Енергетската трансформација од напуштање на јагленот кон употребата на обновливите извори на енергија може да влијае врз цените на струјата, но ќе отвори и други социјални прашања како работните места во термоелектраните и рудниците за јаглен, со оглед дека зеленото сценарио предвидува тие да бидат затворени.
На овие теми дискутираа учесниците на дебатата насловена „Праведна или брза транзиција во С.Македонија“ во организација на „Еко-свест“ и фондацијата „Фридрих Еберт“. Учествуваа министерот за животна средина Насер Нуредини, директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски, експерти и претставници на граѓанскиот сектор.
Планот на Владата за намалување на стакленичките гасови за 51 отсто до 2030 година е „апсолутно амбициозен“, но истовремено е неопходен, наведе министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
„Тоа е нешто што мора да го направиме. Работевме со меѓународни експерти, со УНДП за да успееме да ги најдеме вистинските мерки за ова да го постигнеме. Дефиниравме над 63 мерки кои треба да ги преземеме за ова да го постигнеме заедно со сите клучни засегнати страни, како ЕСМ“, вели Нуредини.
Тој додаде дека во оваа насока се обидуваат да применат политики како запирање на употребата на електраните на јаглен, еколошки такси и имплементација на долгорочните планови за климатска акција.
Во однос на праведната енергетска транзиција, Нуредини рече дека земјата како кандидат за членство во ЕУ треба да им помогне на вработените во електраните за да добијат други работни места, на пример во енергетскиот или во други сектори.
Инаку, енергетска транзиција значи трансформација на енергетскиот сектор од производство на енергија од фосилни горива, кон употреба на обновливи извори ана енергија. Целта е земјите да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид (CO2) за да ги лимитираат ефектите од климатските промени и да го намалат загадувањето.
Македонија неодамна ја усвои новата Енергетска стратегија во која е поставено зеленото сценарио, а го ревидираше и Националниот придонес кон климатскиот Париски договор. Земјите од Западен Балкан станаа дел и од Зеленот договор постигнат во ЕУ.
Васко Ковачевски – извршен директор на АД ЕСМ вели дека компанијата веќе почнала со енергетската трансформација на РЕК Осломеј, а дека во кругот на РЕК Битола планираат да изградат 5 фотонапонски електрани. Во Битола во завршна фаза е проектот топлификација, вели тој посочувајќи дека капацитетите на јаглен треба да бидат затворени во рок од 10 години.
„Трансформацијата на РЕК Битола од производство на струја од јаглен во обновливи извори на енергија ќе оди во неколку фази. Прво се прави подготовка за изградба на гасна когенеративна електрана со моќност од 200 до максимум 400 мегавати, што ќе се користи за производство на електрична енергија, но и на топлинска енергија за градот Битола“, вели Ковачевски
Тој рече дека енергетската трансформација во земјава ќе биде праведна, а дека ЕСМ ќе направи напори при процесот да не биде отпуштен ниту еден вработен.
Енергетската транзиција во земјата е многу важна, вели Елена Николовска од „Еко свест“ која е дел од истражувања што биле изработени за да дадат одговори како енергетската трансформација ќе влијае врз локалното население во кичевскиот и битолскиот регион, каде се наоѓаат термоелектраните на јаглен.
Граѓаните сакаат зелен развој, но тие треба да бидат вклучени и информирани за целиот процес, вели таа додавајќи дека податоците од истражувањата покажале дека зависноста од јаглен во регионите може да биде заменета со можности за алтернативен туризам, традиционални занаети и земјоделско производство.
„Вклученост во процесот на енергетска транзиција не значи само вклученост на граѓанските организации во изработка на документите на националните стратегии. Праведната транзиција значи вклученост и тесна соработка со локалните заедници и стопанските комори во раните фази на планирање“, вели Николовска.
Таа додава дека координирањето и комуникацијата на активностите меѓу централната и локалната власт е од клучно значење.
„Бидејќи самата имплементација на крај останува на општините. Општините во регионите со јаглен ќе бидат тие кои на крајот ќе мораат да се справат со затворањето на термоелектраните на јаглен и да обезбедат нивното население да не остане без работа“, вели Николовска.
Инаку, Европската унија планира до 2050 година да ги намали стаклечниките гасови за 80 отсто во однос на нивото во 1990 година, 50 отсто од енергијата да ја добива од обновливи извори и за 41 процент да ја подобри енергетската ефикасност.