Францускиот предлог, ваков каков што е во моментот, е неприфатлив за мене, за Претседателот на државата, за Владата, за коалиционите партнери и за граѓаните, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Брисел, по самитот ЕУ- Западен Балкан.
Тој вели дека доколку во текот на француското претседателство, кое истекува до крај на месецот, се постигне разбирање за македонските позиции, Македонија е подготвена да се вклучи во разговори за истите за да се започнат преговори до крај на јуни.
„Сакам да порачам - граѓаните на Северна Македонија може да се спокојни. Ние секогаш ги имаме во прв плат стратешките интереси и цели на државата. Никој не може без наша согласност да наметне какво било решение. Ние направивме сè, сега ЕУ е на потег“, рече Ковачевски во Брисел.
Ковачевски - Не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерален проблем
Премиерот ги повтори клучните елементи кои би требало да ги содржи предлогот, да за биде прифатлив, а тоа се чиста формулација на македонскиот јазик, јасна заштита на македонскиот идентитет, вклучувањето на Бугарите во Уставот откако ќе почнат преговорите, историските прашања да не бидат критериуми во преговарачката рамка. Тој повтори и дека треба да има цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската унија дека Бугарија нема да условува со нови барања. Премиерот вели дека секое решение ќе треба да е консултирано со македонските институции.
- Ковачевски – Не прифаќаме ништо без чиста формулација за македонскиот јазик и заштита на идентитетот
Бугарија две години ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Франција минатиот петок достави предлог за откочување на евроинтеграциите, во кој се содржани речиси сите бугарски барања, но Софија уште не донела одлука дали ќе го прифати.
Премиерот рече дека на Самитот во Брисел изразил незадоволство од динамиката со која се одвиваат процесите за пристапување во Унијата. Ковачевски потсетил дека Македонија безмалку 18 години е кандидат за членство, а поминаа 21 година од попишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација.
„Ова што се случува е сериозен проблем и сериозен удар врз кредибилитетот на ЕУ. Губиме драгоцено време, кое реално го немаме на располагање. Северна Македонија и Албанија, но и регионот не смееме да дозволиме да тапкаме во место поради една земја членка, која едноставно не успеа да обезбеди деблокирање на нашиот европски пат. Не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерален проблем“, рече Ковачевски.
Ковачевски вели дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, треба да се гледа како неопходност, но и влог во безбедноста на Унијата, посебно во услови на руска агресија на Украина.
Тој вели дека и земјава во светот е позната по тоа дека горливите прашања ги решава со отворен дијалог, а токму на тој начин сакале и со Бугарија да се надминат проблемите, потпирајќи се на европски вредности и на достоинство на граѓаните. Но како што вели, Бугарија решила да се врати на минатото и да постави блокада која никому не му оди во прилог, освен на одредени трети страни кои ќе имаат отворен терен да ги пополнат празнините.
„Северна Македонија досега направи многу, донесовме многу тешки одлуки, работиме посветено на реформите дома, а со цел европеизација на општеството, време е ЕУ да ги исполни своите ветувања, пред да даде нови“, рече премиерот.
На прес- конференцијата на Ковачевски, Вучиќ и Рама претходеше Самитот ЕУ-Западен Балкан. На самитот кој траеше околу четири часа лидерите на земјите членки на Унијата со нивните колеги од Западен Балкан говореа за предизвиците со кои се соочува регионот, особено во светло на руската агресија на Украина. По самитот, претставници на ЕУ пред новинарите рекоа дека јасно и недвосмислено ја повториле европската перспектива на Западен Балкан и иднината на регионот во ЕУ. Прес-конференцијата, пак, кога требаше да се одржи по Самитот ЕУ-Западен Балкан е откажана.
На прес-конференцијата требаше да говорат францускиот претседател Емануел Макрон, како актуелен претседавач со ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Попладне, пак, почнува Самитот на Европскиот совет, на кој учествуваат лидерите на ЕУ и шефовите на држави или влади на земјите членки. Самитот продолжува и в петок.
Рама - Жал ми е за ЕУ
Премиерот на Албанија, Еди Рама, чија земја исто така е заложник на бугарското вето, оти интегративниот пат е во пакет со оној на Македонија, во својот препознатлив стил, рече дека земјите од регионот ќе продолжат на патот кон ЕУ, надевајќи се дека во наредниот век ќе бидат членки, а дотогаш ќе се соочуваат со една или друга „Бугарија“ на тој пат. Тој рече дека му е жал за ЕУ, оти ниту војната не ги обединила.
„Најважна тема беше Македонија, која порано беше само Македонија или ФИРОМ, како што ја нарекуваа нашите соседи Грците, и после 17 година подоцна се уште чека како кандидат да отвори преговори, го смени дури и името, но тоа не направи разлика. Замислете Франција да го смени името или Италија“, рече Рама.
Тој вели дека и Албанија осум години чека датум, и затоа, како што вели, морал да освои трет мандат за земјата да отпочне преговори. Рама вели дека важно е да се каже вистината, а тоа е дека Бугарија не е единствената причина, можеби е најсвежа, како што вели, но тука е скршениот дух на проширување.
„Срамота е што една земја членка на НАТО- Бугарија, киднапира две други земји членки на НАТО- Албанија и Северна Македонија во време на жестока војна во дворот на Европа под окото на 27 земји членки кои се импотентни“, вели Рама.
Тој го повтори, тоа што претходно го напиша на Твитер, дека нема да го „чекаат Годо“.
На прес-конференцијата се обрати и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Тој вели дека Србија ги поддржува Северна Македонија и Албанија и верува дека пријателите од Скопје и Тирана заслужуваат да добијат датум за отпочнување на преговори, но како што рече, денеска повторно ништо не се случи.
„Мислам дека ќе успееме заедно да ги решиме тешкотиите, како ова што и е наметнато на Северна Македонија. Сакавме сами да се грижиме за нашиот регион, тоа беше идеја. Некој рече дека тоа е идеја на Путин, а јас никогаш не сум разговарал со него на таа тема. Зошто би било тоа потребно? Никому не му требаше тоа, освен нас. Конечно, сакам да им се заблагодарам на моите европски колеги за нивното трпение. Знам дека денес е одличен ден за нив. Разбирам дека Димитар и Еди се поисфрустрирани од мене, но мислам дека работите може да се свртат на подобро до септември. Ќе спроведеме реформи во областа на правото и другите области“, додаде Вучиќ.
Пораки пред Самитот
Пред почетокот на Самитот, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека „денеска не е добар ден, бидејќи требаше да го започнеме пристапниот процес со две земји, но не можеме, затоа што една држава го блокира целиот процес на проширување“.
Тој изрази незадоволство поради недостигот на напредок во Бугарија во однос на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, додавајќи дека тоа покажува оти принципот на консензусот не е добро решение за носење одлуки во ЕУ.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, нагласи дека постои расположение во ЕУ да се обнови процесот со Западен Балкан. Тој потврди дека во овој момент главен приоритет за ЕУ е отворањето на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија и дека продолжуваат интензивни разговори со Бугарија, кои ги води француското претседателство, како би се овозможило зелено светло за почеток на процесот.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека е од најголема важност земјите од Западен Балкан да добијат ветување дека ќе им се даде можност да влезат во ЕУ.
„Граѓаните на Западен Балкан веќе 20 години чекаат можност да станат членки на ЕУ. Од најголема важност е тие да добијат веродостојно ветување по многуте напори што ги направија на патот. Германија чувствува одговорност да им даде можност на земјите да се приклучат, рече Шолц пред Самитот на ЕУ-Западен Балкан.
Според него, Германија ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ и чувствува одговорност да биде успешна на тој пат.
Се чека одлука од Бугарија
Во меѓувреме, Бугарија се уште не се изјаснила дали го прифаќа францускиот предлог, а владата на Кирил Петков синоќа падна.
Претседателот Румен Радев, лидерот на опозициската ГЕРБ Бојко Борисов, лидерот на владејачката Демократска Бугарија Христо Иванов и довчерашниот премиер Петков оценија дека францускиот предлог е во добра насока и треба да се прифати, но откако ќе одобри Парламентот.
Комитетот за надворешни работи во бугарското собрание вчера ја одложи седницата на која требаше да го разгледува предлогот зашто опозициската ГЕРБ бара прво владата да се изјасни за предлогот.
Петков денеска рече дека останува на ставот дека Народното собрание треба да се произнесе за предлогот, иако тој лично смета дека ова е „историски момент“ за заштита на националните интереси.
Иванов денеска рече дека се надева дека денеска прашањето ќе биде разгледано во собраниската комисија, а утре или најдоцна в понеделник ќе биде одобрено на пленарна седница во Народното собрание.
ЕУ лидерите за Северна Македонија и Албанија
По самитот на ЕУ- Западен Балкан, шефовите на државата и владите во ЕУ повторно ќе се сретнат денеска попладне за да разговараат за проширувањето.
Покрај веќе извесните одлуки за доделување на статус кандидати на Украина и Молдавија, лидерите ќе се занимаваат и со случувањата на Западен Балкан.
Лидерите на крајот на Самитот доцна вечерва ќе усвојат и заклучоци во кои за прв пат по долго време ќе се потврди „недвосмисленоста посветеност на перспективноста за членство на Западен Балкан во ЕУ“ и ќе повикаат на забрзување на процесот за пристапување.