Достапни линкови

Кој готви од Македонија до Африка: Путиновите луѓе од сенка


Путиновите луѓе во сенка од Македонија до Судан
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:41 0:00

Путиновите луѓе во сенка од Македонија до Судан

Соколот од Кремљ, Готвачот на Путин, Живаљевиќ, Савидис, Вадимович, Малофеев, Малинов, Бачев и уште многу други, според медиуми како Њујорк тајмс и аналитичари од рангот на Хауард Амос и Марк Галеоти, се „политичките готвачи“ во сенката на Кремљ од Македонија до Африка.

Македонскиот референдум за името и насилствата во Собранието на 27 април, обид за пуч во Црна Гора, анексија на Крим, оружје за Србија, и најново, африканската стратегија. Во сите овие настани и сценарија, медиуми од рангот на Си-Ен-Ен и Њујорк тајмс и аналитичари и истражувачи како Марк Галеоти и Хауард Амос, велат дека има по еден „човек на Кремљ“.

Такви се, велат аналитичарите и дел од западните медиуми, во прв ред, Соколот од Кремљ, Стратегот, Хирургот, Готвачот на Путин, но и Горан Живаљевиќ, Иван Савидис, Леонид Вадимович, Константин Малофеев, Николај Малинов, Јанко Бачев... Според дел од аналитичарите и влијателните медиуми, кои ги цитираме подолу, сите овие личности, секој во својот регион, работат „за руски антизападни интереси“ - од Македонија до Централно-африканската република.

Според документи од разузнавачките служби во Македонија, Црна Гора, Косово и БиХ најактивните поддржувачи и спроведувачи на московските директиви се државјани на земјите од регионот, директни емисари од Русија, поранешни или актуелни разузнавачи, лидери на политички партии, дипломати, почесни конзули, раководители на невладини организации, филозофи... Нивната заедничка цел е поткопување на западните демократии и прекин на нивните односи со земјите аспиранти за НАТО и ЕУ, како што се Македонија, Црна Гора, Косово, а за таа цел, како што вели шефот на британската разузнавачка служба МИ5, Ендру Паркер, се служат со посебна доктрина.

„Русија сега добро ја практикува доктрината на мешање на медиумската манипулација и дезинформациите на социјалните мрежи заедно со стари и нови форми на шпионажа, високо ниво на сајбер напади, воена сила и насилничко кривично однесување, е она што овие денови се подразбира под поимот хибридна војна“, вели Паркер.

Македонија

Покрај клучниот човек на Кремљ за балканските операции, шефот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев, како „руски“ луѓе во Македонија се спомнуваат Јанко Бачев, лидерот на проруската партија Единствена Македонија, агентот на српската БИА Горан Живаљевиќ, професорот и писател Стефан Влахов Мицов, неколку за јавноста непознати имиња од некои од руско-македонските здруженија и крилото на Африм Гаши во БЕСА (според обвинувањата на лидерот Билал Касами).

Јанко Бачев и Единствена Македонија - ​Според еден од најпопуларните американски информативни портали „Дејли бист“, Јанко Бачев е московскиот човек во Македонија. Тој за истиот медиум изјавил дека е „против НАТО и дека не е загрижен за обвинувањата дека е агент на Кремљ“. Тој е поранешен разунавач, сегашен политичар и е познат како домаќин при посетата на двајцата први неформални политички советници на Путин на Скопје, Александар Дугин и Леонид Савин.

„Прекин на преговорите и барањето за членство во ЕУ и НАТО и, наспроти нив, стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија. Опасноста од патот кон ЕУ и НАТО е очигледна и нашиот стратешки пат со Русија е во наша полза“, изјави Бачев кога неговата партија Народно движење на Македонија ја преименуваше во Единствена Македонија, пандан на путиновата Единствена Русија, кој подоцна беше снимен и како со руско знаме ги предводи протестите против Преспанскиот договор, кои преминаа во судир со полицијата.

