Истрагата за „Рекет“ не мирува, тврдат од обвинителството и покрај информациите во јавноста дека обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот е на одмор, а притоа се погласни се повиците за побрза разрешница и од меѓународната заедница и од опозицијата. Власта пак тврди дека никој нема да биде амнестиран. Обвинителство не открива многу за случајот. На сметка на тоа, шпекулациите постојано се зголемуваат.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во континуитет презема истражни дејствија за утврдување на фактите и кривичната одговорност. Притоа, непрекинато течат и наредените вештачења во предметот. Во интерес на истражната постапка, обвинителството колку што дозволува истрагата континуирано ќе информира за преземените дејствија“, велат од ОЈО.
Од обвинителството не одговараат и дали Русковска е на одмор и до кога. Фактите се дека осомничените Зоран Милески и Бојан Јовановски се во притвор и дека е завршено вештачењето на двата телефони на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Имињата од СДСМ кои во јавноста се поврзуваа со „Рекет“, Александар Кирацовски и Фросина Ременски се оградија од случајот. Кирацовски изјави дека не можеле да претпостават што прави, како што рече, нивниот познаник Боки 13. Ременски на „Фејсбук“ објави дека нема ништо против Обвинителството да ја истражи нејзината улога во невладината на Јовановски. Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев вели дека обвинителството треба да биде поотворено.
„Политичкиот притисок не е добар. Тој нема да вроди добар плод. Мислам дека подобро е да се излегува со одредени факти кои не се спорни и кои јавноста не ги знае, но треба да ги знае за да се избегнат овие шпекулации. Шпекулациите повеќе нанесуваат штета, од вистинските факти кои досегашната истрага ги утврдила“ вели Илиев.
ОД ВМРО-ДПМНЕ и денеска повикаа на итно проширување на истрагата за „Рекет“, не само кон извршителите, како што наведуваат, туку и кон нарачателите и помагачите, кон СЈО, кон сите функционери во СДСМ и кон сите вклучени во тој случај.
„Сведоци сме на најголемиот рекет систем во независна Македонија. Секој ден се јавуваат жртвите на рекетарите на власта, систем кој опстојува две години и во кој се рекетирани милионски суми не може да постои и функционира без за него да знае врхушката на власта“, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Премиерот Зоран Заев во видео обраќање повика на расчистување на случајот.
„Ова е време во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата. Никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран. Го охрабруваме Јавното обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата“, рече Заев.
Пред некој ден се огласи и заменик-помошникот државен секретар на САД Метју Пламер кој порача дека поддржуваат целосна, детална и транспарентна истрага.
„Такви сериозни обвинувања бараат сериозен одговор. Ако постојат докази, тогаш соодветно обвинение ќе биде можност за властите и Северна Македонија да покажат почитување на владеење на правото, кое преставува фундаментална основа што ќе и` помогне на Северна Македонија да го продолжи европскиот пат. Ние ги поддржуваме и охрабруваме институциите на Севрна Македонија да ја завршат оваа истрага“, рече Палмер во интервју за Гласот на Америка.
ОЈО не откри детали и за тоа што е откриено во телефоните на Јанева по нивното вештачење.