата, младите и линиите за помош на деца ширум светот“, во кој учествуваше и СОС линијата за деца и младите на „Меѓаши“.
Во 2020 година на светско ниво, линиите за помош на деца добиле за 25 проценти повеќе јавувања во споредба со претходната, покажала спроведената анкета во рамки на извештајот „Гласови за време на пандемија КОВИД-19 – влијанието врз децата, младите и линиите за помош на деца ширум светот“. Извештајот го подготви мрежната светска организација Линија за помош на деца (Child Helpline International), по повод 17 мај, Меѓународниот ден на СОС линиите за деца. Во извештајот учествуваше и СОС линија на првата Детска амбасада „Меѓаши“.
СОС линиите како што е и СОС телефонот за деца и млади (070 390 632 и 02 2465 316) при Детската амбасада „Меѓаши“ имаат цел да помогнат на најранливата група од населението – децата, така што ќе бидат слушнати гласовите на децата и младите, а нивните права почитувани, коишто за жал не ретко се запоставени. Благодарение на линиите за помош на деца и млади, многу деца може да ја добијат потребната помош и поддршка.
Според извештајот, меѓу главните проблеми кои биле причина за јавувањето се насилството и менталното здравје, што е ситуација и во 2019 година. Јавувачите барале информации и за семејни односи, пристап до основни услуги и за физичкото здравје.
„Оваа година мрежната организација Child Helpline International, има предвидено повеќе активности што ќе бидат промовирани во текот на седмицата, почнувајќи од денеска до 20 мај, а со цел да се подигне свеста на децата и младите луѓе за можноста од поддршка за време на пандемијата од Ковид 19 и да се фокусира вниманието на јавноста кон тешкотиите и предизвиците со кои се соочуваат СОС линиите за деца, меѓу кои е и нашата“, велат од „Меѓаши“.
Во текот на 2020 година (јануари – декември) на линијата на „Меѓаши“, според нивниот годишен извештај, остварени се вкупно 240 првични контакти (дојави), а дополнително се остварени 287 разговори. Вкупниот број на деца и млади кои се опфатени со дојавите изнесува 313. Споредбено со минатата година, бројот на дојавите е зголемен повеќе од двапати.
„Искуството и оваа година ни потврдува дека продолжува трендот на пријавување на случаите на прекршување на правата на децата од страна на возрасни лица. Најчесто тоа се родителите. Децата сè уште молчат и се плашат да го пријават насилството или прекршување на кое било друго право. Тие не се чувствуваат сигурни да пријават насилство, особено кога тоа се случува во домот и е од страна на двајцата родители или пак едниот родител нема разбирање и смета дека во ред е децата да бидат тепани. Во овој дванаесетмесечен период проблеми за кои најчесто нè контактираат граѓаните се проблеми поврзани со правото на заштита од насилство, правото на образование и правото на пристап до други институции“, стои во извештајот за ланската година на „Меѓаши“.
СОС телефонот за деца и млади при „Меѓаши“ од своето оформување во октомври 1993 година досега има обезбедено континуирана поддршка на повеќе од 21 илјада пријавени случаи. СОС телефонот за деца и млади при „Меѓаши“ овозможува поддршка/разговор на/со децата кога тоа им е потребно, поддршка за некое прекршено право на детето, помош при застапување и лобирање, промовирање на правата на детето и промоција на СОС телефонот како медиум за помош на децата.