Горан Живаљевиќ – Овој поранешен висок функционер во Српската амбасада во Скопје и агент на српската безбедносна агенција БИА, според разузнавачки документи, во Македонија делувал во руска корист. Според извештајот на македонската УБК од 2017 година, објавен од балканската истражувачка мрежа ОЦЦРП, за Живаљевиќ од 2015 година „постојат индиции дека се занимава со разузнавачка дејност што се коси со дипломатската дејност“, а според разузнавачки документи до кои дошла истата истражувачка мрежа, како што стои во аналитичката белешка на македонската УБК од март 2017 година, „македонските агенти го следеле Живаљевиќ и документирале дека од 2015 година работел на отпорот против интеграцијата на Македонија во Европа“. Овој српски разузнавач на македонската јавност ѝ е познат и од насилствата во Собранието од 27 април, но остана отворено прашањето во кое својство бил во македонскиот Парламент, иако дел од медиумите пишуваа дека бил таму наводно по налог на Москва. Во извештајот на УБК, објавен од ОЦЦРП, се наведува и тоа дека наводно „Живаљевиќ му давал упатства на проруски ориентиран македонски пратеник, лидер на партија која е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ“.

Зоран Живковиќ, поранешниот српски министер за внатрешни работи и некогашен близок соработник на убиениот премиер Зоран Ѓинѓиќ, изјави дека Живаљевиќ на „крвавиот четврток“ бил во македонското Собрание по директива на највисокото српско раководство“.

Ф.В. – За разузнавачот со иницијали Ф.В. прв известуваше швајцарскиот портал на албански јазик Бота сот, а потоа го пренесоа и македонските медиуми.

“Да се убијат Заев и Села - била пораката на руските разузнавачи до екстремно десничарските групи во Македонија на 27 Април 2017. Се знае и името на рускиот разузнавач кој ја предводеше операцијата со помош на Горан Живаљевиќ, српски разузнавач во Скопје. Неговите иницијали се В. Ф, и работи во земја соседна на Северна Македонија. Координација била направена неколку дена претходно во мало приморско место во Бугарија каде што вили имаат припадници на руското воено разузнавање ГРУ“, објави Бота Сот.

Анонимен извор од македонското контра-разузнавање за Бота Сот изјавил дека „планот бил детално разработен во Белград, ден подоцна во приватна куќа и дека иако проруските протести во Скопје биле отпочнати претходно, на 27 Април хулигани упаднале во Парламентот“.

„В.Ф. подолг период бил активен во Скопје и во текот на овој период го регрутирал Живаљевиќ. На критичниот ден, кога беа нападнати Заев и Села, тој телефонски го контактирал Живаљевиќ и му се заканил дека доколу овие двајцата останат живи тој ќе “му плати” и ќе му ја разоткрие сета преписка“, го цитира Бота Сот анонимниот извор од македонското контраразузнавање и додава дека „во меѓувреме Живаљевиќ отишол на местото на настанот, што подоцна стана познат скандал, и таму си направил селфи за да му докаже на својот ”руски шеф” дека е во Парламентот“.

Стефан Влахов Мицов – Професорот и писател Мицов, поранешен висок функционер на партијата „Единствена Македонија“, прв пат јавно беше поврзуван со руски интереси кога во Скопје беше во друштво со рускиот иделог Александар Дугин, а потоа и по промоцијата на проруската партија. Со „Единствена Македонија“ се раздели кога Бачев го обвини „дека работи за УБК, а тој му врати дека парите што ги земал од Русите не ги трошел за целите на партијата“.

Андреј Радионов - Со Влахов се поврзува и Русинот Андреј Радионов, основач и лидер на движењето РУСОВ, кое се залага за „обединување на сите Словени во единствен сојуз на независни словенски држави околу рускиот народ, Големата Русија и духовните традиции на древната Русија“. Според дел од западните медиуми, Родионов важи за проруски милитант, иако тој го негира тоа, а според неофицијални информации од полициски извори, а и според фотографии објавени јавно на социјалните мрежи, Родионов бил во Македонија повеќе пати како дел од неговата „обединувачка“ мисија на Балканот и, неофицијално, имал средби и со Стефан Влахов Мицов, кој пак ниту потврди ниту демантираше за таква средба. Родионов, иако беше демантирано, во некои македонски медиуми се поврзуваше и со предхристијански тотеми на скопско Водно, со кои тој наводно се фотографирал и кои беа спомнувани во контекст на извршување верски ритуали на проруски организации и движења во Македонија.

