Помина првата половина од предизборната кампања, а веќе се добива впечаток дека и покрај настојувањата се да изгледа нормално, таа сепак се одвива во сенка на „повампирениот“ коронавирус, односно секојдневниот трицифрен број на новозаразени. По периодот во кој неколку членови на владејачкиот СДСМ беа болни или во самоизолација, деновиве во болница заврши и Антонијо Милошоски од опозициската ВМРО ДПМНЕ. Имаше и неколку „инциденти“ на поголеми собири без почитување на мерките на претпазливост и многу реакции на социјалните мрежи. Како и да е, и покрај се, кампањата продолжува да тече, иако додуша се чини со не така силно темпо како во некои претходни предизборија.
Се случи и првиот ТВ дуел на лидерите на најголемите партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Освен реакциите дека дебатата минала во атмосфера на кавги „како на пазар“, имаше и такви дека двајцата политичари си направиле „пазар“ за позајмување на пратеници во случај на уцени од страна на ДУИ. Во деновите по дуелот, ДУИ излезе со барање ваквите случувања во иднина да бидат „во тројка“, односно на нив да учествува и нивниот кандидат за премиер- Албанец, Насер Зибери.
„Не само што ги повикуваме Мицкоски и Заев на јавна дебата, каде што сите тројца кандидати ќе можат да ги презентираат и соочат нивните идеи за иднината на земјата, туку ги повикуваме и медиумите да ги пренесат само оние дебати каде ќе бидат поканети сите тројца кандидати“, рече Бујар Османи од ДУИ.
Претходно Насер Зибери ја разбранува јавноста со неговата најава дека ќе се залага за консензуална химна на државата и задолжително изучување на албанскиот јазик.
Според СДСМ, со ова ДУИ и официјално се откажала од концептот едно општество за сите.
„Жалиме што ДУИ се служи со ваква националистичка реторика и ги поткопува придобивките од Охридскиот Рамковен Договор. Времето за поделби е одамна завршено. За Коалицијата „Можеме” и СДСМ одамна не е важно кој на кој етникум припаѓа, туку колку е способен“, се вели во соопштението на СДСМ.
Во меѓувреме, продолжува и речиси секојдневното објавување на аудио и видео снимки во кои политички актери наводно се фатени во сомнителни разговори полни со криминал, корупција и вулгарности.
А она што би требало да е најважна работа, економијата и стандардот на граѓаните, некако е ставено во втор план. На средбите со граѓаните и на настапите во медиумите партиите ги изнесуваат своите ветувања, во кои доминираат најавите за поголеми плати, пензии, субвенции за земјоделците, намалување на невработеноста.
„Мерките и политиките што ги носиме обезбедуваат дополнителен пад на невработеноста. Стапката на невработеност ќе ја намалиме по 3 насто годишно, со цел 2024 година таа да биде едноцифрена. Ќе покажеме дека платите можат да растат уште повеќе“, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Опозицијата ги критикува економските и финансиските политики на владата, како и непродуктивното трошење на буџетски средства, а Трајко Славевски од ВМРО ДПМНЕ вели дека е потребна сериозна консолидација на јавните финансии, што неговата партија, како што вели, ќе ја направи веднаш по формирањето нова влада.
„За таа цел ќе подготвиме итен ребаланс на буџетот со кој ќе се изврши целосно кратење на сите непродуктивни и неприоритетни трошоци, кои не се во насока на справување со кризата и немаат дополнителна додадена вредност за економијата“, рече Славевски, презентирајќи го економскиот дел од изборната програма на ВМРО ДПМНЕ.
А Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори на 15 јули. Право на глас ќе имаат еден милион 814 илјади и 263 гласачи.