Додека денеска се чека новата средба Заев – Гаши и дали Алтернатива ќе се приклучи кон парламентарното мнозинство, на нашата ФБ страница коментари на невидено, што се вели.
Слободанка Камчева вели: „Стари правила, нова коалиција“, а Дејан Божиновски предвидува: „Циркусот уште долго ќе трае... Зошто би заминувал ЗЗ од чело на СДСМ ако на 14 декември започнуваат преговори за влез во ЕУ“, веројатно превидувајќи дека Заев веќе го напушти кормилото на СДСМ и во партијата почна процедурата на пријавување кандидати за нов претседател.
А Блажо Хогар Страшниот како да знае: „Веќе се договорени само му требаа денови на Заев да се испазари со ДУИ да попушти, зашто ДУИ, поточно Груби тајно скока против влезот на Алтернатива во Владата“. Валентина Каралиоска со свое видување: „Немаат вистински цели. Се вртат само за директорско столче“.
Инаку, опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека актуелниот заменик министер за финансии, Димитар Ковачевски, кој изјави дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ е човекот кој требало да ги продолжи „погубните“ политики на Зоран Заев. Во интервју за МИА, Ковачевски изјави дека не е „ничиј човек“.
Јорде Симоновски сомничав: „Да имаше квалитет ќе го покажеше во Министерството за финансии“, па додава дека во СДСМ „наместо образ имате ѓонови“. Анита Додевска кратко, со компјутерски израз: „Дислајак, најдете друг!“
По нашата компилациска информација: „Мицкоски бара предвремени избори, власта тврди дека има стабилно мнозинство“, со фотографии на Заев, Ахмети и Мицкоски, Горан Лисиче напишал: „Избори ќе има ама ВМРО треба да коалицира пред сѐ со Мк партии кои се за Мк“, а Ацо Колоски со реакција: „Да ти се слошит кога ќе ги видиш“.
Дека светот е во „Трка за сузбивање на ʼОмикронʻ - новиот вид коронавирус“, како да ги предизвикало токму антиваксерите да коментираат. Боро Сепси вели: „Светот во трка да ги дресира луѓето да се навикнат на вакцина секоја година како на антивирус на компјутер... па после ќе расте цената за вакцината секој да си ја плати...“, а Марјан Петровски со малку навредлив коментар: „Грам мозок нема тој што уште верува во овие прикаски и филмови“.
„Кога нема доволно да инвестираме во инфраструктура, кога нема економијата да испорача квалитетен економски резултат, имам впечаток дека ние се фаќаме за последната сламка како давеник за минималната плата“ – вели претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, во неделното интервју на РСЕ, а Угрин Никола му возвраќа: „И ти кога не би бил претседател на Сојузот на стопански комори би се фаќал како давеник за последната сламка (минималната плата), а можеби и би ја напуштил државава, како што изјави Стево прецедателот“. Љупчо Бујароски постирал: „Која плата во држава без економија... Како тргнало со крадење на буџетот, задолжувањата ќе бидат нашата економија... Тажно“. А, пак, Ебрар Реџеп му препорачува: „Остави ти тоа место нека дојде некој друг со добро срце, минимална 20 000 треба да биде“. И коментарот на Ристо Миланка Силјаноски е со критика на владините политики: „Минималната плата е весела математика и административна мерка, без почитување на економските законитости, за да власта си ја оправда неспособноста“.
Има еден куп ваши коментари по редовните информации на веб страницата на РСЕ по трагичната несреќа на автобусот со наши државјани во Бугарија, со огорчени критики за системските пропусти на домашните превозници на патници, особено по прес конференцијата на министерот Оливер Спасовски. Слободан Сунѓер Боб Штериевски забележува дека „МВР воопшто нема поим што све искача и влегува во и од земјава“, а Илчо Владев констатира: „Тогаш значи цела Царина ќе биде отпуштена“. Николчо Петров прашува: „А Царина ја држи опозицијата?“ Лидија Пренџова со објаснување: „90% се вмрони примени во Груевизмот“, за Николчо Петров пак да праша: „А министерот што чекал? Јас да ги доведам во ред?“