Достапни линкови

Зошто повторно расте бројот на заболени од корона?


Архивска фотографија- подготовка за отворање на угостителските објекти
Архивска фотографија- подготовка за отворање на угостителските објекти

Несоодветните мерки, а не неодговорните граѓани се причина за растот на бројот на заболени од коронавирусот последниве денови, оценуваат упатените. Според нив треба да се дизајнираат мерки и да има контрола онаму каде што се шири вирусот, а не да се затвораат дома сите граѓани.

Во Македонија бројот на заболени од Ковид 19 неколку дена бележи пораст што ги отвори дилемите дали тоa се должи на недисциплираноста на граѓаните или, пак, на несоодветните мерки на властите.

По првичниот пад, кога и се скрати времетрањето на полицискиот час, а почнаа размислувањата за постепено отворање на кафулињата, рестораните, продавниците, па дури, според некакви протоколи, и на градинките и самите здравствени власти кренаа кочница по бројките викендов - во четвртокот 33, во саботата 36 новопотврдени случаи, во неделата 20 заболени. Денеска Министерството за здравство информира дека се потврдени 22 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Скопје-13, Прилеп-2 и Тетово-7.

Истовремено, додека бројот во земјава порасна од под десетина заболени во некои денови, дури на над 30, во други земји, како на пример Словенија тој со денови е под десет, или пак во Грција каде што во неделата беа регистрирани само шест нови заболени. И тие земји, како и Македонија, почнаа со олеснување на мерките. Кај јужниот сосед и училиштата почнаа делумно да работат, а Словенија почна со ублажување на мерките од пред еден месец.

Според Арбен Зибери, директор на Центарот за јавно здравје зголемениот број на заболени во земјава е „рефлексија на олеснувањето на мерките“. Тој смета дека тоа било преурането и најдобро сугерира дека ќе беше и викендот за Први мај граѓаните да го помиена во долг полициски час како оној за Велигден или викендот пред него.

„Требаше барем уште тој викенд за Први мај според епидемиолозите од кај нас, од Центарот за јавно здравје и мислам дека ова е резултат на тој викенд, на олабавување на мерките и луѓето се групираа, а и времето е такво и секој ризичен контакт доведува до зголемување на бројот“, вели Зибери.

Микробиологот, доктор Никола Пановски има делумно слично мислење. Нискиот број на претходно заболени тој го лоцира во тоа што граѓаните преку полициски час беа долго време држени во карантин, а сега се олеснија мерките па излезе ваков број на заболени. Но, според него луѓето не треба да се затвораат дома, туку епидемиолозите да лоцираат каде точно се шири вирусот и за таму да преземат конкретни мерки.

„Не треба сите граѓани да се обвинуваат за неодговорност, бидејќи граѓаните го сфаќаат тоа еве сега излегуваме надвор и се шири вирусот. Ама не може да се затвориме внатре. Значи ако ниту еден случај не се проширил на улица, во парк, во маркет, како што е во Германија и во Шведска, таму знаат точно каде се проширува, значи таму каде што се пренесува, ако е тоа фирма, погреб итн таму треба да се насочат мерките. Инаку друго неодговорно однесување, освен ова во Струга, не сум видел иако се собираат луѓето, но реално мислам дека така не се пренесува вирусот“, вели Пановски.

Македонија не е островска земја, за да се уништи вирусот и затоа мислам дека треба да се научиме да живееме со тој број, 20-30 заболени дневно, додава докторот, нагласувајќи дека очекува оти летово поради времето ќе се намали ширењето.

„Но и кај нас нема некаква контрола како што треба да има. Значи ако имате гробишта каде што најмногу се шири вирусот, ете и најголемата епидемија од Дебар е од таму, ако на гробишта не ставите човек, ако не ставите на верски настан како што беше во Струга контрола, или во конфекции ако нема контрола, ќе се случува ова, што да правиме“, вели Пановски.

Инаку, минатата недела на литија во Струга излегоа стотици луѓе што предизвика реакции од здравствените власти, а според некои информации скокот на бројот на заболени во Тетово се должи на присуство на погреб на заболен од Ковид19, а во Велес болеста се шири во фабрика. Властите по два долгочасовни карантински викенди, едниот 61 час, другиот 85 часа решија да ги намалат ограничувањата, па сега полицискиот час почнува од 19 и трае до пет часот утрото.

И други земји почнаа со олеснување на мерките, а во некои од нив се појавија стравувања за враќање на вирусот. Во Јужна Кореја, локалните власти на главниот град Сеул викендов затворија повеќе од 2100 барови и други ноќни клубови откако се појави нов кластер на заболени од коронавирус. Вирусот повторно изби и во кланици во Германија, а италијанските власти се загрижени дека граѓаните се собира масовно во кафулињата на првиот викенд по олеснувањето на мерките и дека со тоа може повторно да се јават нови кластери.

Во светот во моментов има околу четири милиони и 200 илјади заболени, а речиси 290 000 починати од вирусот кој почна да се шири лани во декември од кинескиот град Вухан.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG