Достапни линкови

Зеленски до Советот за безбедност на ОН: Нема злосторство кое не е сторено во Буча


Обраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски до Советот за безбедност на ОН. 5 април 2022 година.
Обраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски до Советот за безбедност на ОН. 5 април 2022 година.

Во своето прво обраќање пред Советот за безбедност на ОН, украинскиот претседател Зеленски повика на итно дејствување кон оние што давале криминални наредби за извршување на злосторствата во Буча. По информациите за убиваните цивили во градот, ЕУ најави нови санкции кон Русија.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски денеска се обрати во Советот за безбедност на Обединетите нации, при што потсети дека вчера се вратил од градот Буча каде што на улиците биле пронајдени мртви тела по заминувањето на руските сили.

„Нема ниту едно кривично дело што не го сториле таму“, рече Зеленски и додаде дека е сигурен оти денеска ќе го слушнат сите претставници на Советот за безбедност.

Тој во своето обраќање рече дека руските сили убивале жени пред нивните куќи, дека убивале цели семејства, возрасни луѓе и деца, како и дека се обиделе да запалат тела. Кремљ категорично ги отфрли обвинувањата дека руските сили убивале цивили во Буча.

„Ви се обраќам во името на луѓето кои секојдневно тагуваат по загинатите“, рече Зеленски додавајќи дека луѓе биле убивани во нивните станови, куќи, дека цивили биле газени со тенкови додека седеле во нивните автомобили, а жените биле силувани.

Ужасот во Мариупол
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:04 0:00

Ова е прво обраќање на Зеленски во Обединетите нации од почетокот на руската инвазија и доаѓа ден откако тој го посети градот Буча кој се наоѓа во близина на Киев.

Украинскиот претседател претходно изјави дека Украина нема друг избор освен да преговара со Русија за прекин на борбите, но дека тој и рускиот претседател Владимир Путин можеби нема да разговараат лично. Зеленски го рече тоа откако ги обвини руските војници дека извршиле злосторства во Буча.

Тој ги повика Обединетите нации веднаш да дејствуваат и порача дека сите кои дале криминални наредби треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

Пред говорот на Зеленски, во Советот за безбедност на ОН се обрати генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Тој рече дека војната во Украина е „еден од најголемите предизвици“ за меѓународниот поредок.

Војната доведе до „бесмислена“ загуба на животи, масовно уништување на урбаните центри и цивилната инфраструктура, рече Гутереш.

„Никогаш нема да ги заборавам ужасните слики на убиени цивили во Буча“, рече Гутереш.

Над 7 милиони раселени поради војната во Украина

Руската инвазија врз Украина започна на 24 февруари и оттогаш над 7,1 милион луѓе се внатрешно раселени, според вториот извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Ова бројка претставува зголемување од 10 проценти на бројот на внатрешно раселените лица во Украина, во однос на периодот кога организацијата го направи првиот круг на истражувањето на 16 март.

Своето второ истражување ИОМ го спроведе меѓу 24 март и 1 април за да направи увид за внатрешното раселување.

„Луѓето продолжуваат да ги напуштаат своите домови поради војната, а хуманитарните потреби на теренот продолжуваат да се зголемуваат“, рече генералниот директор на ИОМ Антонио Виторино.

„Хуманитарните коридори се итно потребни за да се овозможи безбедна евакуација на цивилите и да се обезбеди безбеден транспорт и испорака на многу потребната хуманитарна помош со цел брзо да им се даде помош на внатрешно раселените“, рече тој.

Нови сакнции кон Русија

Во меѓувреме, по објавените снимки во Буча, Европската комисија (ЕК) предложи петти пакет санкции против Русија. Според претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, најновиот пакет има шест столба и проширување на списокот на поединци на кои ќе им биде забранет влез во ЕУ.

Таа рече дека земјите на ЕУ работат на донесување на дополнителни санкции, вклучително и увоз на нафта, како и на идеи презентирани од земјите членки, како што се даноците или специфичните канали за плаќање како депозитна сметка.

Но, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Русија нема да се откаже од својата офанзива во Украина и дека во следните недели ќе се фокусира на целосно окупирање на регионот Донбас.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG