Македонија ќе инвестира во гасен терминал и гасна централа за производство на струја во Грција, како и во интерконектор за пренос на природен гас од Грција во земјава. Овие проекти треба да завршат до крајот на наредната година.
Со интерконекторот треба да се донесе гасовод од Грција до Македонија, а приклучокот ќе чини скоро 30 милиони евра. Министерот за економија Крешник Бектеши информира дека интерконекторот ќе почне да се гради на почетокот на годинава.
Во терминалот за складирање и гасификација на течниот природен гас во Александрополис, кој треба да чини околу 400 милиони евра, Македонија ќе учествува со 10 отсто, односно со околу 40 милиони евра. Терминалот за гас ќе се состои од пловечки објект за складирање на течен гас со капацитет од 170.000 кубни метри и постројка за регасификација со капацитет од 5,5 милијарди кубни метри годишно.
Исто така, земјава планира да инвестира 25 отсто од вредноста на гасната централа во Александрополис од 800 мегавати, која треба да чини околу 400 милиони евра. Тоа значи дека Македонија ќе инвестира околу 100 милиони евра и ќе поседува една четвртина од централата.
Со тие инвестиции во енергетиката, Македонија нема да биде зависна само од руски гас, туку ќе има пристап и до азербејџански гас, со оглед на тоа што во близина на Александрополис поминува Транс-јадранскиот гасовод (ТАП), кој носи гас од Азербејџан, преку Турција, Грција и Албанија до Италија, но и до течен природен гас кој до пристаништето во Александрополис може да биде донесен од која било земја.
Сепак, се наметнува прашањето зошто земјава да инвестира во термоцентрала на гас во Грција, наместо да ја изгради на сопствена територија.
Нож во срце или стент за македонската енергетика?
Опозицијата и дел од експертската јавност реагираа дека ваквите инвестиции се штетни за Македонија.
Професор Константин Димитров вели дека таквата инвестиција е „злосторство против македонската енергетика“.
„Тоа со нож во срце ја сече енергетиката на Македонија. После тоа може да пишат некролог. Извинете, да вложите 300 милиони евра сега во Грција, наместо да ги вложам во Македонија, за тие пари да направам централа којашто ќе ја ѕидаат мои компании, ќе обезбедам работа за нив, во којашто ќе вработам мои луѓе кои ќе добијат работа, ќе се вработат оние коишто ќе останат без работа по затворање на еден блок во РЕК Битола, ако можам да вработам студенти кои ќе завршат на технички факултети и јас тоа не го правам и инвестирам во Грција наместо во Македонија, што е тоа? Јас го викам злосторство“, вели Димитров.
Според него, гасна централа во Македонија ќе биде поефикасна зашто, освен струја, ќе произведува и топлинска енергија, нема да се плаќа транспорт на струјата од Грција до Македонија и нема да се плаќа скапа работна рака во Грција.
Партиската комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку месеци реагираше дека „намерата за инвестирање надвор од Македонија во енергетскиот сектор во овој момент најблаго речено е знак или за тотално неразбирање на проблематиката и економската состојба на Македонија, или намерно уништување на енергетскиот сектор“.
Од друга страна, советникот за енергетика во владата Митко Андреевски вели дека инвестицијата во Грција има бројни предности од кои Македонија ќе има корист. Таму можеби ќе се работи и македонски персонал кој ќе стекне искуства со работа во гасна централа кои ќе ги пренесат тука, кога ќе се градат нови гасни централи, можеби и македонска градежна оператива ќе биде вклучена во изградбата во Грција, ефикасноста на искористување на гасот е многу поголема кога се работи за поголема централа, условите за финансирање се многу поповолни, има многу поголем пристап до гас, веќе нема да бидеме зависни само од руски гас и ќе имаме поголем избор, гасот во Грција е поевтин, а транспортот на гас е многу поскап до Македонија отколку транспортот на струја, вели тој.
„Има повеќе предности. Првата предност е што се работи за електрана со многу поголем капацитет и нејзината цена е пониска отколку изградбата на електрана од 200 мегавати. Втората причина е местоположбата на Александрополис, поевтината цена на природниот гас којшто ќе се добива од ТАП, како и од самиот ТНГ-терминал којшто е во непосредна близина на електраната“, вели тој.
Андреевски посочува дека се работи за голем проект од регионално значење.
Тогашниот американски државен секретар Мајк Помпео при посетата на Грција во септември 2020 година, рече дека регионот е мошне важен за диверзификација на енергијата во Европа и дека американскиот интерес има пошироко геостратешко значење. Политиката на САД е регионот да има разновиден сет на извори на енергија и тој да не зависи само од Русија. Помпео тогаш изрази и јасна поддршка за изградбата на интерконекторот со Грција, но и надградба на нафтоводот Скопје - Солун.