Ерата на таканаречените локални шерифи не е завршена ако се земе в предвид последниот настан во населбата Ченто кога се утврди дека еден од тројцата граѓани кои го прекршија полицискиот час е Берат Вејсели, советник во општина Гази Баба од редовите на владејачката партија СДСМ. По нивното апсење десетици граѓани излегоа и на протест за време на мерките за забрана за движење, кои се воведоа со цел да се забави ширењето на коронавирусот во државата.
На протестите градоначалникот на општината, Борче Георгиевски на насобраните граѓани им вети дека тој лично ќе го викен началникот, ќе оди во станица и ќе ги земе приведените. Георгиевски потоа реагираше дека неговата цел била да ги смири тензиите и дека како градоначалник не побарал, ниту може, да ослободи било кое лице од притвор.
Повторно еден настан ги исфрли на површина партиските пипци во целото општество и не само однесувањето на советникот, туку и на самиот градоначалник, која потоа се правдаше укажува кој навистина владее со Македонија, вели Александар Цветкоски од невладината АГТИС.
„Тие точно знаат, локалните шерифи и поддржувачи дека за нив не постои закон, дека постои многу широка култура на неказнивост. Самите функционери од полиција и во институциите се плашат директно да се спротистават на партиските членови, посебно ако имаат некоја функција, колку и да е смешна и минорна“, вели Цветкоски.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев изјави дека советникот се обидел да ги заплаши полицајците со тоа што кажал дека е политичар и дека не треба да му пишуваат кривична пријава.
„Политичката позадина не го оправдува поведението на вчерашниот настан во Ченто, туку говори за тенденциозно загрозување на здравјето на граѓаните кои живеат во овој дел од градот, а кое е предизвикано, меѓу другото, и од политички побуди“, рече Чулев.
Цветкоски додава дека тоа ја покажува бедата на македонската политика и на самиот менталитет на луѓето.
„Значи треба да се охрабрат институциите. Најстрого да се пресметаат со тие луѓе и на кривичната пријава да им закачат уште една за попречување на правдата затоа што тие не може да си ја вршат работата заради некој локален шериф и едноставно треба да го легнат и да го врзат. Да видат тие партиски моќници во наводници дека не се над институциите. Инаку партиите докажуваат со тоа што дека градоначалникот ќе отиде и ќе го ослободи луѓето, како тој да е шеф на полиција или министер тоа докажува само дека партиите не сакаат да кријат дека владеат со сите аспекти од општеството. Затоа имаме остра партиска борба и недоверба во институциите. Оваа траги-комична ситуација ни покажува дека ништо не е сменето од времето што се случуваше во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, смета тој.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по гласањето на локалните избори на 15 октомври во 2017 година, на прославата пред Владата, вети дека ќе се справи со локалните шерифи. Случајот со советникот на ДУИ во Охрид, Нефи Усеини кој освен што отвори ресторан кој е дивоградба и покрај укажувањата на УНЕСКО, физички нападна професор и инспектор. Објавата на таканречена „бомба“ во која се слуша како градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш тепа машко лице во неговиот кабинет се исто така дел од примерите во изминатиот период кога локални функционери се ставија над законот.