Иван Савидис - Македонските официјални претставници известуваат за откривањето на наводната масовна шема управувана од руско-грчки бизнисмени за поттикнување насилство пред референдумот што ќе ѝ овозможи на земјата да влезе во НАТО. Вака американскиот портал Базфид и агенцијата АП известуваа за информациите дека лица во Македонија поделиле над 350 илјади долари за да организираат насилни протести против референдумот за името.

„Инспекторите собрале информации дека поранешен руски политичар, сега бизнисмен по име Иван Савидис, поделил повеќе од 350.000 американски долари за да го попречи клучниот македонски референдум. Ова се гледа од документите на МВР, во кои имаше увид Базфид њуз, од Проектот за истражување организиран криминал и корупција, како и лабораторијата за истражувачко известување Македонија. Савидис демантираше преку некои грчки медиуми“, објавија Базфид и АП.

И премиерот Зоран Заев, во интервјуто за Базфидњуз изјави дека добиле извештаи дека „грчките бизнисмени кои се сочувствителни кон руската кауза“ им платиле на Македонци суми од 13.000 до 21.000 долари за да извршат насилство пред референдумот клучен за влез во НАТО.

Србија и Црна Гора

Леонид Вацимович Драчевски – Тој важи за човек од доверба на Путин и, според дел од српските медиуми, задолжен е за стратегијата за руска мека моќ во Србија. Во политиката е од времето на Борис Јелцин, а кариерата му е во подем од доаѓањето на Путин на власт, во која бил министер, а и потпретседател на гигантите Лукоил и Росбанк.

„Под радар помина посетата на Драчевски, директорот на Фондот за поддршка на јавната дипломатија „А.М. Горчаков“ на Ниш, бидејќи тој важи за човекот задолжен за руската мека моќ“, објави белградски Блиц, а за неговото присуство во Црна Гора пишуваше „Побједа“. Тој во Ниш, заедно со 28 руски експерти, организираше форум за зајакнување на српско-руските односи.

„Кога ќе се сложат овие информации, заедно со фактот дека во Србија стаса рускиот воен систем С-400, како и обелоденувањето дека рускиот Совет за меѓународни односиу изработил специјален проект ‘Русија на Балканот’, не е тешко да се заклучи дека Драчевски тргнал во акција за ширење на руска мека моќ“, објави Блиц.

Колку таа моќ може да влијае на евроинтеграциите коментира директорот на Центарот за регионализам, Александар Попов: „Ние треба да се приближуваме кон Европа, но погледнете ги нашите медиуми, излегува дека Русија ни е најголем партнер, а всушност тоа е ЕУ“.

Едуард Шишмаков и Владимир Попов – Овие двајца руски разузнавачи се означени како „умови” на операцијата за пуч во Црна Гора, кој требало да заврши со атентат на Мило Ѓукановиќ. За обидот за пуч има официјална пресуда, тие двајца се недостапни за црногорските државни органи, а се осудени на 15 и 20 години затвор. Заедно со нив, осуден на 8 години затвор, е поранешниот шеф на српската жандармерија Братислав Дикиќ, потоа српскитедржавјани Предраг Богичевиќ и Немања Ристиќ на седум и пет години, а опозициските водачи Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ на пет години затвор. Истрагата на црногорските власти покажала дека тие се обиделе да изведат пуч со киднапирање или убивање на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ и со насилно влегување во парламентот. Српските власти наводно депортитале непрецизиран број руски оперативци кои го следеле движењето на Ѓукановиќчќ од српска територија. Русија негира каква било вмешаност.

