Достапни линкови

Евроскептични граѓани - неодговорни политичари


илустрација
илустрација

Блокадите од Грција и Бугарија, долги години чекање и губењето надеж дека работите ќе се подобрат, ја зголемија недовербата на граѓаните во ЕУ, велат од невладината организација „Евротинк“. Но, порастот на евроскептични граѓани не треба да им биде алиби на политичарите за незавршените реформи на патот кон ЕУ, укажуваат меѓународните претставници во земјава

Барањето вина во Европската Унија за долгото чекање на Македонија пред вратите на Унијата резултира со зголемен евроскептицизам во земјава, согласни се и домашните аналитичари, но и меѓународните претставници. Но, она на што укажуваат некои од нив, е потребата од забрзано спроведување на реформите, а не користење на билатералните прашања како алиби за незавршената домашна работа.

Последното истражување кое Институтот за политички истражувања го направи за емисијата Детектор на Сител телевизија, покажува дека секој четврти граѓанин е против членство во Европската Унија. Анализата на последните три анкети кои Институтот ги спровел во последните четири години покажува дека од 2019 година до денеска, поддршката значително опаднала. Ако во 2019година, 67,4 отсто од анкетираните давале поддршка за членство во ЕУ, бројката во 2020 година паднала на 65,5 отсто, за денеска да се спушти на 55,8 проценти.

Слични резултати добила и невладината организација „Евротинк“ која два пати годишно го мери ЕУ расположението кај македонските граѓани. Процентот на согласност дека „членството на Македонија во ЕУ би било добра работа“ во 2022 изнесува 49 % наспроти 69 % во 2021.

Видлив е голем пад на расположението на граѓаните во врска со односот на ЕУ кон Македонија, вели извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски. Во 2021 година 48 % од испитаниците сметале дека односот на ЕУ кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки, а 2022 година тоа го мислат дури 65 отсто од испитаниците.

Николовски вели дека ваквиот однос на граѓаните кон ЕУ им одговара на политичарите на власт, кои покажувајќи ја ЕУ како главен виновник за долгото чекање на Македонија пред вратите на ЕУ, се ослободуваат од одговорноста за незавршените реформи.

„Политичарите дефинитивно тоа го користат како еден вид на оправдување и понекогаш дури и ги занемаруваат критиките од ЕУ кои ги добиваме од ЕУ во однос на борба против корупција, независност на судство и сл. И тоа е добар изговор. Но, од друга страна кога прашуваме дали би гласале за членство во ЕУ, оние кои рекле дека ќе гласаат против како причина за нивниот став го издвојуваат губењето на националниот идентитет, во контекст нели на прашањето со Бугарија“, вели Николовски.

Треба консензус за реформи

Сѐ до пред две години, Николовски вели дека и покрај сите разочарувања од евроинтегративниот процес, граѓаните покажувале доверба во ЕУ. Според него неизвесноста на самиот процес, уморот и губењето надеж дека работите ќе се подобрат се главните причини за зголемениот евроскептицизам.

И за дел од меѓународните претставници гледањето на ЕУ како главен виновник за неуспехот Северна Македонија да ги почне преговорите е резултат на реториката на политичарите, дел од медиумите и невладиниот сектор во земјава.

Во неодамнешното интервју за РСЕ холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп рече дека после години на голема поддршка, потребните реформи можеле да бидат спроведени уште пред неколку години. Според него постојаното нагласување на прашањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав создава можност ова да стане еден вид оправдување за да не се завршат реформите, односно, како што вели, да се одвлече вниманието за да не се завршат работите кои се навистина важни.

И евроамбасадорот Дејвид Гир деновиве изјави дека динамиката на спроведувањето реформи не е толку брза како што би сакала ЕУ, потсетувајќи дека процесот на реформи и нивното имплемeнтирање треба да се движи многу брзо и дека процесот на реформи бара сите политички партии да седнат заедно и да се согласат дека тоа е врвен приоритет за земјата за да може што поскоро да се зачлени во Унијата.

Но, според претседателот Стево Пендаровски Европската Унија направи стратешка грешка, што го остави регионот и Северна Мкедонија надвор, после сите компромиси кои, како што вели, „ги направивме како држава, без да помисли на тоа дека Балканот природно припаѓа во тој проект наречен „Обединета Европа“.

„Јас не велам дека балканските држави направија одлични реформи а европјаните тоа не го видоа, јас велам дека и тоа е повторно грешка на ЕУ, таму каде што не правевме реформи ние и сите други, ЕУ ја немаше гласно не правите реформи, и заради тоа нема да напредувате. ЕУ и САД дури сега почнуваат да критикуваат толку пари дадовме, а не гледаме резултати, вакви директни критики не сме имале изминатите години, а имаше поводи,“ изјави Пендаровски во интервјуто за радио Слободна Европа.

Незири: Не ЕУ, туку институциите се виновни за долгото чекање пред ЕУ

Со критиките на дел од меѓународните претставници се согласуваат и домашните аналитичари. Политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека властите не прават доволно напори за да ги изработат домашните задачи кои се услов за влез во Унијата.

„Вината треба да се бара прво кај институциите. Ние сме научени да правиме реформи само ако имаме нешто за награда, односно правиме реформи за да стигнеме до ЕУ која ќе ги отвори нивните фондови за следни проекти. Не ги правиме реформите за поефикасно функционирање на системот и државата. Значи институциите и државата не успеаја да ги спроведат потребните реформи во многу области, особено во борбата против корупцијата“, вели Незири.

Незири всушност не гледа политичка волја за спроведување на реформите и зголемување на демократските капацитети.

„Не се само споровите кои се согласувам, биле и се главни пречки, но сепак и темпото на спроведување реформи и европеизација на земјата, одеше и се уште оди толку бавно, што сега Бугарија, Грција или некоја друга земја остануваат како алиби или дежурен виновник за сите можни пречки на тој пат“, смета Незири.

На недостиг на резултати во областите судство, борба против корупција, владеење на правото и друго укажуваат релевантни меѓународни извештаи. Така на пример во европскиот извештај за напредокот на Македонија лани, Европската комисија повторно најде забелешки за имплементацијата на законите, нарушената работа на Собранието, но и потребата од поголема транспарентност при носењето државни одлуки.

Најновиот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент нотира сериозна корупција во власта, отсуство на судска независност, долготрајна правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството кои како што се наведува, „продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судот и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото“.

И според меѓународната организација Транспарени интернешнал, Македонија е на 85-то место (од 180 држави) со 40 индексни поени на Индексот на перцепција на корупција. Иако се бележи минимално подобрување од 2021 година, сепак нашата држава во 2022 година ја одбележаа големи корупциски скандали.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG