Реални индиции за нелегални активности на актуелниот скопски градоначалник, како што тврди со недели ВМРО-ДПМНЕ или предизборно наметнување тема која ја нема како што вели првиот човек на градот Петре Шилегов? Градоначалникот ова го тврди во изјава за Радио Слободна Европа во која вели дека ВМРО-ДПМНЕ со недели се обидувало да ја наметне темата за реконструкцијата на неговата семејна куќа во скопската населба Тафталиџе за да избегнеле дебата за проектите за градот која, вели требала да се води на еден месец пред локалните избори на кои и самиот е кандидат.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека Шилегов ја реновира и надградува својата куќа на нелегален начин, без документи и дека откако тие го обелодениле тоа, на четврти месецов, во сабота, во Катастарот му била впишано право на сопственост на земјиштето, што од партијата тврдат дека е основен предуслов за какви било градежни активности. Шилегов, пак, тврди дека внесувањето во Катастар е неважно за градежната активност.
„Тоа е совршено небитно. Одобрението за реконструкција на мојата куќа и решението за приватизација на земјата се од месец декември. По електронски пат го спроведуваат управата за имотно-правни односи, Катастарот...и пак велам, станува збор за документ кој е совршено небитен за реконструкцијата на мојата куќа“, вели Шилегов.
Што тврди ВМРО-ДПМНЕ за семејната куќа на првиот човек на Скопје?
Од партијата почнаа со прес конференциите на оваа тема на 28 август. Тие тврдеа дека како што го нарекуваат луксузниот објект на Шилегов, семејната зграда во скопски Карпош е дивоградба и бараа да се објави дозволата. Потоа Шилегов на шести септември излезе на прес конференција на која што покажа решение за приватизација на земјиштето, рече дека е сопственик на семејна куќа која се состои од приземје, прв кат, втор кат и покрив и дека ништо не е додадено повеќе од тоа што стои во имотниот лист.
Следниот ден, на седми септември, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски излезе со тврдење дека имотниот лист на Шилегов е сменет во Катастар на четврти септември во сабота. Дополнително тој излезе и со нови прашања.
„Која е фирмата односно фирмите ангажирани за најпозната, најлуксузната дивоградба во општина Карпош, надградба без документи ? Дали се тоа фирми добитнички на тендери во Град Скопје? Дали воопшто има финансиска трансакција кон нив или се работи за противуслуга? “праша Стоилковски.
Шилегов: се е доставено во Антикорупциска комисија
Шилегов, пак, не одговори на прашањето на РСЕ кои се фирмите, ниту пак дали се точни тврдењата дека фирми кои работат за град Скопје работат и на неговата куќа, туку упати одговор да се бара во Државната комисија за спречување корупција.
„Јас во Антикорупциската комисија уредно го имам пријавено договорот со градежна фирма за реконструкцијата на мојата куќа и тоа е видливо на мојот анкетен лист“ вели Шилегов.
На неговиот анкетен лист објавен на интернет страницата на Државната комисија за спречување корупција го нема прикачено договорот за реконструкција, но од комисијата за Радио Слободна Европа потврдија дека скопскиот градоначалник го има доставено договорот. Од комисијата објаснуваат дека ваквиот тип документи не се објавуваат јавно, но дека може да се добијат со барање за пристап до информации од јавен карактер чиј рок за издавање е дваесет дена.
Инаку локалните избори ќе се одржат на 17 октомври, а Шилегов кој истера еден мандат како скопски градоначалник е повторно кандидат на владејачката СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ не излегоа со свој кандидат туку ја поддржаа претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска која се кандидира како независна. Покрај нив двајца за градоначалничката функција на главниот град ќе се натпреваруваат и десет други кандидати, некои од помалите партии, а некои независни.