Достапни линкови

Застој за лични карти- луѓе без пензии и социјална помош, а може да останат и без право на глас


Лични карти Република Македонија
Лични карти Република Македонија

Системот за издавање лични карти е сменет со уставното име, а законот со кој би требало тоа да влезе во употреба е блокиран во Собрание. Накратко, ова е причината поради која не се издаваат лични карти, поради што граѓани не може да земат ниту пензија со месеци оти немаат лична карта.

Со месеци трае застојот во издавање на лични документи во Министерството за внатрешни работи, а се повеќе граѓани не може да ги остварат основните права- да земат пензија или социјална помош поради тоа што банките не им даваат без важечка лична карта.

Сузана Салиу, заменик народен правобранител во изјава за Радио Слободна Европа вели дека секојдневно добиваат преставки од граѓани кои се жалат дека им се нарушени основните човекови права.

„Не се јавуваат само граѓаните што имаат проблем туку и членови од нивните фамилии што велат, на пример дека на татко му единствен извор на средства за егзистенција му е пензијата.. овој проблем стана повеќе димензионален и создава повеќе последици и затоа институциите особено деловните банки треба да покажат разбирање “, вели Салиу која нагласува дека имаат преставки и од граѓани корисници на социјална помош.

Директен линк

Според неа, сега неопходно да се најде времено решение, оти како што вели следуваат две важни операции, попис во септември и локални избори во октомври.

„Во овие две операции, клучна улога во идентификација на граѓаните треба да се бара во личната карта, оти не може да им се бара патна исправа, немаат, зошто и две години поради пандемијата сме блокирани со патувањата, а исто така и некои граѓани воопшто не вадат патна исправа. Мислам дека ова ќе создаде дополнителни проблеми и последици“, вели Салиу.

МВР: не можеме да издаваме лични карти по стариот закон поради технички причини

Според статистика на Министерството за внатрешни работи заклучно со 18 август точно 41 100 граѓани аплицирале за лични карти а не можат да ги добијат.
На прашањето на Радио Слободна Европа зошто ако новиот закон не е донесен, не издаваат лични карти по стариот закон, велат дека не постои таква можност оти веќе е извршен „технички трансфер на системот за изработка на сите лични исправи“.

Од МВР тврдат дека редовно се примаат граѓаните, дека техничките можности предвидуваат печатење на сите лични документи, вклучително и личните карти со новото уставно име, но дека не може тоа да го прават поради недонесениот Закон за лични карти кој во Собранието е блокиран со 1506 амандмани од опозицијата.

„Но, МВР не смее да започне со издавање на новите лични карти сѐ додека Законот не биде во сила. Постапувањето, пак, по стариот закон е невозможно од технички аспект поради фактот што МВР токму во интерес на реализирање на превземените обврски и роков изврши технички трансфер на системот за изработка на сите лични исправи“, наведуваат од МВР.

Од таму велат дека „активно работат на разгледување на можните опции за изнаоѓање решенија што е можно поскоро“ и апелираат до деловните субјекти, особено оние од банкарскиот сектор, да ги прифатат потврдите од граѓаните што ги добиваат при апликација за лични документи како доказ дека постапката за издавање на нов документ е во процедура, односно да им излезат во пресрет на своите клиенти.

Како дојде до проблемот?

Застојот во издавањето лични документи почна да се појавува во јуни. Тогаш од Министерството за внатрешни работи тврдеа дека се работи за лажна вест. Првично проблемот беше со издавањето на пасоши, а од МВР тврдеа дека обрасци имаат, но дека има енормно зголемен број на заинтересирани граѓани и затоа процедурата е побавна. Потоа со измени на законот за патни важноста на пасошите се продолжи до крајот на годинава, но граѓани се жалеа дека други држави не ги пуштаат да ги преминат нивните граници поради истечениот пасош.

Истиот месец, во два наврати, од 11 од 15 јуни и од 23 до 27 јуни МВР соопшти дека прави пауза во системот на издавање лични документи. поради како што соопштија надградба на системот за лични документи. Прво поради надградба на системот , а второ поради миграција во нов систем. Всушност тогаш и системот за документите да го содржат уставното име, па истиот месец министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од Собранието одговарајќи на пратенички прашања тврдеше дека за неколку дена од тогаш ќе почне издавањето на лични карти со уставното име- Република Северна Македонија.

Всушност од МВР тврдат дека проблемот сега е токму во Собранието, односно во Законот за личните карти за кој најмногу амандмани поднесе Левица. Двајцата пратеници од таа опозициска партија тоа го сторија поради противењето на барањето на владиониот коалициски партнер, партијата Беса, во личните карти да има графа за етничка припадност.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG