Достапни линкови

Зошто само лаптопите, може да си ги земат и службените возила?


Илустрација
Илустрација

Општина Центар предложи советниците на кои им завршува мандатот да си ги задржат службените лаптопи, но под притисок ја јавноста предлогот беше тргнат од дневен ред. Граѓаните на социјалните мрежи иронично прашуваат дали можеби ќе биде донесена одлука да ги задржат и службените возила.

Дополнето: Предлогот советниците од Општина Центар да си ги задржат службените таблети и лаптопи и по завршувањето на мандатот беше тргнат од дневниот ред на денешната седница за „да биде вратен на доработка“.

Предлогот претходно предизвика бура реакции во јавноста. Граѓаните на социјалните мрежи бараа јавно да се објави листата да се види кој од советниците како гласал за предлогот, но до гласање не дојде. Многумина сметаат дека точката е тргната од дневен ред под притисок на јавноста.

Граѓаните коментираа дека кога се работи за нешто да се земе, сите советници се едногласни, а кога треба да се даде сите имаат некакви замерки.

Други, пак, прашуваат што ќе присвојат советниците наредно.

Од Општината велат дека советниците од редовите на социјалдемократите и градоначалникот Саша Богдановиќ ќе ги донираат последните плати за купување лаптопи или таблети, а за нивните службени лаптопи секој сам ќе одлучи.

Дел од граѓаните зачудено прашуваат како ќе одлучат дали да донираат нешто што не е нивно.

Во момент кога ентузијастот Борче Стаменов од Кавадарци веќе усреќи над 1000 деца од сиромашни семејства на кои им донираше компјутер за да може да следат настава во време на пандемијата, советниците сакаат да си го присвојат и тоа што не е нивно.

Инаку, Стаменов доброволно поправа стари и расипани компјутери и им ги донира на деца од социјално загрозени семејства. Прво почна во родното Кавадарци, а потоа и низ цела Македонија. Откако се расчу за иницијативата Донирај компјутер, тој добива сè повеќе донации, дали во компјутери или компјутерски делови, а потоа ги оспособува и ги препраќа каде што треба. На помош има и транспортни фирми и возачи кои ги пренесуваат компјутерите од Кавадарци до децата на кои им требаат.

Тој на Твитер реагира на плановите за присвојување на општинските лаптопи.

За потребите на пописот, Државниот завод за статистика набави над 5000 лаптопи. Граѓаните на социјалните мрежи веќе прашуваат кој ќе ги „лапне“ овие лаптопи по завршувањето на пописот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG