Пандемијата со коронавирусот е неизоставен дел од кампањата за претстојните парламентарни избори закажани за 15 јули. Политичките партии ја користат секој можност да го обвинат или критикуваат својот политички противник за прекршување на правилата за спречување на ширењето на заразата или за справувањето со неа. Пандемијата ја промени традиционалната кампања и наместо митинзи сега се организираат трибини и помали средби со граѓани но вокабуларот на политичките лидери остана ист. ВМРО-ДПМНЕ ја користи секоја прилика да го нападне лидерот на СДСМ Зоран Заев, а преку партиско соопштение неодамна му порача и дека починатите од коронавирусот се на негова совест.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од друга страна, во интервју за РСЕ кое ќе се емитува в недела, вели дека во неговите обраќања никогаш не ги споменал луѓето, кои за жал, како што вели, трагично го губат својот живот.
„И во моето семејство се соочуваме со еден таков случај, тоа е мојата мајка, која во моментот се бори да ја совлада оваа пандемија. Но да, имам право и ќе продолжам да потенцирам дека поради лошите и погрешни политики, поради егзибиционизмот коишто ни се случуваше изминатиот период, наместо да се справуваме со пандемијата, некој тоа го злоупотребуваше и тераше сопствен личен, владин, партиски ПР, и ние денеска соборуваме рекорди по бројот на луѓето што се инфицирани и по бројот на луѓето кои го губат својот живот, според број на жители. Ние сме денеска на дното во Европа, денеска Македонецот кога ќе сака да патува во Европа најпрвин ќе мора да помине 14 дека во карантин, па за да може соодветната држава да ја посети, да ја разгледа или да заврши соодветна работа. И тоа е пораз на оваа влада и тоа е пораз на политиките на оваа влада. Ако мислите дека ние тоа треба да го премолчиме, мислам дека тоа ниту е добро, ниту е здраво за демократијата“, вели Мицкоски.
Партиите од албанскиот опозициски блок пак, ја обвинуваат ДУИ која е дел од Владата дека лошо се справува со пандемијата на коронавирусот со оглед на засиленото ширење на болеста во општини каде локалната власт е во рацете на партијата. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, исто така во интервју за РСЕ кое ќе се емитува в сабота ги отфрла обвинувањата, велејќи дека институциите се задолжени за справување со пандемијата.
„Состојбата со вирусот не претставува прашање кое се однесува само на ДУИ, туку ги опфаќа сите државни институции и ние со наjголемa коректност сме соработувале и сме го дале нашиот придонес до институциите за да можат да се справат со ситуацијата. Ова не претставува партиско прашање на ДУИ, на СДСМ или на ВМРО, туку е институционално прашање и менаџирањето на епидемијата се врши од страна на државните институции“, смета Ахмети.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев пак, на ист начин возвраќа и ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека води негативна кампања против него и дека Мицкоски и опозициската партија постојано ги прекршуваат заштитните мерки.
„Замислете луѓето кои не прифатија на 8 јули да има избори заради здравствена состојба на 15 јули може да одиме на избори, оти нема здравстена состојба, кои што секој ден го даваат најлошиот пример за непочитување на мерките. Гушнати се насекаде. Редовно не ги носат маските. Постојано теретана и кафана во целиот овој период и сега ќе бидеме пример како тоа треба да се однесуваат граѓаните. Не, апсолутно не“, порача Заев од трибината од Велес.
Првично изборите требаше да бидат одржани на 12 април но беа одложени поради почетокот на пандемијата од Ковид- 19. До изборите дојде по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на есенскиот самит во минатата година и покрај промена на името во Република Северна Македонија.