Достапни линкови

„Звук на два метри“ како заумна идеја за славење на убавото


 Еден од концертите на оркестарот на Филхармонија од сезоната „Звук на два метри“
Еден од концертите на оркестарот на Филхармонија од сезоната „Звук на два метри“

Со уникатни музички настани со врвни солисти и диригенти кои се одвиваа во големата и малата сала, македонската Филхармонија е веројатно една од ретките културни институции во земјава која и во годината на светска пандемија во целост ја реализираше својата концертна програма.

За свечено отворање на новата сезона концертот по кој симболично беше насловена целата годинешна програма „Звук на два метри“ на кој како диригент настапи новиот шеф-диригент на Филхармонија, маестро Габриел Бебешелеа од Романија. Притоа солисти беа тенорот Корби Велч и сопранистката Хајке Веселс од Германија, а беше изведено маестралното дело „Песни за земјата“ од големиот Густав Малер.

На 17 септември беше реализиран концеретот насловен како „Младост, среќа, иднина“ со маестро Јерухам Шаровски од Израел и врвната виолончелистка Даниеле Акта, една од новите светски музички ѕвезди, додека една недела подоцна на фестивалот „Денови на македонска музика“ во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, беа изведени и нови дела на македонски автори.

Маестро Габриел Бебешелеа

Во октомври Филхармонија влезе со фантастичниот концерт „Шпански танц“ со редовниот диригент маестро Емил Табаков од Бугарија, на кој беше изведена „Кармен свитата“ од Жорж Бизе, како и „Барокни варијации“ во чест на нашиот влијателен композитор Благој Цанев кој почина минатата година. Веќе на 8октомври во „Поле за игра“ солистка беше врвната виолинистка од Казахстан - Ајман, а на 21 истиот месец во Камерната сала Оливие Самолиан, некогашниот македонски зет и член на ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ од родната Франција го донесе и го претстави атрактивниот КУАРЕМ КВАРТЕТ во кој членуваат и музичари од Јужна Америка. За нивниот несекојневен концерт на кој свиреа микс на музики од светот и свои современи композиции разбирливо се бараше карта повеќе. И, по едно такво несекојдневно задоволство, веќе наредниот ден, на 22 октомври во Големата сала се одржа „Пер Аспера ад Астра“ со фантастичниот млад пијанист Дмитри Маслеев од Русија како солист и шеф-диригентот Габриел Бебешелеа. Оваа вечер беше изведена и Камерната симфонија од Дмитриј Шостакович, каде како солист настапи трубачот Драганчо Младеновски, прв трубач во оркестарот на Филхармонија.

Потем се редеа „Метроном“ со извонредната Алина Баева на виолина, па „Кругови“ со атрактивниот солист на пијано Франческо Тристано од Луксембург и маестро Џијан Емин како диригент, концерт кој донесе современ, модерен звук во спој со традицијата и дефинитивно поинаква енергија. По него и концертот „И тело и душа“ со врвниот македонски пијанист Дино Имери, настап посветен на музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен, со кој повторно беше одбележана годината на неговото раѓање – јубилеј кој годинава го слави светот.

И зад нив, уште и „Фузија“ на квартет саксофони од Македонија, на 26 ноември во рамките на „Колаж“ маестро Бебешелеа беше на сцена со Анастасија Кобекина, врвната виолончелистка од Русија, концерт со кој се прослави роденденот на институцијата, а наедно свечено беа затворени и „Есенските музички свечености“, а 3 декември на концертот „Бетовен 3“ настапи триото Александар Кагановски на виолончело од Швајцарија, Ваг Папијан на пијано од Израел и Емир Имеров на виолина од Германија, под диригентство на маестро Конрад ван Алфен. Овие солисти ден потоа одржаа и камерен концерт во Камерната сала под името „Бенџамин пијано трио“.

Џијан Емин и неговите музички собеседници Оливие Самолиан, Ѓорѓи Шаревски и Кирил Кузманов

Конечно на 10 декември се случи настанот „Филхармонија за Филхармонија“, на кој настапија ансамбли чии членови се уметници од редовите на институцијата, а минатата пандемиска 2020 се заокружи со традиционалниот Новогодишен концерт овој пат под наслов „Нова година-Нов почеток“ со маестро Џијан Емин како диригент, а во соработка со Здружението на џез-музичари на Македонија.

А, кон сево ова уште и тоа дека некои од концертите имаа и директен пренос на Националниот канал на Македонска радио-телевизија, со што се врати заборавената пракса музичката култура да и биде достапна на јавноста и преку масовните медиуми.

И, кога ова ќе се собере излегува дека Македонската филхармонија е можеби една од ретките културни институции во земјава, но и пошироко, која и во време на засилени мерки за превензија и заштита од вирусот Ковид-19, во целост реализираше својата концертната програма. Или, поточно таа од почетокот на новата концертна сезона реализираше уникатни музички настани со врвни солисти и диригенти, симфониски и камерни концерти, кои се одвиваа во големата и малата сала, „со импресивна и атрактивна програма која претставуваше микс од т.н. класичен, железен репертоар и современите композиции“.

- Поради ситуацијата со Корона вирусот, го поделивме оркестарот на два ансамбли, а програмата ја адаптиравме за помали симфониски состави, со цел да се заштитат сите вработени во објектот. Среќна сум што од една страна, на љубителите на музиката и на артистите не им недостигаше сцената, живиот контакт со уметноста, а од друга, што успеавме во ова сурово и депресивно време да се справиме со „непријателот“ и да го сочуваме нашето достоинство, да одиме напред со здрав разум секако, не по секоја цена, да им дадеме на луѓето надеж за подобра иднина. Музиката е совршена форма на делување против неубавото. Сите концерти одеа и онлајн, така што, ниту оние кои одлучија да не дојдат во сала, можеа да сонуваат и фантазираат гледајќи ги и слушајќи ги нашите уметнички проекти и да се тргнат барем за миг од сивилото што како колектив не обои во тмурни бои, вели Тина Иванова, в.д. директорка на Филхармонија.

Таа и со изјава дека она на што се особено горди е назначувањето на маестро Габриел Бебешелеа за шеф-диригент на оркестарот.

- Она на што сме особено горди е назначувањето на маестро Габриел Бебешелеа од Романија за шеф-диригент на оркестарот со тригодишен договор за работа, што е од огромно значење за квалитативниот развој на нашата институција. Наедно, почитуваниот маестро Конрад ван Алфен од Холандија стана наш почесен гостин диригент. И двајцата, дадоа голем придонес во тоа сите концерти да се одржат со програма адаптирана за ваква ситуација, смета Иванова.

Инаку, Филхармонија во периодов што следува е ипсравена пред новиот серијал на несекојдневни перформанси кои ја чинат програмата на новата концертна сезона. Следен концерт е планирано да се одржи на 28 јануари со диригентот Борјан Цанев и солистката Ања Коловска на хармоника. На програмата се Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, „Песна и танец“ од Томе Манчев и „Орава“ за гудачки оркестар од Војцек Килар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG