Предвремените избори ќе се одржат на 15 јули. Ова го соопшти денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев прифаќајќи го предлогот на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изборите да се одржат во средината на јули.
„За да не страда народот и за да им се овозможи на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ на дело да ја покажат својата одговорност како конечен, последен и единствен датум за избори на кои гарантирано ќе учествува опозицијата. Ја информирам јавноста дека денеска повторно разговарав со Мицкоски и тој ми потврди дека е согласен да учествува на избори на 15 јули“, рече Заев.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук наведе дека на изборите на 15 јули ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ и заедно со народот ќе го победеле изворот на кризата Зоран Заев и СДСМ.
„Двата услови кои ги баравме се прифатени, прво протоколи за заштита на здравјето на граѓаните, второ мисија на ОБСЕ и ОДИХР за заштита на волјата на граѓаните“, напиша Мицкоски.
Ова значи дека изборите ќе се одржат во среда, а не во недела, како што е дефинирано во Изборниот законик. Поради ова, Заев најави дека ќе побара од претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба за владата со уредба да донесе измени во законикот со кои ќе се овозможи изборите да се одржат в среда.
Како што соопшти лидерот на СДСМ, два дена претходно, на 12 јули на полноќ, ќе настапи изборниот молк, а болните и изнемоштени лица, вклучително и оние позитивни на Ковид-19 или, пак, во самоизолација, ќе гласаат два дена, понеделник и вторник. Гласањето в среда наместо до 19 часот, ќе трае до 21 часот.
„Договоривме со Мицкоски и јас и тој да го информираме претседателот Пендаровски за договорот што го постигнавме, а претседателот Пендаровски ќе ги информира останатите политички партии“, рече Заев.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) го поздравија постигнатиот консензус после интензивните консултации помеѓу политичките партии, со што, како што пишуваат во соопштението, се избегна политичката криза по здравствената и економската.
Останатите политички партии, кои ги спомена лидерот на СДСМ беа на две средби кај претседателот, но првите луѓе на ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса, немаа големи разлики за датумот за предвремени избори. Откако работите запнаа меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Заев и Мицкоски минатата недела беа сами на средба кај Пендаровски, но не дојдоа до решение.
Мицкоски вчера ги соопшти своите позиции, односно избори кон средината на јули со исполнување на два услова - присуство на целосна мисија на ОБСЕ/ ОДИХР и имплементација на протоколите за заштита при гласање кои ВМРО-ДПМНЕ ги предложила.
СДСМ и владата претходно инсистираа изборите да се одржат 22 дена по престанокот на вонредната состојба, односно на петти јули. Вонредната состојба, која ја прогласуваше претседателот во четири наврати, беше за да и овозможи на владата да носи уредби со законска сила во услови во кои не функционира парламентот поради претходно распишаните парламентарни избори. Тие се првично се одложија поради пандемијата со коронавирусот.
Инаку, ОБСЕ/ОДИХР веќе распиша конкурс за ангажирање на експерти кои треба да ги набљудуваат предвремените парламентарни избори, како што е наведено од меѓународната организација, на 5 јули.
Во конкурсот објавен на нивната веб страница се наведува дека по покана од С. Македонија за набљудување на изборите и во согласност со мандатот што го има ОДИХР, се подготвуваат да распоредат Специјална мисија за проценка на изборите. Конкурсот трае до 16 јуни, а избраните кандидати во Македонија треба најрано да пристигнат на 19 месецов.
Првично изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. До нив дојде по инсистирањето на откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.