Состојбата на сите тринаесет пациенти заболени од коронавирус кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести во Скопје е стабилна, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче. Сите тие додаде тој, имаат лесна клиничка слика. Првата заболена пациентка утре ќе биде отпуштена од болница, а една од пациентите е на респираторна машина. Иако покажува подобрување на здравствените параметри, нејзината прогноза е непредвидлива, изјави министерот.
Во меѓувреме тој соопшти дека се земените материјали од седум нови пациенти кои пред неколку дена стигнале од Швајцарија, Германија и Австрија, а со симптоми на покачена температура се јавиле денеска. Сите тие биле негативни
„Овие граѓани се од Штип, Куманово, Тетово, Кичево и Охрид. Дел од нив престојувале во Швајцарија, Австрија и Германија. Тоа се пациентите од Штип, Куманово и Кичево. После неколку дена од враќањето развиле висока температура. Понатаму, од Охрид еден пациент и две родилки, кои вчера се донесени од Дебар. Едната е донесена во болницата во Охрид, а другата е во Скопје. Тие се во стабилна состојба“, рече Филипче.
Министерот за здравство информираше дека во државата има доволно респираторни машини, а објави и неколку нови мерки кои се преземени по состанокот на Координативниот кризен штаб за спречување на состојбата со коронавирусот.
Со најновите одлуки сиот здравствен персонал од јавните здравствени установи и приватните болници се мобилизира и става на располагање таму каде што ќе има потреба. Прегледите на хронично болните се одложуваат, а ќе се постапува само по итни случаи.
Болницата во Козле ќе се подготви за примање на деца доколку се јави енкое дете заболено од коронавирус, а сите пациенти од оваа болница ќе бидат префрлени на Клиниката за педијатрија во Скопје. Лекарите нема да одржуваат редовни колегиуми со цел да се намали комуникацијата.
Филипче посочи дека банките и другите финансиски институции ќе работат нормално, а во затворените трговски центри отворени ќе бидат продавниците за храна и аптеките.
Граѓаните ќе добиваат смс пораки на своите телефони и на тој начин ќе бидат информирани за развојот на настаните поврзан со коронавирусот.
Граѓаните на Дебар и Центар Жупа ги почитуваат препораките
Министерот за здравство Филипче информираше дека и изминатата ноќ во Дебар и Центар Жупа, односно општините каде што е прогласена кризна состојба, поминала мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир.
Како што јавува нашиот дописник од Дебар, граѓаните на двете општини целосно ги почитуваат препораките на Владата. Движењето е намалено, а во општината се врши целосна дезинфекција на сите јавни објекти, продавници како и на улиците . Исто така се врши и дезинфекција на сите посебни возила кои влегуваат и излегуваат од Дебар .
По воведувањето на кризната состојба во Дебар остатаа 110 лица кои се од неколку општини од земјава, од кои и 21 странци. Општинскиот оперативен штаб информира дека за сите кои се останати во Дебар е обезбедено сместуввање во хотелските капацитети на Дебарските Бањи–Цапа во Дебар и бањскиот локалитет во село Бањиште.
Истиот извор наведува дека нашите државјани се од соседните општини додека пак странските лица се од Шведска,Косово и Албанија. Лицата се евидентирани целосно и тие имаат редовни контакти со членови на оперативниот штаб и им се обезбедува се што треба. Сепак,надлежните посочуваат дека е неоходно тие да останат во Дебар наредните денови се до дека трае мерката на Владата за кризна состојба .
„Состојбата во општина Центар Жупа е под контрола“, вели Фехми Скендер од Општинскиот кризен штаб.
Нема нови лица кои се пристигнати од Италија, а последните лица кои пристигнале во Жупа од Италија пред 4 дена се во домашна изолација. Обезбедувањето со прехранбени артики на продавниците е на потребното ниво, а пунктот што е поставен помеѓу општинските граници на Центар Жупа и Дебар дозволува минување на жители од Центар Жупа во Дебар само на лица кои се лекари, трговци и претставници на локалната самоуправа.
Од денеска продавниците за прехранбени актикли во Дебар работаат од 8 до 14 часот. Директорот на општата болница во Дебар, Баки Алили изјави дека медицинските екипи работат без проблеми.
Влезовите на територијата на општина Дебар целосно се контролирани од страна на специјални полициски сили кои овозможуваат влез само на посебни возила кои во градот носат прехранбени артики или лекови.