Западен Балкан

Николај Патрушев, Соколот од Кремљ - На врвот на путиновата балканска пирамида е неговиот човек од доверба Николај Патрушев, соколот од Кремљ, разузнавач од кариера и путинов поранешен колега во разузнавањето. Патрушев е актуелен шеф на Советот за безбедност на Русија и важи за еден од најблиските соработници на рускиот претседател, кога се работи за ширење на руското влијание кај земјите аспиранти за НАТО и ЕУ.

Според политичкиот аналитичар Марк Галеоти од Центарот за европска безбедност во Прага, Патрушев е познат по својот огнен национализам, конспиративен поглед на светот и големо шпионско искуство. Според западните аналитичари и дел од западните медиуми, тоа е човекот на Путин кој е одговорен за сите балкански операции, од мека моќ, преку пропаганда, па се до остри мерки. Истражувачката мрежа ОЦЦРП и поголем број медиуми го ставија Патрушев во центарот на приказната по „обидот за пуч во Црна Гора и обидот за атентат врз претседателот Мило Ѓукановиќ“, кога, според тие пишувања, лично Патрушев, со дипломатски лет, наводно ги извлекол главните руски играчи од Црна Гора. Според истите истражувања, ни најмалата акција во Македонија, Црна Гора, БиХ, Косово... не може да помине без негов мониторинг.

И истражувачкиот новинар и долгогодишен дописник на Политико, АП, Си-Ен-Ен... од Русија, во анализа за Политико, го сврстува Патрушев во „луѓето на Путин“.

Владислав Филипов – Руски дипломат, поврзан со шпионски афери и со анти НАТО делувања, а кој на мандат беше и во Македонија. Тој неодамна пак беше актуелен во регионот, откако Москва го предложи за нов воен аташе во Босна и Херцеговина, објавија босанските медиуми.

„Станува збор за Владислав Филипов кој е поврзан со руски шпиони кои претходнава недела беа протерани од Бугарија, а кого и официјална Тирана го протера од Албанија по случајот Скрипал. Филипов има чин полковник во руската армија. Според пишувањето на руската агенција Спутник, тој беше еден од двајцата руски дипломати кои во март минатата година беа протерани од Албанија“, објави сараевски „Журнал“, кој пренесе и соопштение на албанското МНР за протерувањето.

Африка

Јевгениј Пригожин , Готвачот на Путин - Русија последниве години ги засили напорите да го зголеми влијанието во Африка, со помагање на лидерите, склопување воени договори и одгледување нова генерација „лидери“ и тајни „агенти“, пред сè преку операциите што ги води близок соработник на претседателот Владимир Путин, велат документите што прв ги објави британски Гардијан.

„Централната фигура во овој потфат е Јевгениј Пригожин, кој е познат како „Путиновиот готвач“ поради неговите договори со Кремљ за кетеринг, и кој лани беше обвинет од американскиот специјален советник Роберт Мулер. Според обвинението, фабриката на тролови на Пригожин водела обемна кампања на социјалните медиуми во 2016 година за да помогне да победи Доналд Трамп во изборите“, објави Гардијан и додава дека Вагнер групацијата, приватен воен изведувач поврзан со Пригожин, снабдувала платеници за да се борат во Украина и Сирија.

„Русија сака да го засили своето присуство во најмалку 13 земји низ цела Африка и тој континент да го претвори во свој стратешки двор“, пишува Гардијан, повикувајќи се на протечени информации.

Повеќемесечното истражување на Си-Ен-Ен потврди дека овој потег во срцето на Африка го спонзорира Евгениј Пригожин, многу близок до Кремљ, познат како „готвачот“ на Путин.

„Една од целите е од Африка да се потиснат САД и поранешните колонијални сили, Велика Британија и Франција, а друга цел е да се запрат „прозападните“ бунтови“, пишува Гардијан врз основа на документи добиени од Центарот Досие, финансиран од Михаил Ходорковски, руски бизнисмен и критичар на Кремљ.

XS
SM
MD
LG