Достапни линкови

Еден месец војна во Украина - Загинати, ранети и протерани


Жена од Харков ги наоѓа своите пријатели од Черновци во Романија, откако тие побегнале од Украина на 22 март.
Жена од Харков ги наоѓа своите пријатели од Черновци во Романија, откако тие побегнале од Украина на 22 март.

Утрото на 24 февруари започна руската инвазија врз Украина, како дел од таканаречената „специјална операција“ како што објави Русија. Од почетокот на војната повеќе од 10 милиони луѓе се раселени, a точниот број на загинати е непознат. И додека борбите и натаму траат Русија ги засилува своите напади, а украинските одбранбени сили возвраќаат.

По почнувањето на руските бомбардирања врз украинските градови пред еден месец, веднаш беа пријавени и првите жртви, а луѓето преплашени од војната почнаа да бегаат кон границите. Украинскиот претседател Володомир Зеленски излезе на улица и рече дека останува да ја брани земјата.

За триесет дена Украина стана руина со опколени градови. Украинските мажи и жени станаа жртви на војната што ја започна рускиот претседател Владимир Путин.

Предупредувања за инвазијата имаше уште од декември минатата година. Русија трупаше илјадници војници и опрема на границата со Украина, но и покрај укажувањата, дури и од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој рече дека не гледа оти собирањето на војската ќе запре, тешко беше да се замисли дека Русија ќе започне инвазија и покрај тоа што осум години трае конфликтот во источна Украина.

Киев - последици од најновото бомбардирање
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:08 0:00

За многу Украинци започнувањето на инвазијата изгледаше нереално, вклучително и за самиот претседател Зеленски, кој само неколку дена пред инвазијата на безбедносната конференција во Минхен рече дека „не веруваат дека ќе има војна во целосен обем против Украина“.

И тогаш Путин ги призна отцепените региони Доњецк и Луганск. Потоа ја најави „специјалната воена операција“, а Зеленски нареди мобилизација. Утрото на 24 февруари светот каков што го познаваме престане да постои.

Од почетокот на војната во Украина, повеќе од 10 милиони луѓе се раселени. Според Обединетите нации, 4,2 милиони ја напуштиле земјата, а останатите се раселени внатре во Украина.

Точниот број на загинати е непознат. До 19 март, најмалку 902 цивили се убиени, а 1.459 се повредени, соопшти Канцеларијата на ОН за човекови права.

Се смета дека вистинскиот број на загинати е значително поголем, бидејќи тимот на ОН за набљудување во земјата сè уште не може да ги прими или потврди извештаите за жртви од неколку тешко погодени градови, вклучително и од Мариупол. Локалните власти проценуваат дека во градот загинале најмалку 2.300 луѓе.

Украинка ранета додека го штитела своето бебе за време на руски напад
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:42 0:00

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека украинските здравствени установи биле нападнати 64 пати во изминатиот месец. Според СЗО, во нападите загинале 15 лица, а 37 се повредени.

Иако беше иницирана масовна евакуација на Мариупол, Зеленски рече дека околу 100.000 остануваат во градот во „нехумани услови“ и под постојано гранатирање и бомбардирање. Оние кои избегаа од Мариупол го опишуваа уништениот град.

„Не бомбардираат во последните 20 дена“, изјави Викторија Тотсен која успеа да побегне во Полска.

„Во последните пет дена, авионите прелетуваат на секои пет секунди и фрлаат бомби насекаде: над станбени згради, градинки, уметнички училишта, насекаде“, вели таа.

На еден месец по почетокот на инвазијата и во услови на преговори за прекин на огнот на кои не е постигнат голем напредок, Русија ги засилува своите напади, додека украинските одбранбени сили возвраќаат.

Во екот на бројните санкции наметнати кон Москва поради инвазијата на друга земја, руската економија трпи последици, какои и бројните олигарси на кои им се воведени мерки.

Два дена по почетокот на инвазијата, Европската унија исфрли некои руски банки од системот SWIFT и одобри досега невиден пакет воена помош и купување на оружје за Украина. Исто така, им забрани на руските авиони да влезат во воздушниот простор на Унијата, како и емитување на руските медиуми Спутник и Русија денес.

Во еден месец војна, Украинците продолжуваат да се спротивставуваат на инвазијата. Власта на земјата сè уште стои, а многу помалата армија се бори со руските сили на неколку фронтови. Милиони луѓе се раселени, бројот на загинатите се уште не е познат, а војната не е завршена.

Во меѓувреме, додека траат жестоките борби во Украина, украинскиот претседател се обидува да ја притисне меѓународната заедница за да добие помош за својата земја.

НАТО денеска ќе одржи состанок за Украина на кој ќе присуствува и претседателот на САД, Џо Бајден. Столтенберг изјави дека западната алијанса ќе распореди четири нови борбени групи низ Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка како дел од нејзиниот одговор на неиспровоцираната инвазија на Русија на Украина. Со ова Алијансата ќе има осум мултинационални борбени групи долж источното крило од Балтикот до Црното Море. НАТО веќе има борбени групи во Естонија, Латвија, Литванија и Полска.

И лидерите на Европската унија денеска во Брисел ќе го започнат дводневниот самит на кој ќе разговараат за руската воена агресија врз Украина, безбедноста и одбраната, енергијата, економските прашања, за ковид-19 и надворешните односи.

Американскиот претседател Џо Бајден ќе им се придружи на лидерите на ЕУ во текот на првиот ден од Европскиот совет на дискусија за поддршката за Украина и нејзиниот народ и за зајакнување на трансатлантската соработка како одговор на агресијата на Русија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG