По само две недели од исклучително успешниот концерт на француското АНА КАП ТРИО со Џијан Емин, неговиот соработник од времето на ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ – Оливие Самулиан на виола и гудачите Марија Михајловска, Марија Трајковска и Бојан Илковски, кој сам посебе отвора нова страница во делувањето на нашата национална установа, во Филхармонија е планирано одржувањето на уште еден несекојдневен настан.
Овојпат станува збор за премиерна изведба на проект каков што досега не сме имале можност да забележиме на овие наши простори и за идеја зад која простум застануваат (повторно) инвентивниот композитор, мулти-инструменталист, аранжер и диригент Џијан Емин ( кого да го немавме ќе требаше да го измислиме) и Тина Иванова, музиколог и новинар кој со многу свои дела ја има задолжено нашата културна стварност и добитничка на наградата „Мито Хаџивасилев – Јасмин“.
Нивниот „Диши љубов“, како што ќе биде забележано во најавата, е „сосема нов, автентичен и уникатен проект со музика на Џијан и текстови на Иванова, во кој звучната матрица се соединува со холограм, така израснувајќи до мултимедијален спектакл“.
И, кога сме веќе тука треба да се знае и тоа дека за првпат во Македонија се реализира концерт кој ќе биде изведен со слика добиена со интерференција на светлосни бранови, а за реализација на холограмот и воопшто за целосната визуелизација на концертот е задолжен Јохан Мелин од Шведска, кој зад себе има завидна биографија и како филмски режисер и писател.
Иванова како автор на текстовите на сонговите, како и на расказот, во пресрет на концертот појаснува дека „Диши љубов“ во основа пее за љубовта, за Скопје, дека зборува за две суштински појави без кои човекот не би можел да опстои - воздухот и љубовта.
„Инспирацијата да се реализира овој концерт првично произлезе од проблемот со кој годиниве наназад се соочува Македонија и најмногу градот во кој живееме Скопје – загадениот воздух и се што тоа повлекува со себе, особено свеста за екологијата и за човечкото здравје. Од друга страна, проектот се доживува и како чисто љубовен, бидејќи самата тематика се базира на онаа првична, невина љубов, на взаемна страст помеѓу двајца партнери“, појаснува Тина.
Нешто што, како што дополнува, според споменатите тематики му дава една сосема нова и поинаква димензија на целиот нивни проект.
Инаку, настанот е замислен да се реализира на две нивоа. Првото ниво на „Диши љубов“е сочинето од десетина песни во изведба на Џијан Емин, вокал, гитара, синтисајзер, и негови колеги - музички уметници од Филхармонија како придружба. Второто ниво е веќе споменатата нарација на расказ со љубовна тематика поткрепена со инструментална музика и сето тоа збогатено со холограмот и визуелните ефекти.
Покрај Џијан Емин и членовите на Оркестарот, на концертот планирано е учество да земат и оперска пејачка, како и актер задолжен за нарацијата чии имиња допрва ќе и бидат соопштени на јавноста.
Во информацијата се дополнува и тоа дека концертот ќе биде целосно на македонски јазик, а потписниците и со појаснување дека музиката и лириката ја поседуваат онаа специфична скопска, носталгична естетика која од своја страна влече корени од музиката од 80-тите и особено 90-тите години на минатиот век создавана на американското и на британското музичко поднебје.
Конечно, слично како и во случајот со АНА КАП ТРИО, концертот „Диши љубов“ ќе биде сниман и за очекување е материјалот подоцна да се најде на носачи на звук.