Достапни линкови

Иванова: Филхармонија трага по совршениот баланс меѓу модерното и „железниот репертоар“


Иванова - Нашата мисија е да создаваме музика
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:22 0:00

Иванова - Нашата мисија е да создаваме музика

Се движиме во чекор со она што го создаваат светските симфониски оркестри, се движиме низ призмата на убавото, се движиме далеку понапред од овие времиња што нè притискаат во реалноста, вели Тина Иванова, музиколог и в.д. Директор на Филхармонија во интервју за Радио Слободна Европа.

Тина Иванова е жена борец. Мајка на две деца. И дури потоа музиколог, новинар, писател... и во времево на пламтечка светска пандемија која не стивнува в.д. Директор на Филхармонија. Единствената национална институција која држејќи се до вековното сознание дека музиката е лек се обиде и успеа на публиката да и го подари духовниот мелем. Да ја предизвика само за момент да ги оттргне црните мисли, сите премрежиња и да си даде слобода да влезе во светот на убавото, возвишеното. Да и се насладува на уметноста независно кога и каде е создавана.

Филхармонија беше веројатно единствената културна институција во земјава која во екот на пандемијата не ги затвори портите за публиката. Напротив ги искористи сите можни начини и алатки да ја одржи врската со љубителите на музичката уметност. Од таму ли и потребата актуелната сезона 2021/22 да ја насловите „Во движење“?

Нашата мисија е да создаваме музика. А, музиката е движење во времето и во просторот. Не води низ непрекинлив мисловен и душевен развој. Токму затоа што не престанавме да работиме, сам се наметна слоганот на новата концертна сезона „Филхармонија во движење“. Но, и затоа што сакаме да ја гледаме Филхармонија напред, во квалитативна смисла, ама и во прогрес во звучна, естетска, програмска конотација. Како што кажавте, ние не ги затворивме портите за нашата публика, и не само тоа; Филхармонија не само што ги одржа редовните програмски концерти, туку одржа и низа други камерни концерти составени од наши музичари. Се движиме во чекор со она што го создаваат светските симфониски оркестри, се движиме низ призмата на убавото, се движиме далеку понапред од овие времиња што нè притискаат во реалноста. Од друга страна, сакаме да ја поттикнеме и еколошката свест кај публиката, па често овој слоган го врзуваме и со некои спортски активности, а меѓудругото и советуваме на нашите концерти да се доаѓа со велосипед.

Почетокот на сезоната беше блескав, со два специјални проектa како „Данте 700“ на кој Франц Лист го свиревте со Симон Трпчески како солист и потем со премиерната изведба на антологиското дело „Музика за 18 музичари“ од американскиот композитор Стив Рајх. На што всушност се потпира концептот за актуелната сцена? На „железниот симфониски репертоар“ со врвни солисти и диригенти, но од друга страна и на посегањето по дела од модерни и современи автори. Што е она што посебно би можело да се издвои од стокмената понуда?

Од стартот на новата сезона се одржаа фантастични концерти, сите сосема различни еден од друг. Потребата за тоа е да привлечеме и разни профили на слушатели. Има некои концерти коишто навистина отскокнуваат од рамките на класичното работење на институцијата во програмска смисла, концерти коишто се навистина многу модерни и многу популарни на светската музичка сцена, коишто се многу прогресивни, коишто носат премиерни дела коишто никогаш претходно не биле изведени на оваа сцена. Целта на програмата е да се направи еден совршен баланс меѓу таквите дела и она што се нарекува ,,железен репертоар’’, односно, класичното симфониско творештво, коешто никако не смееме да го изоставуваме, и заради нас, и заради публиката, но и заради постоењето на оваа институција и она што таа како таква го претставува во светот на културата.

Тина Иванова, вд директорка на Филхармонија
Тина Иванова, вд директорка на Филхармонија

Како што напоменавте, почнавме со ,,Данте 700’’ со Франц Лист, една покласична програма, за потоа, веќе на наредниот концерт да настапиме со Стив Рајх и неговото навистина антологиско дело, ,,Музика за 18 музичари“ којшто прв пат се изведува на нашата сцена и којшто помина фантастично, впрочем како и самото отворање. Она што сакам да го кажам и она што е карактеристично за овој концерт и за овој избор, е тоа што овој концерт носи една сосема поинаква звучна естетика. Прво, се работи за дело коешто се изведува со 18 музичари, второ, е премиерно дело, трето, тое е дело коешто припаѓа на периодот на Минимализмот. Ова дело, како на музичарите, така и на публиката, им овозможи нови видици и нови хоризонти, за што сме навистина среќни и горди, и заради што сакаме да продолжиме да ја носиме Филхармонија во таа насока. Впрочем, оние што ја следат и светската културна сцена, ќе видат дека и тие, сите светски најпознати филхармонии, исто така се стремат да одат во една таква или слична насока. Сите концерти се уникатни и секој од нив носи своја оригинална специфичност.

Мене ми е драго што во Филхармонија, токму поради звучното шаренило, поради премиерните дела, поради иновативноста во однос на програмата, звучната и сценската поставеност, почна да доаѓа и нова публика.
Од претстојните концерти јас, како нешто на коешто не сме навикнати, би можела да го издвојам концертот на БАЛАНЕСКУ КВАРТЕТ. Многумина ќе се сетат на нив од последното нивно гостување во Скопје од пред околу 20 години. Се работи за еден фантастичен квартет којшто се занимава со современа класична музика, а за пошироката јавност станаа познати по прекрасните преработки на КРАФТВЕРК. Многу сме среќни што пак ќе настапат во Македонија, но и тие исто така беа пресреќни и се воодушевија кога дознаа дека повторно ќе го видат Скопје и неговата неповторлива публика.

Би го издвоила и концертот наречен ,,Requiem for My Friend’’ насловен според истоименото дело на Збигњев Прајснер. На тој концерт диригент ќе биде Михаил Нестеровиќ од Чешка којшто веќе гостувал и порано. Го издвојувам, прво, затоа што повторно станува збор за премиерно дело, второ, затоа што воопшто Збигњев Прајснер во Филхармонија никогаш не бил изведуван, и трето затоа што се работи за едно грандиозно вокално-инструментално дело, хор и оркестар, и дело коешто носи многу тага во себе, многу меланхолија, многу темни моменти, дело коешто всушност нѝ говори на што би требало да се посветиме во животот. Глорификација на самиот живот, на пријателството, и потсетување дека освен оние убавите, дека постојат и оние помалку убави моменти во животот, но и дека и тие моменти всушност го сочинуваат исто така животот. Еден вистински филозофски осврт на овие суштински животни прашања.

И сакам уште да го издвојам и концертот со којшто ќе ја затвориме оваа сезона, а тоа е концертот каде што ќе се изведе делото ,,War requiem“ од Бенџамин Британ, заедно со нашиот шеф диригент Габриел Бебешелеа од Романија. Ова дело исто така е премиерно и за прв пат се изведува во Македонија. Ќе го изведеме во Соборниот храм ,,Св. Климент Охридски’’ затоа што е наменето за таков амбиент. Станува збор за исто така обемно дело коешто е составено од четири ансамбли, односно, од хор, филхармониски оркестар, камерен ансамбл, и плус детски хор. Нормално заради сите ансамбли и заради ограничениот простор во храмот, веројатно сето тоа ќе оди на надворешен видео бим со цел да може да го проследи што поголем број на луѓе. Тој концерт ќе биде еден од најголемите подвизи на Филхармонија воопшто од постоењето. Да напоменам само дека сите заинтересирани за програмата можат да ја посетат нашата нова веб-страница на којашто исто така сме особено горди.

Колку притоа овде е оставено простор за современото македонско музичко творештво?

Филхармонија секогаш во текот на една концертна сезона поставува и македонски дела. Навистина имаме огромна желба за тоа. Но, се појавува, од друга страна, и проблем околу ова прашање. Чинам дека и македонските композитори би се согласиле со ова - за да се напише творба за голем симфониски оркестар, потребно е време и многу труд, кој потоа не е валоризиран во било која смисла. Повеќето дела коишто се пишуваат се најчесто помали состави. Но, секако мораме да се грижиме за македонското композиторско творештво и да најдеме модус како да ги поттикнеме нашите автори почесто да пишуваат симфониска музика. Така, сега скоро ќе ја изведеме симфониската поема ,,Фрески’’ на Благоја Ивановски, со којашто ќе одбележиме јубилеј. Се трудиме и се стремиме исто така во програмата да вклучиме дела и на помладата генерација на македонски композитори. Се надеваме дека во иднина ова ќе стане почеста пракса и дека ќе можеме да располагаме со повеќе такви дела на наши млади композитори чиишто дела ќе се изведат како премиера.

Освен редовните концерти традиционално поместени секој четврток, во најава се и неколку посебни проекти кои подразбираат и излегување надвор од Институцијата. Поблиску до широката публика. Останувате ли при веќе неколку годишната заложба дека тоа е она што ви треба како Институција која се обидува да ги премости оградите и да им се спротивстави на постоечките предрасуди?

Тоа е веќе неизоставен дел од Филхармонија, ама и од свеста на музичката публика. Традиција стана дел од нашите концерти да ги извадиме надвор од институцијата. Секако, тоа наметнува и поинаква програма, но никако не заостанува зад квалитетот којшто го нудиме во текот на редовната концертна сезона во нашите две концертни сали. Концертите под отворено небо носат посебна магија и овде имаме простор да бидеме креативни во една друга музичка сфера, што ни дава и дополнителна мотивација. Ако ги земеме во предвид досегашните настани „Филхармонија на отворено“, ќе видиме дека на јавноста тоа и е потребно како леб. Нема поубаво чувство од слободно движење и слободно размислување. Овие настани токму тоа го даваат. Тие се адреналинска инјекција за сè она што понатаму следи.

Сметате ли дека токму со ваквиот третман го прилагодувате делувањето на Филхармонија во ова модерно доба? Дека само со излегувањето од востановените рамки ќе ја збогатите армијата следбеници и слично како некои сродни институции однапред ќе ја „продадете“ актуелната сезона концерти. Кој е концептот на тимот на чие чело сте сега вие?

Да, сметаме дека треба, ама и сакаме тоа да го правиме, кога ќе ја видиме среќата и задоволството кај оние коишто ја следат нашата работа. Една од причините за овие концерти е да ја привлечеме и онаа публика која нема навика да доаѓа во Филхармонија во текот на сезоната. Се покажа успешен овој начин на рекламирање. Ги следиме светските струења, ама делуваме и според нашиот инстинкт.

Од минатата година започнавте со периодична печатена објава во која донесувате информации за вашата програмска понуда и осврти и разговори со гостите кои ги очекувате на подиумот. Најавувате и промоција на новата интернет страница на Филхармонија. Што подразбира и која е идејата за сето тоа?

Да, новина во Филхармонија е печатеното издание насловено „Филхармониски весник“ кое изгледа фантастично. На секои три месеци издаваме весник во кој можат да се најдат сите информации за нашата институција во текот на еден период - рецензии, интервјуа, интересни факти за делата итн., а направен е и со уникатен, модерен изглед. Весникот е бесплатен и се дели на различни места сега за сега во Скопје, а во иднина планираме да го прошириме и низ целата земја. Со оглед на фактот дека печатените медиуми ги има сè помалку, а и со оглед на фактот дека културата во медиумите е навистина малку застапена, се придава значење само за некој горлив проблем, а не и за убавото што го создаваме, решивме самите да пишуваме за себе. Тоа е еден сегмент од целокупната наша маркетинг кампања, но не во агресивна смисла. Направивме и нова веб-страница која исто така има прекрасен дизајн и која наликува на веб-порталите на светските симфониски куќи. Таа е платформа која ќе поддржува секаков тип на медиум, а имаме желба да направиме и филхармониско радио. Мораме да размислуваме и во насока на едукација на јавноста. Многу сме сиромашни во однос на музичкото образование како држава, а знаеме колку е тоа битно за менталниот и духовниот развој на еден човек.

Поседувате снимки ( аудио и видео) безмалку од сите концерти и специјални проекти на Филхармонија. Дел од тоа благо е документирано на носачи на звук. Какви се натамошните планови во однос на овој вид продукција?

Да, сите концерти на Филхармонија се снимени, дел од нив и издадени на носач на звук. Некои не смееме да ги издаваме и заради авторски права, но секако планираме да издадеме уште еден од концертите кои се дел од новата сезона. Во план е да го издадеме концертот со кој ќе ја затвориме оваа сезона, а кој планираме да биде грандиозен. Но, за тоа, потоа.


Конечно, ако сево ова се однесува на делувањето на Филхармонија овде дома, јакнењето на нејзината репутација како силен ансамбл во кој свират квалитетни музичари и солисти, колку е реално да се очекува дека добриот глас ќе може да ве одведе надвор од границите на земјава? Има ли планови за таков исчекор?

Ова се тешки години за светот, па и за нас. Пандемијата запре многу идеи, планови, желби. Се откажаа неколку патувања и на Филхармонија. Очекуваме и сме оптимисти дека ќе реализираме турнеи во блиска иднина, но неизвесно е. На 12 декември ќе ни гостува Белградска филхармонија што за нас, и за нашата земја воопшто, е на некој начин историски момент со оглед на тоа дека овој оркестар кој е на високо рамниште во Европа, доаѓа во Скопје по долги години. Следен чекор би требало да биде и ние да го возвратиме гостувањето. Во преговори сме за концерти во Русија, но како што кажав, ова е време-невреме и ќе чекаме поволна атмосфера за тоа.

И, за крај, ако музикологот Тина Иванова не биде на чело на Филхармонија каде се гледа себе во иднина? Ќе му се врати ли можеби на новинарството каде пред неколку години за студијата за Канал 103 ја освои престижната награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“ или ќе остане во институцијата за да се обиде да реализира барем некои од сопствените прогресивни идеи?

Филхармонија ми е во срцето, на која и позиција да сум. За мене е исто дали сум продуцент, директор, дали работам односи со јавност, дали креирам концерти или пишувам сценарија. Посветена сум на работата, затоа што ја сакам. Новинарството е дел од мојот живот отсекогаш, па не велам ниту дека не би се вратила ако ми се понуди некоја интересна можност. Во Филхармонија имам простор да се изразам покреативно. Инаку, сакам да пишувам. За време на карантинот почнав да создавам нов роман, и мислам дека ќе се посветам на ова четиво кога ќе бидам послободна, за да можам да навлезам во приказната подлабоко. Но, никогаш не размислувам за иднината амбициозно. Се што ми се случило дошло по природен, спонтан пат. Знам каде припаѓам и знам кој е мојот фокус.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG