Достапни линкови

„Кумановски графичари 2021“ во Музеј на Неготино


Ана Јовановска - ГгЃѓ 2020 , акватинта
Ана Јовановска - ГгЃѓ 2020 , акватинта

Единаесет академски уметници со некаде триесетина дела од нивната најнова продукција се претставени на биеналната изложба на графика „Кумановски графичари“ што од 17 декември и се до средината на февруари годинава се одвива во Изложбениот салон на Музеј на град Неготино.

По само три недели од премиерното претставување пред ликовната публика и културната јавност во НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“, делата на 11-те академски графичари кои ја чинеа биеналната изложба „Кумановски графичари 2021“ тргнаа на пат. Нивната прва станица е Музеј на град Неготино, каде од 17 декември и се до средината на февруари актуелнава година ќе се одржи оваа поставка. А, на неа љубопитните проследувачи на ваквите несекојдневни културни настани во Тиквешијата ќе имаат можност да се запознаат со најновата продукција на творци како Зоран Јакимовски, Мирослава Цветковиќ, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Александар Стефановски , Милена Арсовска, Валентина Илијевска, Симона Јакимовска, Ана Јовановска, Стефан Анчевски и Дејвид Стоилковски.

Во текстот за каталогот на оваа поставка историчарот на уметност Роберт Цветковски забележува дека „замислена како биенално претставување на најновите графички остварувања на кумановските академски графичари, изложбата, за жал го изгуби чекорот на двегодишно промовирање на оваа актуелна гранка од областа на визуелните уметности“. Тој појаснува дека причините се првенствено предизвикани од пандемиската криза, но и од намалената графичка продукција. Сепак, како што вели, „направените напори вродија со плод и успеавме да собереме една колекција од дваесеттина досега не изложувани графички листови од 11 автори“.

Мирослава Цветковиќ - What is 2020

Застапени се повеќе класични графички техники иако се забележува придвижување кон дигиталниот печат – техника којашто веројатно ќе доминира во претстојниот период. Со ова овозможивме континуитет на овој успешен серијал на афирмација на кумановските графичари претставувајќи им го актуелното творештво на ликовната критика и пошироката публика. Се надеваме дека деветтото издание на “Кумановски графичари“ ќе предизвика интерес кај пошироката медиумска јавност и ќе ја актуализира важноста на современата македонска графика, вели Цветковски.

Стефан Јакимовски , Ѕвезда 2018 , дигитален печат

А, Драгица Чекорова, директорка на Музеј на град Неготино, истакнува дека изложбата „Кумановски графичари 2021“ е исклучително интересна и дека досега предизвикала големо внимание. Вели дека токму поради тоа наместо до средината на јануари, тие оваа поставка ќе ја остават во Изложбениот салон до Свети Трифун, за кога, по едногодишна пауза поради светската пандемија, веќе е закажано традиционалното 24-то претставување на копаничарите на тамошното здружение „Стари занаети“.

Членовите од ова Здружение „Стари занаети“ ќе ги презентираат своите ракотворби, најновите копаничарски дела. Оваа изложба се организира за Денот на лозарите бидејќи Свети Трифун е патрон во Тиквешијата и тој овде посебно се слави, се празнува како заштитник на виновата лоза, на лозјата и на лозарите од понатамошни катастрофи, вели етнологот.

Ханифе Ислами - „Бегање“ 2017, линорез

Чекорова и со најава дека во март во Изложбениот салон ќе го претстават творештвото на браќата сликари Филип и Ангел Коруновски од Велес, потем е закажано гостувањето на Музеј Неготино во соседното Кавадарци со своја автентична изложба – претставување на Златниот антички наод од четврти и трети век пред нашата ера пронајден во село Тревник во 2008 година, а за почетокот на април ја планираат изложбата на карикатури на Миле Манчевски. Велешанецот, како што вели таа, во Неготино ќе ги претстави неговите творби работени на една исклучително актуелна тема – Корона, односно социјалниот и општествениот живот за време на светска пандемија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG