Достапни линкови

Филкоски – Не треба да се брза со затворање на термоцентралите на јаглен


Филкоски - Термоелектраните се со изминат работен век
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:21 0:00

Филкоски - Термоелектраните се со изминат работен век

Има повеќе причини за енергетската криза во која се наоѓа државата, вели професор Ристо Филкоски од Машинскиот факултет во Скопје. Според него, неизбежен е раст на цените на струјата по Нова година. Тој зборува за состојбата на енергетските капацитети и посочува дека државата не треба да брза со напуштање на јагленот.

Професоре Филкоски, државата е погодена од енергетска криза и неизвесност околу цените за домаќинствата по нова година. Каде ги гледате причините ваквата состојба?

Енергетската криза на меѓународно ниво е предизвикана од поeќе фактори, меѓу кои два имаат клучно влијание - прво е пребрзата енергетска транзиција со преголемо потпирање врз обновливи извори на енергија и второ е зголемувањето на економските активности по првите знаци за евентуалното надминување на ковид-кризата. Во Македонија, некои од причините за енергетската криза се последиците од светската енергетска криза, но повеќето се со домашно потекло: покачувањето на електричната енергија и на горивата на светските берзи, трговците со електрична енергија започнаа да раскинуваат договори со компаниите и со други субјекти на кои имаа обврска да им обезбедуваат струја. Со тоа товарот пред сѐ падна врз АД ЕСМ и други производители во земјата. Дополнително е повеќегодишното недоволно за одржување и за градба на нови енергетски капацитети.

Професоре Филкоски, можен ли е драматичен раст на цените на струјата по 1 јануари?

Не можам да дадам проценка дали ќе има драматичен раст на цените. Но, дека ќе има пораст на цената на електричната енергија, тоа е речиси сигурно. Би рекол дека би бил изненаден доколку тоа не се случи, иако има одредени механизми со коишто може тоа малку да се ублажи, пред сѐ во рацете на Владата и на Регулаторната комисија за енергетика. Но, пораст на цената на електричната енергија речиси е сигурно дека ќе има.

Дали тоа што досега плаќавме поевтина струја, сега може да чини значително поскапо, бидејќи ЕСМ сега му продава струја на ЕВН Хоум за 37 евра за мегават/час, а истовремено поради недоволно домашно производство ЕСМ купува струја и на светските берзи која се движи околу 250 евра за мегават/час, а од од друга страна од 1 јануари ЕСМ веројатно нема да може на ЕВН Хоум да му продава за 37 евра за мегават/час?

Проблемот е комплексен. Релативно долго време се одржуваше некоја стабилна цена на електричната енергија на прилично ниско ниво. Се разбира таквото одржување не остава многу простор за издвојување средства за одржување, за одредени ре-витализациски и модернизациски зафати, а далеку од тоа да има простор за градба на нови објекти. Значи секоја приказна има две страни. Цената од околу 38 евра за мегават/час им одговараше локално на потрошувачите, меѓутоа јасно беше дека таа долгорочно не беше одржлива и токму тоа е една од причините поради кои објектите се во состојбата во каква што се. Долготрајното одржување е на релативно ниско ниво. Сликовито да се изразам, не можете да ги обвинувате пожарникарите за тоа што возилата им се стари 40 години. Значи, објектите се стари, со одржување колку што овозможувале приликите. Можеби можело да се направи повеќе. На пример, Осломеј е термоцентрала од доцните 70-ти години. Блоковите во Битола се градени во 80-те. Тие се технички со поминат животен работен век на постројките.

Опозицијата бара државата да предвиди субвенции од 250 милиони евра за струјата за граѓаните и компаниите. Како гледате на ова?

Тоа е на ниво на големина на чинење на еден можеби нов комбиниран термо-енергетски блок со гасно-парен циклус на природен гас. Доколку такви средства се издвоеле порано имало некако подобар стратешки пристап, можеби ќе имавме еден термо-енергетски објект од типот „ТЕ-ТО“ АД Скопје лоциран во центарот на градот којшто одлично функционира.

Во 2010 година државните капацитети произвеле скоро 6.500 гигават часови струја, а во 2020 година над 3.600 гигават часови. Зошто се намалува производството?

Објектите се прлично стари и тука, дури и при добро одржување, постепено доаѓа до опаѓање на перформансите, намалување на ефикасноста, влошување на карактеристиките во однос на влијанието врз животната средина, а знаеме дека се јави и оној проблем на недостиг на гориво. Кај Осломеј тој е прилично реален, бидејќи практично исцрпени се лежиштата на јаглен, освен некои мали резерви за кои имаше некакви шанси да се активираат. За РЕК Битола можеби требаше да се направи повеќе за дополнително снабдување со гориво од локалните лежишта. Но објектите се стари и дури при солидно одржување, нормално е да паѓа ефикасноста.

Ако според досегашните предвидувања од резервите на јаглен ќе имаме уште за 10-15 години, а РЕК Битола е најголем производител, какви ќе бидат опциите кога резервите ќе бидат потрошени?

Тоа е поврзано со патот на енергетската транзиција. Неизбежно е ние да одиме кон некаква енергетска транзиција, со постепено зголемено учество на обновливи извори на енергија, но и со други начини за покривање на енергетските потреби. Мое мислење е дека тој пат треба да биде еволутивен. Сѐ што е избрзано во таа насока, особено за земји како Македонија на ова економско ниво и финансиско-економска состојба на населението, состојба на електро-енергетската мрежа (пренос, дистрибуција, застапеност на објекти и т.н), сѐ што е избрзано ќе донесе многу штета. Сведоци сме за тоа што се случува во многу поразвиените европски земји. Кај нас тоа треба да оди постепено. Нашите енергетски потреби во иднина да ги префрламе на природен гас, со комбинирано гасно-парни постројќи, а РЕК Битола ни случајно не треба брзо да се затвора, тоа треба да оди со некоја динамика која ќе се совпаѓа во наредните десет-дваесет години со времетраењето на достапните резерви на лигнит.

Според Енергетската стратегија, државата треба да го напушта јагленот во следните две децении. Овде меѓу другото е поради еколошкиот аспект – загадувањето и климатските промени. Колку се реални овие планови?

Со некои аспекти на Енергетската стратегија се согласувам, а со некои не, и за нив имам прилично критично мислење, особено со настапот за Зеленото сценарио. Тоа Зелено сценарио кај нас може да предизвика сериозни последици. Нам ни треба еволутивна транзиција кон зелена енергија, а не брзо затворање на објектите. Колку е тоа реално? Ова што го кажувам сметам дека е реално – градба на нов блок на природен гас со моќност од 300 мегавати, потоа можеби уште еден, но ќе треба да се обезбеди дополнително снабдување со гас, затоа што капацитетот на гасоводот може да биде доведен до некоја горна граница. Потоа, постепено вклучување на обновливи извори на енергија, затоа што преголемо вклучување на неподготвена мрежа и систем носи нестабилност.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG