Достапни линкови

Забрана за увоз на руски јаглен, ЕУ со нов пакет санкции против Москва


Краматорск, Украина, 08.04.2022
Краматорск, Украина, 08.04.2022

Европската унија се согласи за петтиот пакет санкции против Русија за нејзината неиспровоцирана војна против Украина, вклучувајќи мерки за забрана на увоз на јаглен и затворање на пристаништата на ЕУ за руски бродови.

Забрана за увоз на руски јаглен, финансиски трансакции, транспорт, увоз и извоз во Русија и исклучување на Русија од јавните договори и европските фондови- ова е новиот пакет на санкции на кои се договорија 27 те земји членки на Европската Унија. Во заедничкото соопштение е наведено дека новите санкции од петтиот пакет во кои се вклучени мерки за забрана на увоз на јаглен и затворање на пристаништата на ЕУ за руски бродови, ќе придонесат за зголемен притисок врз Кремљ.

„Заедно со четирите претходни пакети, овие санкции дополнително ќе придонесат за засилување на економскиот притисок врз Кремљ и ја осакатуваат неговата способност да ја финансира својата инвазија на Украина. Овие мерки се пошироки и поостри, така што уште подлабоко навлегуваат во руската економија. Тие се координирани со меѓународните партнери“, се вели во соопштението на Унијата.

Во него се додава дека Унијата веќе работи на усогласување и на дополнителни санкции против Москва.

Соединетите Држави и нивните европски сојузници воведоа санкции за Русија, која ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари, за да ја изолира Москва економски, финансиски и дипломатски. Последните санкции доаѓаат по минатонеделната објава за злосторствата извршени од руските војници во Буча, но и за наводите за дополнителни злосторства од руските сили во други украински области.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред Советот за безбедност на ОН на 5 април изјави дека руските војници извршиле некои од најлошите „воени злосторства“ од Втората светска војна и побара од Советот да ги повика на одговорност.

Вчера Обединетите нации одлучија Русија да биде исклучена од Советот за човекови права на ОН (УНХРЦ) поради извештаите за злосторства извршени на окупираните територии на Украина. Одлуката беше донесена со 93 гласа за, 24 против и 58 воздржани.

Резолуцијата беше иницирана од САД откако се појавија докази за убиства на цивили во киевското предградие Буча. Земјите членки на Г7 (Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и Соединетите Држави) во соопштението порачаа дека е „време да се суспендира“ Русија од овој Совет.

Руската мисија во ОН во Њујорк пак ги повика земјите „да се изјаснат против антируската резолуција“.

Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство го бојкотираа неформалниот состанок на Советот за безбедност на ОН на 6 април, повикан од Русија за да ги искаже своите неосновани тврдења дека САД имаат лаборатории за биолошка војна во Украина.

Во меѓувреме продолжуваат жестоки битки на територијата на Украина. Украинските власти тврдат дека руските сили вршат брутални убиства и тортури врз цивили како и дека имаат докази за масовни гробници и неселективно гаѓање цивили.

Утринава со два ракетни напади од руските сили е погодена железничката станица во Краматорск при што загинаа над 30 луѓе и стотина се ранети. Оваа железничка станица се користи за евакуација на украински бегалци од Краматорск, кој беше мета на жестоки напади од руските сили. Во меѓувреме денеска во Киев пристигнаа тројца високи европски функционери за да ја изразат поддршката на ЕУ за Украина во услови на неиспровоцирана инвазија на Русија.

По ракетниот напад врз железничката станица во источна Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:54 0:00

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG